Како што официјално започнаа американските претседателски избори 2020 (на некој начин, со гласањето во Ајова), време е да се разгледа каква е ситуацијата со конкуренцијата. Првиот заклучок е застрашувачки: Како да не беше доволен еден, сега ни е јасно дека демократите се натпреваруваат против два Доналд Трампа.
Првиот Трамп е личноста што во ноември 2016 од гласачите беше избрана за 45-ти претседател на САД. Ова е Трамп кој го одржа говорот за состојбата на нацијата, набројувајќи ги своите политики и навестувајќи ја содржината на својата кампања за реизбор.
Но има уште еден Доналд Трамп, „Трамп“ од фантазиите на Демократската партија - император на злото налик Дарт Вејдер, чиј говор во претставничкиот дом беше методично искинат на парчиња од Ненси Пелоси, како да е дел од фрлање на античка клетва по која „Трамп“ конечно ќе се растопи пред нејзините нозе.
„Трамп“ е ликот што Берни Сандерс го нарекува „најкорумпираниот претседател во историјата“ а во ТВ рекламите на Мајк Блумберг е „гневен претседател без контрола“.
Додека остатокот од земјата си бркаше своја работа во изминатите 3 години, демократите и добар дел од вашингтонските медиуми се обидоа да го престават претседателството на Трамп како еден вид Војна на ѕвездите трилогија во која се судираат силите на доброто и злото.
Првата епизода беше „Наративот за соработка со Русите“ во која „Трамп“ прави конспирација со првиот човек на руската империја за уништување на американската демократија. Вториот дел, кој продолжува од местото на кое нè остава драмата со Милер, е „Попречување на правдата“, кој за разлика од блокбастерот „Соработка“ имаше краток животен век.
Потоа следува последниот дел од трилогијата „Импичмент“. Бокс-офисот за „Импичмент“ беше ужасен и на крај во Сенатот доби 52 палци надолу.
Како холивудско студио што премногу инвестирало во некое продолжение, Демократската партија ја стави цела куќа како влог и своите шанси за освојување на претседателството, на веројатноста дека американскиот народ од сето ова ќе заклучи дека тие го држат „Трамп“ во рака. И ова нема да се промени.
Кинењето на говорот на Трамп од страна на Пелоси беше симболичен акт на отфрлање на „Трамп“, меѓутоа таа веројатно направи дополнителна штета на брендот на својата партија со тоа што практично ги отфрли и навреди сториите за неспорен личен триумф кои само што ги слушнавме (како дел до говорот на Трамп). Тоа беше погрешна проценка.
Меѓутоа Ненси Киначката (Nance the Ripper) ни покажа многу повеќе од тоа. Сите засебни политики и проблеми идентификувани во говорот на претседателот - работа, економија, енергија, здравствена заштита, Иран, аспирациите на малцинствата - главно се сметаат за нормални политички теми. Меѓутоа нормалната политика е станата нерелевантна за стратегијата на таа партија.
Без разлика колку беше невнимателен гестот на Пелоси, секогаш има ред во нејзиното лудило (во тоа, таа и нејзиниот душман „Трамп“ се близнаци).
Откако Трамп победи на изборите во 2016, Пелоси секако увиде дека нејзината зовриена, незадоволна партија не претставува убава слика. На демократите им беше неопходно да го измислат едно-димензионалното чудовиште наречено „Трамп“ за да го одвлечат вниманието на американскиот народ од фактот дека нивната партија е длабоко поделена меѓу крајната левица на Сандерс и централната левица на Клинтон, поделба која незапирливо доведе до политичкиот блам на кој сведочевме во Ајова.
До крајот на средата, Пит Бутиџеџ, вешт камелеон, изгледа беше речиси изедначен по делегати со Берни Сандерс - среќниот губитник од 2016 која стана бајрактарот на американската левица. Меѓутоа Ајова беше погубна за Џо Бајден и центарот на партијата. Едно неспретно сојузно гласање нема да ја одлучи номинацијата, меѓутоа лекциите од поделбата на партијата се јасни: движи се кон лево или биди поразен.
Умерените како сенаторката Ејми Клобушар можат да се спротивстават на ова левичарско приклонување, меѓутоа ваквото дисидентство го прават на сопствена штета. Земете го Блумберг како пример за овој левичарски притисок, кој најверојатно ќе има корист од ваквиот хаос.
Минатиот викенд поранешниот њујоршки градоначалник ги објави рамките на својот даночен план. Го нарече „прогресивен“, и во право е за тоа.
Во текст од ноември на сајтот на Центарот за данок за ЦО2 имаше наслов „Климатскиот момент - и движење - го одминаа Мајк Блумберг“. Во него станува збор за политиките околу даноците за животната средина, наведувајќи дека ЦО2 данокот повеќе не се смета за доволен за собирање на „огромните суми што се неопходни“ за плаќање на програмите за зелена енергија.
Текстот објаснува дека според новото истражување на економисти од Универзитетот Калифорнија, Беркли, „во САД даноците на екстремно богатство и финансиски трансакции, надополнети со зголемување на данокот на имот, маргинални даночни стапки на приход, капитални добивки и корпоративни даноци, ќе можат да генерираат илјадници милијарди долари од најбогатите американски домаќинства.“
Даночниот план кој Блумберг само што го објави е копија на таа мешавина на даночни политики. Во неа се предлагаат повисоки даноци на корпорации, висок приход, имот и капитални добивки. Што е до данокот на финансиски трансакции, тој се уште „го разгледува“.
На претседателско ниво фразата „умерен демократ“ изгледа се повеќе како оксиморон. Овие „умерени“ кандидати се нешто сосема поинакво, политички суштества кои минуваат низ еволуција од модернисти во прогресивци. Тие сега се модпрогови, неодреден вид со кој гласачите тешко се идентификуваат.
Па нивното решение беше да го создадат „Трамп“. Кој или е суштество што минало импичмент или претседател кој само што стигнал до 49% на анкетата на Галуп.
Среќно со продолжението на Ајова во Њу Хемпшир.