Берни Сандерс

Што понатаму за демократите?

Милиони Американци во вторникот гласаа против, изразувајќи го своето остро противење на економскиот и политички систем што ги става богатите и корпоративните интереси пред нивните. Јас силно ја поддржував Хилари Клинтон и водев кампања во нејзина корист, и верував дека таа е вистинскиот избор на денот на изборите. Меѓутоа Доналд Трамп ја освои Белата куќа затоа што реториката на неговата кампања успешно се всади во многу реалниот и оправдан гнев, гнев што многу традиционални демократи го чувствуваат.

Жал ми е, но не сум изненаден од исходот. За мене не е шок што милиони луѓе што гласаа за г-дин Трамп го направија тоа бидејќи им е смачено и се уморни од економскиот, политичкиот и медиумскиот статус кво.

Работничките семејства гледаат како политичарите собираат финансиска поддршка од милијардери и корпорации - и потоа ги игнорираат потребите на обичниот Американец. Изминатите 30 години, премногу Американци беа предадени од своите корпоративни газди. Тие работеа подолго за пониски плати, додека гледаа како пристојно платените работни места се селат во Кина, Мексико или некоја друга држава со ниски плати. Тие се уморни од тоа нивниот ЦЕО да заработува 300 пати повеќе од нив, додека 52% од сите нови приходи одат кон најбогатиот 1 процент. Голем број од нивните убави рурални градови се напуштени, нивните продавници во центарот на градот се распаднати, нивните деца си заминуваат од дома бидејќи немаат работа - и сето тоа додека корпорациите го цицаат богатството од нивната заедница и го трупаат на офшор-сметки.

Американските работници не можат да си дозволат пристојна, детска грижа за своите деца. Тие не можат да ги пратат своите деца на колеџ, и немаат ништо во банка на нивниот пат кон пензионирање. Во најголем дел од земјата тие не можат да најдат дом по прифатлива цена, а цената на здравственото осигурување е премногу висока. Премногу семејства живеат во очај додека дрогите, алкохолот и самоубиствата го намалуваат животниот век на се поголем број луѓе.

Новиот претседател Трамп е во право: американскиот народ сака промени. Меѓутоа какви промени тој ќе им понуди? Дали ќе има храброст да им се спротивстави на најмоќните луѓе во земјава кои се одговорни за економската болка што ја чувствуваат толку многу работнички семејства, или пак ќе го сврти гневот на мнозинството кон малцинствата, имигрантите, сиромашните и безмоќните?

Дали тој ќе има храброст да му се спротивстави на Вол стрит, да ги растури "премногу големи за да пропаднат" финансиските институции и да бара од големите банки да инвестираат во мали бизниси и да креираат работни позиции во рурална Америка и централните делови од големите градови? Или ќе назначи уште еден Вол стрит банкар да го води Трезорот и да продолжи со бизнисот по старо? Дали тој како што вети за време на кампањата навистина ќе се соочи со фармацевтската индустрија и ќе ги намали цените на лековите на рецепт?

Длабоко се потресувам кога слушам стории за тоа како Американците се заплашувани и малтретирани по победата на г-дин Трамп, и го слушам плачот на семејства кои живеат во страв дека ќе бидат разделени. Имаме премногу постигнато во земјава во борбата против дискриминацијата. Бидете уверени, нема компромис за расизмот, ксенофобијата и сексизмот. Ќе се бориме против ова во сите негови форми, без разлика кога и каде ќе се појави.

Со отворен ум ќе ги дочекам идеите што г-дин Трамп ќе ги понуди и кога и како можеме да соработуваме. Со тоа што тој на национално ниво го изгуби гласот на народот, ќе биде добар избор за него да ги чуе гледиштата на прогресивните. Ако избраниот претседател е сериозен околу спроведување политички што можат да го подобрат животот на работничките семејства, тогаш ќе му претставам неколку многу реални можности за тој да може да ја заработи мојата поддршка.

Ајде да ја изградиме нашата инфраструктура што е во распаѓање и да создадеме милиони добро платени работни места. Ајде да ја кренеме минималната плата на ниво на плата со која може да се живее, и да им помогнеме на студентите да можат да дозволат да одат на колеџ, да обезбедиме платен семеен и медицински одмор и да ја прошириме социјалната заштита. Ајде да го реформираме економскиот систем кој овозможува милијардери како г-дин Трамп да не платат ни пара за данок на приход. И најважно, ајде да ставиме крај на способноста на богати финансиери на кампањи да купуваат избори.

Во претстојните денови, јас исто така ќе предложам серија реформи кои треба да внесат нов живот во Демократската партија. Силно верувам во тоа дека партијата мора да ги прекине врските со корпоративниот естаблишмент и, повторно, да стане грас-рут партија на работниот човек, старите луѓе и сиромашните. Ние мора да ги отвориме вратите на партијата и да посакаме добредојде за идеализмот и енергијата на младите луѓе и на сите Американци кои се борат за економска, социјална, расна и еколошка правда. Ние мора да ја имаме храброста да се спротивставиме на алчноста и моќта на Вол стрит, на фармацевтските компании, на осигурителните компании и на индустријата на фосилни горива.

Кога мојата претседателска кампања заврши, јас им ветив на моите симпатизери дека политичката револуција ќе продолжи. И сега, повеќе од кога и да било претходно, тоа мора да се случи. Ние сме најбогатата нација во историјата на светот. Кога сме сплотени и кога не дозволуваме демагозите да не поделат по раса, пол или националност, тогаш не постои нешто што не можеме да го постигнеме. Мора да одиме напред, не назад.

Берни Сандерс,
Њујорк Тајмс