Судејќи според млаката реакција на медиумите и јавноста во Србија, изгледа дека нема поголеми возбудувања околу хрватската и британската блокада за пристапните преговори на соседната земја со Европската Унија. Хрватска е за блокада на поглавјето 23 за правосудството и темелните права, додека Британија - по референдумот само технички членка на ЕУ - својата несогласност за усвојување на заедничката преговарачка позиција кон официјален Белград ја објаснува со технички причини заради своето напуштање на Унијата. Дека нема некоја посебна нервоза потврдува и министерот за надворешни работи со технички мандат, Ивица Дачиќ, кога вели: "Мислам дека е во интерес на самата ЕУ да излезе во пресрет на што побрзото отворање на поглавјето, бидејќи сите земји од западниот Балкан, наспроти Британија, имаат интерес што поскоро да станат членки на ЕУ. Доколку поглавјето може да се отвори во јуни, во ред, доколку не - тоа ќе се случи во јули или во некој друг месец." Згора на ова и неодамнешниот состанок на српскиот мандатар Александар Вучиќ и хрватската претседателка Колинда Грабар - Китаровиќ може да се гледа токму во светло на потребата од итно приближување на ставовите, а сè со цел отворање на спорното поглавје.
Да потсетиме дека Хрватска за време на краткотрајниот дипломатски мандат на Миро Ковач нагло ја откри шансата да и ги загорчи преговорите на соседна Србија. Така Хрватска побара во Србија да се укине Обвинителството за воени злосторства. Тој своевиден мини-Хашки суд имаше право да процесира и граѓани кои не се државјани на Србија, регионална надлежност која и пречи на Хрватска. Притоа, секако, се заборава дека основањето на белградското обвинителство во 2003-та беше токму императив на ЕУ и еден од клучните услови за Србија воопшто да добие право на пристапни преговори. Меѓутоа, многумина сметаат дека Хрватска со кочењето всушност им прави услуга на Србите бидејќи во Унијата, откако еднаш ќе влезат, засекогаш ќе бидат во улога на членка од втор ред, исто како Хрватска. Впрочем, влегувањето во таа заедница сега, откако Британија одлучи да замине од истата, навистина наликува на качувањето на последните патници на Титаник.
Исто така, во Србија се уште не се зборува дали со референдум ќе се провери волјата на народот, не само затоа што во земјата никогаш не фалеле скептици за евроатланските интеграции, туку и затоа што по примерот на Хрватска може да се види дека полупериферните земји во ЕУ минуваат како боси по трње. Унијата и досега се покажа првенствено како место за постојани несогласувања меѓу големите, а во тој правец се толкува и брегзит. ЕУ и нејзините кризи (грчката, имигрантите, брегзит...) пред сè се шанси за шпекулантите. Па така Џорџ Сорос, кој во 1992 профитираше кладејќи се против фунтата, овој пат заработи купувајќи злато, чија цена по референдумот нагло порасна. Значи ако Унијата првенствено е рај за неизбрани бирократи и шанса за банкарите и шпекулантите, јасно е дека полуразвиена земја како Србија таму нема што да бара, бидејќи малку кој денес има илузии дека ЕУ е место на демократија и просперитет, развој и бегство од сиромаштијата.