Светските цени на енергијата не запираат да растат, инфлацијата е во налет, синџирите за снабдување се во хаос а милиони луѓе немаат пристап до гас, житарки и ѓубриво. И покрај ова варварството на Владимир Путин само ескалира - како и неговата контрола врз сопствениот народ.
Да се критикуваат западните санкции е речиси анатема. Аналитичарите за безбедност се глупи на оваа тема. Тинк-тенковите за стратегија се неми. Идните британските лидери, Лиз Трас и Риши Сунак, се натпреваруваат кој ќе има повоинствена реторика, ветувајќи уште построги санкции без да спомнат ниту збор за нивната цел. Сепак, изрази и траг скептичност кон темата и ќе бидеш осуден како „про-Путин“ и анти-Украина. Санкциите се воениот повик на крстоносната војна на Западот.
Реалноста на санкциите против Русија се дека тие повикуваат на контра-одговор. Путин слободно може зимава да ја замрзне Европа. Тој го намали снабдувањето со гас од главните гасоводи како Северен тек 1 за 80%. Светските цени на нафтата растат, а дотокот на пченица и друга храна од Источна Европа до Африка и Азија речиси целосно е запрен.
Британските сметки за гас се пред тројно зголемување во рок од една година. Главна корист од ова има токму Русија, чиј извоз на енергија во Азија порасна, создавајќи суфицит без преседан во нејзиниот баланс во трговијата со странство. Рубљата годинава е една од најсилните светски валути, која од јануари се засили за речиси 50%. Имотот на Москва во странство е замрзнат а нејзините олигарси ги преселија своите јахти, меѓутоа нема ни еден сигнал дека на Путин му е гајле за тоа. Него не го чекаат ни избори за кои би требало да се секира.
Меѓузависноста на светските економии, која толку долго се сметаше за инструмент за мир, се претвори во инструмент за војна. Политичарите околу НАТО масата беа мудро претпазливи околу ескалирањето на воената помош на Украина. Тие го разбираат военото одвраќање, а сепак изгледаат целосно наивни околу економијата. Постојано го повторуваат Доктор Стрејнџлов, и сакаат да ја бомбардираат руската економија до „каменото доба“.
Би бил изненаден да дознаам дека каков било документ некогаш е поднесен до кабинетот на Борис Џонсон, кој го предвидува веројатниот исход за Британија од руските санкции. Претпоставката изгледа е дека ако трговското ембарго предизвикува болка, тогаш тоа функционира. Бидејќи директно не убиваат луѓе, санкциите некако се прифатлива форма на агресија. Тие се базираат на нео-империјалистичката претпоставка дека западните држави се овластени да го подредуваат светот како што тие сакаат. Тие се спроведени, ако не со помош на воени чамци, тогаш преку капиталистичките мускули на глобалната економија. Бидејќи главно се наметнуваат против мали, слаби држави кои брзо ги снемува од насловните, нивната цел главно е симболична и прави да се чувствуваш добро.
Редок изучувач на оваа тема е американскиот историчар Никола Мулдер, кој посочува дека над 30 „војни“ со санкции во последните 50 години имале минимално ако не и контрапродуктивно влијание. Нивната цел е „народот да се заплаши и да ги скроти своите принцови“. И тие главно имаат спротивен ефект. Од Куба до Кореја, од Мијанмар до Иран, од Венецуела до Русија, автократските режими се забарикадирани, елитите се засилуваат а слободите се уништуваат. Санкциите некако успеваат да всадат самодоволност и потпирање на самите себе дури и кај нивните најслаби жртви. Речиси сите од најстарите диктатури на светот имаат корист од западните санкции.
Москва не е ниту мала ниту слаба. Друг посматрач, експертот за Русија од Ројал јунајтед сервисес институтот, Ричард Коноли, го следи одговорот на Путин на санкциите наметнати против него по освојувањето на Крим и Донбас во 2014. Нивната цел беше да се промени правецот на Русија во тие региони и таа да се одврати од идна агресија. Нивниот неуспех не може да е поочигледен. Оправданието на апологетите е дека тоа е затоа што ембаргото било премногу слабо. Сегашните, можеби најстрогите што некогаш биле наметнати на голем светска сила, можеби сега не работат, ама ќе дадат резултати со тек на време. Тие наводно ги празнат залихите на Русија на микрочипови и делови за дронови. Тие наскоро ќе го натераат Путин да моли за мир.
Ако Путин моли, тоа ќе биде на военото поле. Дома, Коноли илустрира како Русија „полека се адаптира на новите околности“. Санкциите ја унапредија трговијата со Кина, Иран и Индија. Тие се од корист за „инсајдери поврзани со Путин и со владеачката свита, која прави големи профити од замените за увозот“. Локациите на Мекдоналдс низ земјата се заменети со рускиот ланец наречен „Вкусно и точка“. Секако економијата е послаба, ама Путин е посилен, додека санкциите создаваат нова економска средина низ Азија, која прифаќа се понагласена улога на Кина. Дали ова беше предвидено?
Во меѓувреме, Западот и неговите луѓе се втурнати во рецесија. Лидерството е разнишано а несигурност се шири низ Британија, Франција, Италија и САД. Прегладнетите за гас Германија и Унгарија се блиску да заиграат по музиката на Путин. Трошоците за живот секаде ескалираат. Сепак никој не се осудува да ги преиспита санкциите. Станува сквернавење да се признае нивниот неуспех или да се прифати повлекување. Западот беше заведен во безвременската иронија на агресијата. Со тек на време нејзина најочигледна жртва е агресорот. Можеби, сепак, треба да се држиме до војната.