Минатата недела Емануел Макрон, европскиот пример за либерална демократија, ја повтори прилично понижувачката западна визија: „Изминатите 15 години покажаа пат кој ја ослабе Европа преку размислување дека таа постојано треба да биде проширувана,“ порача тој. Подемот на популизам во земјите од поранешниот комунистички блок го засили мислењето дека ако не беше Централна и Источна Европа, работите во ЕУ ќе се одвиваа како подмачкани. Можеби е време да се разбијат неколку стереотипи.
Ова не значи негирање дека постојат сериозно проблеми. Полската ултра-конзервативна националистичка влада е под надзор на ЕУ комисијата за нарушување на владеење на правото. Виктор Орбан сортата на „нелиберална демократија“ во Унгарија предизвика многу проблеми.
Следната година ќе бидат обележани 30 години од револуциите од 1989 кои дозволија обединување на Европа. Меѓутоа сега изгледа дека оваа годишница ќе биде придружена со горчина и тензии. „Истокот“ стекна еден вид статус на отфрлени. Централно и источно Европејците, според оваа логика „едноставно не го сфаќаат“ европскиот проект: тие се тука само за пари, не соработуваат со Брисел како што треба, проблематични се, ксенофобични се, и копнеат за авторитарност - колку би бил успешен клубот нив да ги немаше!
Ама да не забораваме нешто? Погледни го исходот од неодамнешните избори во Италија: анти-имиграциски популисти и крајно десни екстремисти сега ќе ја формираат следната влада во третата по големина економија во евро-зоната. А што е со Австрија каде крајно десната Партија на слободата држи три клучни министерства? Во Германија не само што крајно десната Алтернатива за Германија држи 92 места во Бундестагот (што е прв пат за екстремистичка партија да влезе во парламентот по Втората светска војна) туку нејзината идеологија изгледа има влијание врз тоа како владејачката ЦСУ се подготвува во Баварија за изборите на есен. Ниту пак може да се каже дека Франција, и покрај поразот на Марин Ле Пен, се ослободи од ксенофобните и анти-муслимански чувства.
Сите проблеми на Европа да се припишат на нејзините источни делови е површно и во голем дел неискрено. Не само тоа, туку „интерпретирањето“ на Европа по линијата исток-запад може да предизвика хранење на истите поделби кои про-Европејците велат дека сакаат да ги решат или поправат. „Мило за драго“ реториката е сеприсутна и преполна со историски комплекси, при што влијанието на Германија претставува очигледен извор на презир.
Признавањето на проблематичните обележја и грешки на Западна Европа може да помогне да живне чувството на колективен подвиг кое деновиве толку очигледно недостасува. Да се потсетиме дека во 2005 токму француските и холандските граѓани (гласајќи на референдум) зададоа масовен удар на плановите за дополнителна интеграција на Европа одбивајќи го предложениот Устав на ЕУ - а не новопримените источњаци. Ниту пак централна или источна Европа е хомоген блок. Словачка е член на евро-зоната за пример. А некои источњаци, посебно од Балтичките држави, ги поддржуваат заедничките одбранбени проекти на ЕУ.
Односите исток-запад во рамките на ЕУ се толку кршливи што стана привлечно да се кенка околу последиците од обединувањето на Европа, наместо да се аплаудира како огромно достигнувања за човековото достоинство и слободата на нациите да изберат сопствена судбина, во срцето на континент разурнат од војни и тоталитаризам во 20-от век.
Популистите во источна Европа се хранат со автентични фрустрации на денешницата. (Платите се многу пониски, па достигнување на Западот знае да остави чувство на бескраен процес.) Тие исто така играат и со длабоките историски спорови: разбирливо чувство на напуштеност по крајот на Втората светска војна, и чувство дека ако на Западна Европа толку добро и тргнало во Втората половина на минатиот век, тоа е затоа што нејзината посиромашна, источна половина беше оставена да страда под диктатура - со други зборови, беше жртвувана.
Западњаците веруваа дека надминувањето на психолошките јазови кои потекнуваа од разликите во историското искуство ќе биде полесно. Ама на истокот, надминувањето на постојната траума дека биле дел од „крвавиот фронт“ на кој се преклопиле злосторствата на нацизмот и сталинизмот, останува неисполнета задача - задача која западњаците не можат целосно да ја разберат, просто затоа што нивните сеќавања се поинакви.
Ова не значи дека треба да се замиже пред демократското назадување: ЕУ мора да ги одбрани своите принципи ако сака да преживее. Меѓутоа признавањето на товарот и маката што нашите соседи од истокот ја преживеале, и оддавањето почит на наследството на народната моќ од 1989, можеби ќе заврши многу работа во решавање на некои од денешните спорови.
Неодамна во Братислава се сретнав со писателот Федор Гал, еден од хероите на востанието во Чехословачка од 1989. Кога го запрашав за тензиите меѓу истокот и западот во денешна Европа, тој ова ми го кажа за неговиот регион: „Ние допрва треба да разбереме дека Европа е пат, а не само извор на приходи.“ Ако сакаме да најдеме начин да допреме едни до други, а не само да се надвикуваме околу квоти или пари, ние мораме да покажеме дека сме свесни за историјата. Прозивањето на грешките кога ќе се случат е неопходно, ама не е доволно. Низ западњаците имаме сопствен удел во одговорноста за европските маки. И ние мораме да признаеме дека и за нас, Европскиот проект е пат.