Ричард Сталман и падот на изгубениот генијалец

Контроверзниот пионер на слободен софтвер си даде оставка во МИТ по неговите коментари за Џефри Епстин и Маврин Мински. И Сталман нема да биде последниот.

Пред неколку дена некој на Твитер ме прашаа дали повторно би потпишал примерок на „Хакери“ од верзијата со сина корица, бидејќи постојниот примерок што тој го има е потпишан од Сталман, па би сакал да го запали.

Малку перспектива: пред 35 години напишав книга која се вика „Хакери“. Последната глава се фокусираше на еден сериозно чуден млад човек кој себе си се сметаше за единствениот преживеан припадник на неопеаната супкултура на споделување информации во МИТ. Тој беше, по негови зборови, како и Иши, последниот од Јахи луѓето, единствениот преживеан припадник на неговото племе. Сталман, а.к.а. РМС (RMS, како што му е мејлот) подоцна достигна слава во дигиталниот свет како борец за слободен софтвер. Минатата недела Сталман (кој во минатото има пишувано за Вајард) напиша некои коментари поврзани со случајот на Џефри Епстин кои имплицираа дека секс со млади жени не е „сексуален напад“. Подлабоко нурнување во неговата архива открива и некои негови сомнителни коментари за педофилија. Сега Сталман е отфрлен, дури и од некои од најголемите фанови кои сега се сред фрлање книги во оган за да се ослободат од неговиот потпис.

Пред неколку дена РМС даде оставка во МИТ и во Фондацијата Слободен софтвер што тој ја основаше. За оние кои го следат неговото движење за слободен софтвер, Сталман да го напушти МИТ е како да ја иселат главната зграда на кампусот во МИТ. Но по децении игнорантско однесување, а сега почнаа да се појавуваат и поплаки од жени за неговото однесување, времето на Сталман истече.

Меѓутоа проблемот е многу поголем од Сталман, добитник на Мекартур грантот за генијалци и автор на клучни делови од слободниот софтвер кој денес во основа го придвижува нашиот свет. Самиот МИТ се распаѓа заради Епстин, сега веќе починатиот сериски силувач кој успеа да се бутне во Медиа лаб со своите пари и она што првите луѓе на Медиа лаб го сметаа за шарм. Директорот на лабораторијата, Џои Ито (кој исто така има пишувано за Вајард), поднесе оставка под притисок, а сега луѓето бараат отстранување и на претседателот на МИТ, кој наводно ги одобрил плаќањата. Меѓутоа аферата со Сталман има врска со нешто сосема друго: зовриен презир кон третманот на жени од страна на запуштени генијалци кои го изградија нашиот дигитален свет, како и оние од науката и бизнисот кои имаа корист од напорите на хакерите. Со откритијата за Епстин овој презир преври.

Сталман самиот се стави на патот на гневот со своите ставови во меил преписката на Лабораторијата за вештачка интелигенција на МИТ, каде го бранеше починатиот гуру за вештачка интелигенција Марвин Мински. Во сведочењето, една од жртвите на Епстин кажува дека тој ја упатил да има секс со Мински. Сталман на ова реагира на начин кој не е изненадувачки за секој што го знае Сталман. Наместо да ја земе предвид болката на младата девојка што била третирана на таков начин, тој ситничари дали таков случај би бил соодветен пример на „сексуален напад“, бидејќи младата жена, по негово размислување, на Мински би му изгледала дека самоволно му пристапува. (Се уште не е со сигурност утврдено дали Мински имал секс со девојката.) Во меил преписката има уште еден класичен Сталман-изам: Тој сака да го прочита сведочењето, но тоа е достапно само како Гугл док. Бидејќи Сталман го бојкотира целиот комерцијален софтвер, тој мораше да замоли некого да му го прати.

