Работата беше пат до подобар живот. Некогаш. Веќе не.

Вработување кое обезбедува раст на стандардот на живеење веќе е минато, денес патот до богатството води низ недвижности и пензија.

Често пати се вели дека луѓето се дефинирани од нивната работа. Без разлика дали таа работа е копање руда, образование или инженерство, таа обезбедува приход, статус, пријатели и чувство на заедница.

Сепак веќе долго време работата е во втор план на тоа да се биде потрошувач, сопственик на дом (или уште подобро на повеќе домови) и пензионер. Ова не е тренд што Лабуристите на Џереми Корбин го препознаваат. Меѓутоа е тажен факт дека работата повеќе не е главниот пат кон подобар живот, освен ако унапредувањата - кои често пати само додаваат стрес и подолги работни часови - се дел од планот.

Ако работникот има какво било слободно време, тоа не го троши на борба за подобри услови за работа. Туку го троши на чекање во долги редови за поевтина храна во Алди или Лидл. Тоа време се минува на прегледување на понудите на банките за поевтин станбен кредит, или барање начин за снижување на сметката за енергија или осигурување.

А дури и ако има и најмала најава за намалување на пензиите на работниците, тие ќе скокнат и ќе гласаат за партијата која ветува дека ќе го заштити она што им следува.

Делумно, оваа промена е доказ на уназадувањето на законите за труд а со нив и чувството за солидарност меѓу работниците. Таа исто така ја следи и промената кон економски модел кој се потпира на работникот да биде по попустлив во својата улога како обезбедувачи на призводи и услуги.

Иронијата е дека кога потрошувачот е крал, работниците се присилени да бидат уште по флексибилни, давајќи услуга која го покрива циклусот од 24-часа, обично за штета на сопственото здравје и добробит.

Некои политичари насетија промени и дека на работниците им е досадено од немање раст на платата и работодавци кои бараат подобрување на профитот речиси исклучиво на нивен грб.

Јасно беше дека откако некогаш најавуваното закрепнување по финансискиот крах не успеа да се материјализира трендот на се полоши услови и оскудна плата треба да се промени.

Одговорот на Џорџ Озборн како прв човек на државната благајна беше само да се зголеми минималната плата. Тереза Меј при преземање на функцијата во својот говор изјави дека работниците треба поактивно да бидат вклучени во своето работно место. Таа дури и вети дека ќе им даде на работниците места во бордовите, ставајќи ги во сржта на корпоративното носење одлуки.

Издигнувањето на Корбин до врвот на Лабуристите беше проследено со нагласување на работникот и работничките права. Првиот човек на државната благајна во сенка, Џон Мекдонел, имаше визија за економија составена од кооперативи и корпорации под влијание на работниците, со вработени кои поседуваат акции и истите ги користат за влијание врз правец во кој се движат. Фриленсерите ќе добијат дополнителни заштитни механизми. Приватизацијата на индустријата спроведена од Маргарет Тачер и Џон Мејџор ќе биде вратена наназад, а работниците ќе добијат барем дел од контролата, тврдеше тој.

За да се даде одреден интелектуален баласт, неодамна објавениот извештај на тинк-танкот ИППР ќе ја закова пораката за надеж околу повторниот подем на работникот во срцето на корпоративниот живот.

Ова е разговор што младите со години го водат откако ќе им биде кажано дека треба да се благодарни што воопшто биле вработени.

Младите, сепак, имаат многу мало влијание на работа: работите ги тера бејби-бум генерацијата. Сега на 54 години или повеќе, нејзините членови започнале како работници и можеби не ни членувале во синдикат. Тие се грижеле за својата плата и како нивниот шеф се однесувал. Меѓутоа во еден момент тие се префрлаат кон потрошувачката како пат до својот статус: тие сега претежно се сопственици на имот, луѓе што штедат за пензија или луѓе што добиваат пензија.

Пред некој гневен бејби-бумер да почне да збори како тие се уште се членови на синдикат и длабоко се загрижени за платата и работните услови на своите колеги - или дека животната средина им е поважна отколку личните финансии - треба да му биде јасно дека тој е малцинство. Има толку многу индикатори дека луѓето од нивната генерација - уплашени за иднината, одлучени за одржување на животните стандарди - го ставаат сопственото богатство пред работното место што не ни има простор тие сите да се дискутираат.

И токму затоа Меј може да се шмугне со тоа што ќе го игнорира сопственото ветување дека ќе стави работници во управните бордови - очигледно е дека од тоа нема да се добијат толку гласови колку што нејзините советници мислеа.

Па дури и да имало масовна поддршка на ваквата позиција, таа е неутрализирана од денешниот недостаток на доверба во синдикатите, од кои најголем дел се далеку повеќе загрижени со внатрешната политика отколку со адресирање на влошените услови за работа на нивните членови.

Работнички штрајкови се преземаат речиси исклучиво за заштита на пензиите. За жал, најискусните и најдобро ситуирани работници и понатаму се премногу зафатени со шопинг и штедење за да се конфронтираат со својот шеф.

Филип Инман,
Гардијан

5 ноември 2018 - 14:22