Следењето на случајот што американската влада го гради против Џулијан Асанж е како во голема сала да гледаш магионичар што лебди. Можеш да видиш дека лебди, ама немаш поим како. Ако важеа нормалните закони на гравитацијата, случајот против Асанж веќе ќе имаше лупнато на земја.
Сепак, главниот сведок на обвинителството призна дека лаже во своето сведоштво пред судот, а обвинетиот и неговите адвокати се шпионирани од разузнавачка агенција на владата која се обидува да го екстрадира. Во кој било друг случај, самото постоење на фактите ќе беше доволно за да се прекине судската постапка, меѓутоа овој детаљ го прави уште пообврзувачки аргументот за откажување од екстрадиција.
Последната вест е дека Сигурдур „Сиги“ Тордарсон му призна на исландски новинар од магазинот Стундин дека лажел кога сведочел дека Џулијан Асанж му дал насоки да ја хакира американската влада. Доказите на Тордарсон не се маргинални за американскиот случај: тие се преплетени низ целото обвинение, и на нив конкретно се осврнува судот од Вестминстер кога одлучуваше за екстрадиција во деловите од пресудата кои се негативни за Асанж.
Всушност, кога администрацијата на Трамп сфати дека имаат слаб случај, тие конкретно го бараа Тордарсон во Исланд и повторно ги издадоа своите обвиненија против Асанж за, како што си замислуваа, да бидат засилени од овие докази. Требаа подобро да размислат.
Да се каже дека Тордарсон е сведок на кој не може да му се верува е многу внимателно составена изјава. Неговите тврдења беа проверени од администрацијата на Обама и беше заклучено дека се премногу проблематични за да бидат сериозно сфатени. Администрацијата на Трамп го ре-анимираше Тордарсон во надеж дека внесе нов живот во се послабиот случај.
Тордарсон беше волонтер во Викиликс, кој работеше на собирање финансии. Тој украде околу 50.000 долари од Викиликс и лажно се претставуваше пред остатокот од светот со цел да проневери пари. Тој исто така е обвинет за сексуално малтретирање на деца. По двете основи, Џулијан Асанж помогна Тордарсон да заврши во затвор. Неговиот мотив за повторно да ја лаже администрацијата на Трамп беше едноставен: одмазда. А неговите лажни докази требаа да ја засилат сржта на американскиот случај: дека Асанж е хакер, а не новинар.
Што точно го увери овој сериски лажго да признае дека го измислил материјалот на кој толку многу се потпира американскиот случај, не можеме да знаеме. Меѓутоа неговата одлука да го направи тоа го разорува нивниот случај за екстрадиција.
Тордарсон на истражувачкиот тим на Стундин му признава дека Асанж од него никогаш не побарал ништо да хакне. Всушност, тој сега вели дека претходните тврдења дека Асанж му рекол да упадне во компјутерите се лажни.
Сепак токму ова се доказите од кои зависи обвинението на САД. Всушност, за нив ова беше толку важно што тие го искинаа оригиналното обвинение против Асанж за да можат да реиздадат ново обвинение кое конкретно ги содржи доказите од Тордарсон - докази кои сега е признаено дека се тотална измислица.
Во ваков момент најголем дел од случаите за кои ќе се дознае дека се базираат на лажни сведоштва би колабирале. Но не и случајот против Асанж, кој сега оди на Апелационен суд каде САД ќе се обидат да ја сменат првостепената одлука од почетокот на годинава, во која беше одбиена екстрадиција на Асанж бидејќи американскиот затворски систем е толку „опресивен“ што Асанж би бил во опасност од самоубиство ако биде примен таму.
Не е и дека признанието на Тордарсон е прв пат да се појават докази кои вообичаено би запреле која било судска постапка. Веќе се знае дека Асанж и неговиот правен тим се шпионирани од шпанска фирма за обезбедување која репортира кај ЦИА. Фирмата, УЦ Глобал, беше ангажирана за обезбедување на амбасадата на Еквадор во Лондон, кога на Асанж му беше даден азил. Тие беа поткупени од ЦИА, која за возврат доби аудио и видео снимки од Асанж и неговиот правен тим во амбасадата. Ова е откриено во судски случај кој е во тек во Шпанија.
И тука е сржта на целиот проблем: владата на САД под Трамп дозволи да се развие мислењето дека основите на истражувачкото новинарство се закана за националната безбедност. Соодветно, Џулијан Асанж беше прекласификуван како „сајбер-терорист“, не новинар.
Држејќи се до оваа опасна фантазија, американската влада држи новинар во затвор со високо обезбедување направен за терористи, и покрај првичната одлука на судот која е против нив.
Време е и американската и британската влада да стават крај на оваа засрамувачка фарса. Секоја голема организација за човекови права на планетава изјави дека ова е погрешно. Новинарските синдикати низ светот велат дека ова е погрешно. Парламентарци од Италија протестираат во својот законодавен дом за да кажат дека ова е погрешно. Германски пратеници бараат Ангела Меркел да му каже на Џо Бајден дека ова е погрешно. Австралиски пратеници водат кампања за ослободување на Асанж. Британски пратеници протестираат пред Белмарш затворот затоа што не им дозволено да имаат брифинг со Асанж.
Како што случајот на Асанж оди во Високиот суд, така ние стигнуваме до критичниот момент. Ова е клучниот случај за слободата на печатот во 21-от век. Ако го изгубиме, сенката на авторитарната влада врз политиката ќе биде уште поголема и подебела. Не треба да дозволиме тоа да се случи.