Сталман покажа слична заслепеност пред повеќе од 10 години со идиотски коментари околу педофилија, објаснувајќи дека 14-годишни девојки имаат слободна волја и заради тоа не можат да бидат жртви на постари мажи кои имаат секс со нив. Неодамна тој го порекна ова, објаснувајќи дека луѓе се потрудиле да му објаснат дека девојките всушност страдаат од таквите контакти, и дека се предомислил.

Маните на Сталман се легендарни меѓу луѓето од компјутерските науки. Луѓе кои никогаш не го запознале знаат за неговите каприци. А ги има многу. Кога патува за да држи говор, тој сака да е сместен кај домаќините наместо во хотел. Пред неколку години, се појави листа на насоки за овие домаќини, по која Ролинг стоунс изгледаат лесни за задоволување. Тој специфицира, на пример, дека сака папагали и дека би сакал да има интеракција со пријателски папагали, меѓутоа се надева дека неговиот домаќин не би се чувствувал обврзан да купува папагал само за неговата посета.

Генерално, зборот „несоодветно“ не е во неговиот речник. Тој еднаш покани моја пријателка на ручек во луксузен ресторан, и таа прифати, под услов тој да се исчешла и да носи соодветна облека. По убавиот ручек, тој ја прашал дали би и пречело ако тој танцува. Таа му одговара „слободно“, по што Сталман почнува да танцува меѓу масите, соло, создавајќи очигледна непријатност кај останатите гости.

Истата таа несвесност веројатно доведе до некои непријатни шеги на меил листите, и тоа што го допиша до своето име на вратата од неговата канцеларија во МИТ, кое пред некој ден беше отстрането:

Истата таа картичка со името беше дел неодамнешен текст на Селам Џи Гано од МИТ, во кој таа бара тој да биде исфрлен од кампусот. Нејзиниот текст е пример за кревањето на женските гласови на МИТ во пост-Епстин ерата, и можеби и општо во технолошкиот свет.

Ако прашањето беше кога таа несвесност станува непрослива, Гано го има одговорот - сега. Посебно ако таа е поврзана со култура во која, со децении, секојдневниот сексизам бил премолчуван. Минатата недела Дана Бојд, дипломирана на МИТ, кога ја примаше заслужената награда од ЕФФ (Electronic Frontier Foundation), се истури на својот факултет, наведувајќи години и години сексуално малтретирање, тука вклучувајќи и несоодветен коментар од Мински. Гневот е вистински и оправдан. Ова е момент за коригирање.

И секако ова е ужасен момент за Ричард Сталман да ја отфрли болката од сексуална злоупотреба преку семантички аргумент.

Сталман продолжува да води дневник на „политички белешки“ - работи кои го привлекуваат неговиот интерес, каде постира линк и често пати коментира. (Тоа беше и изворот на неговите претходни забелешки за педофилијата.) Во понеделникот, меѓу линкови за финансиските пракси на семејството Саклер и климатските примени, тој додаде и сопствен коментар кој на повеќе начини стави крај на една ера: „Давам оставка на мојата позиција во МИТ. Ова го правам заради притисокот врз МИТ и врз мене заради серија на недоразбирања и погрешни толкувања.“ Подоцна и Фондацијата слободен софтвер објави дека нејзиниот основач и претседател и таму дал оставка.

Има трагични нишки во сторијата на Сталман. Неговата неспособност да ја разбере болката која доаѓа од бесчувствителноста доведе до негов прогон од светот што тој го знаеше и сакаше. Се плашам што следно ќе се случи со него. Меѓутоа поголема трагедија е колку време требаше за такво однесување да стане проблем. Иако Сталман е уникатно Сталман, тој исто така беше пример за култура која не беше гостољубива кон жените што можеше да го одведе хакирањето и компјутерските науки на дури повисоки нивоа. Сталман сега е уште поосамен од кога го најдов пред 35 години. Но не го нарекувајте последен од неговиот вид. И други ќе паѓаат како што пресметката продолжува.

Стивен Леви,
Вајард

20 септември 2019 - 11:53