Појавувањето на нашиот национален тим во вторникот пред Бранденбуршката порта со трофејот од Светското првенство, ќе влезе и во самата срж на Републиката.
Летото 2006-та - кога Германија беше домаќин на Мундијалот и заврши трета - беше бајка за целата земја. Ова резултираше во еден вид чудо: Германците се помирија со себе соочени со подмладена репрезентација, чиј шарм и полетен стил на игра речиси и да немаше врска со застарената и неинспиративна игра на нивните претходници.
Тимот стана медиум за генерално опуштање меѓу Германците. Тоа им овозможи врска со симболите на националната гордост, а притоа никој да не биде нервозен околу тоа. Црното, црвеното и златното беа ОК - без разлика дали на знамињата или исцртани на лицата.
Никаде на светот никој не стравуваше од оваа експлозија од радост за германската татковина. Напротив, тие ја споделуваа радоста.
Тренерот Јоаким Лев, во тоа време беше асистент на Клинсман, а играчите како Филип Лам и Бастијан Швајнштајгер веќе ги сметаа за големи таленти. Кога Клинсман си замина во 2006-та, фудбалската федерација одлучи да го промовира мирниот Лев на негово место. Ова беше јасна благодарност за неговата улога во тимот зад сцените за време на Мундијалот во 2006-та.
По оваа одлука преовлада Лев и неговиот концепт на модерен, крајно креативен и елегантен фудбал, и покрај критиките и неуспесите како елиминацијата од Европското првенство во 2012-та.
Фактот што тој остана на кормилото се исплатеше во неделата вечерта. Речиси 2 милијарди луѓе го гледаа младиот Марио Гетце како го дава победничкиот гол во последните минути од продолжението.
Како и во полуфиналето против домаќинот Бразил, германската фудбалска репрезентација остави одличен впечаток не само на теренот, туку и пред и по натпреварот. Тие беа скромни и фокусирани пред првиот свиреж, насмеани и сочувствителни со поразениот тим кога натпреварот заврши.
Кога сопругите и децата на играчите излегоа за да се придружат на прославата која следуваше по финалето, и расплаканиот Мирослав Клосе ги крена своите деца за да ги гушне, сигурно дури и најзакоравените анти-германски чувства се растопија.
Репрезентацијата направи за перцепцијата на Германија исто колку што и Вили Брандт и Хелмут Кол направија за справување со духовите од двете светски војни. Тимот стана најпопуларното отелотворување, дома и во странство, на перцепцијата за тоа во што се претвори модерна Германија.
Лондонскиот либерален весник Гардијан имаше излив од зборови за интелигентниот дизајн на германската игра, и се поклони необично длабоко пред виртуозноста на професионализираната, активна промоција на млади играчи, која толку многу има направено за германскиот фудбал во последните две декади.
Без фантастичните германски центри за млади таленти, играчи како Гетце никогаш немаше да се појават. Образовните политики на земјава мора да бидат оптимизирани на ист начин начин, фокусиран кон цели.
Сепак, германската репрезентација помалку е потврда на германските политики, отколку нивна контраточка.
Единаесетмината на Лев понудија идеален микс на тимски дух и индивидуалност. Колективот победи заради максимизирање на слободата на секој играч. Лекцијата од ова политички либерално малцинство е дека солидарноста со послабите и ранливите, не му помага само на тимот туку и на поединците. Она што треба да се запамети е дека ништо не ја поттикнува силата на поединецот како натпреварувањето.
Многу човечки мудрости доаѓаат од триумфот. Ова е победа за тренер и капитен, кои наместо да играат на картата на авторитарност, го гледаат најдоброто во еден играч дури и кога тие не го гледаат тоа во себе. Како обединети уметници германскиот национален тим јасно покажа дека уметноста е многу повеќе отколку обичен декор на чистата вештина. Таа е предуслов за победување на 21-от век.
Ви благодарам за ова незаборавно Светско првенство.