Во март 2016, 83% од Русите го поддржуваа анектирањето на Крим, додека само 13% беа против тоа. Дури и прогресивните - вклучувајќи некои што во 2011-2013 протестираа против режимот на плоштадот во Москва - во Крим открија причина за поддршка на Путин, иако со одредени резервации. Путин сега ужива поддршка од 80%, што одразува колку тој и Крим се поврзани во размислувањето на Русите.
Причината зошто анектирањето привлече толку голема поддршка е едноставна. За најголемиот дел Руси, Крим останува дел од "империјата" и културолошки и географски. Секако, Русија не ја поседува истата сила и ресурси за повторно создавање на империјата, дури и во границите на некаков апстрактен "руски свет". Меѓутоа фокусирајќи се на Крим, режимот на Путин успеа да создаде чувство на достигната историска правда и да ги оживее очекувањата за враќање на статусот на "голема сила".
Секако, не секој во Русија го поддржува анектирањето. И противниците на анектирањето се неколебливи, опишувајќи го Крим како окупирана територија. Без разлика, тие сочинуваат само мало малцинство и немаат никакво вистинско влијание (за што режимот сериозно се погрижи). Тие буквално се опколени од луѓе кои безусловно ги поддржуваат властите и посебно Путин.
Ваквата реакција може да биде изненадувачка, имајќи ги предвид можните последици од анектирањето - посебно економското влијание на западните санкции, чии ефекти се надополнети со понирачките цени на нафтата од јуни 2014. Емоционалните елементи секако имаат улога. Ама ова не се должи на манипулација од пропагандата.
Всушност, главната причина зад мнозинството од руската поддршка од анектирањето Крим е токму тоа: Русите го поддржуваат ова. За просечниот пост-советски Русин, кој го придоби Крим од својот кауч, држејќи го далечинското во рака, застанувањето во редот со мнозинството е далеку по привлечно отколку бунтувањето против него - толку многу што Русите одбиваат директно да размислуваат за она што се случува. Ова е типична психологија на толпа.
Ваквата решителна поддршка се пренесе и на "праведните", "одбранбените" и "превентивните" воени операции што произлегоа од Крим, од Донбас до Сирија, дури и во трговската војна со Турција. И покрај очигледните ризици поврзани со ваквите потези, Русите го прифатија наративот дека тие се неопходни за зачувување на стабилноста, а да не го спомнувам новостекнатиот статус на Русија како "голема сила."
Како да не беа доволно контра-интуитивни, Русите изгледа како да ги подржуваат погрешните економски одлуки на режимот на Путин токму затоа што нивната економска ситуација е толку тешка. Просечниот Русин беше многу брз во навраќањето на навиките поврзани со културата на оскудност од неодамнешното минато. Нивното внимание е фокусирано на стекнување основни потребштини како храна и облека; малкумина се заинтересирани за анализирање на причините за падот на нивните животни стандарди.
А кој може да ги обвини? Сепак, Русите што размислуваат околу политичкиот контекст инстантно се соочени со грдата реалност: режимот ја има распарчено целата опозиција. Најмалку еден гласен критичар на режимот имаше предвремен крај.
Токму затоа дури и демонстрации против некои владини одлуки или последици не се толку "протести против" туку "апели" до режимот. Без фундаментална промена на политичкиот систем, малку е веројатно дека вакви демонстрации, дури и ако станат почести, ќе бидат мнозински опозициски. А без опозициски протест, системските промени се малку веројатни.
Во отсуство на отворена политичка конкуренција, Путин изгради систем за контрола во самите елити. Група лојални либерали ги држат клучните финансиски и економски позиции, балансирајќи за подмолните ликови во војската и специјалните сили, вклучувајќи и структури како Советот за безбедност, кои често пати служат како инкубатор за елегантни теории на заговор околу Западните завери. Секако, сите членови на елитата мораат постојано да ја демонстрираат својата лојалност кон Путин.
Истиот систем ги спречува руските елити да притискаат за промени (за разлика од минатото, кога овие елити се обидуваа да ги иницираат реформите), бидејќи со тоа се исклучува можноста за анти-Путин сплетки. А режимот изгледа релативно стабилен, барем за сега. Всушност, тој само стекнува сила од 2012, и сега, откако јавната поддршка по Крим купи уште малку време, режимот се обидува да се адаптира на продолжените економски, политички, и социјални проблеми со кои Русија се соочува.
Меѓутоа ова време, секако, е ограничено. Токму затоа, пред септемвриските парламентарни избори, режимот се повеќе го насочува вниманието на граѓаните кон внатрешните "закани" - односно, политичките противници и наводните "предавници". Еден забележителен пример за ова е поранешниот претседател на Јукос, Михаил Ходорковски, чиј сомнеж околу лидерството на Путин го одведе во затвор, а подоцна и егзил.
Во 1970, советскиот дисидент Андреи Амалрик, во пророчки есеј запрашува "Дали Советскиот Сојуз ќе преживее до 1984?" Денес мора да прашаме уште колку ќе опстане режимот на Путин. Многу е веројатно дека ќе трае до следните претседателски избори, во 2018. Дали ќе ги издржи и следните избори, во 2024, е прашање што кремлинолозите - сорта која почна да закрепнува - наскоро ќе го дебатираат.