Санин Муса денес е професор по исламски науки. Пред дваесет години, во 1996-та, тој со група истомисленици на Градежниот факултет во Сараево го основа она што подоцна ќе стане масовно, а од неодамна ќе добие и име: параџемат. Во превод, место за молитва и собирање на муслиманите вон џамиите и останатите институции под контрола на Исламската заедница во Босна и Херцеговина.
"Тука ги одржував своите први хутби (проповеди). Меѓутоа, како ние го затворивме овој параџемат? Не на иницијатива на Исламската заедница или на полицијата, туку дојдовме до едно духовно познание, дека тие хутби и сето она што го правиме нема да бидат прифатени кај Алах. Рековме: го затвораме ова и се враќаме во џамиите. Апсолутно сега сум оној кој ги повикува тнр. параџемати и нивните претставници да ја сфатат потребата за единство во Исламската заедница, односно на муслиманите на овие простори," неодамна изјави Муса за време на гостувањето на програмата на Н1 телевизија, по повод истекот на рокот што Исламската заедница го одреди за интегрирање и укинување на тие, како што нивните творци и посетители ги нарекуваат, независни џемати.
Две децении во оние делови на БиХ во кои муслиманите се мнозинство се создавале ограноци, практично паралелни Исламски заедници, пунктови за, меѓу другото, молитва, но и за мисионерско делување. Во сите овие, ама во сите (пара)џемати се практикувал и промовирал ислам според толкувањето на Мухамед Ибн Абд ал-Вахаб, фанатично необразованиот татко на вахабизмот, движењето кое почесниот професор од Беркли Хамид Алгар - во книгата која во Хрватска ја објави никој друг туку министерот за култура, др. Златко Хасанбеговиќ - го опишува како интелектуално безначајно и како секташко движење на кого влијание и долговечност му носат саудиските заштитници, нивната нафта и (нео)колонизаторските интереси.
Меѓутоа Исламската заедница се правеше како да нема проблем, а кога повремено и го забележуваше, го гледаше од сосема друг агол. За поранешниот реис-ул-улема, Мустафа ефендија Цериќ, посетителите на овие независни џемати, тнр. нови муслимани, беа подобри, како што тој самиот велеше, од старите. Само понекогаш, кога нивните водачи - како Јусуф Барчиќ, загинат во сообраќајна несреќа - се обидуваат да заземат џамија, Исламската заедница реагираше онака како што беше обврзана: штитејќи го не само својот имот, туку и традицијата и фамозниот начин на живот на една од двете автохтони муслимански заедници во Европа.
За воопшто да се признае дека во БиХ не постои една, туку две Исламски заедници, само што втората е неформална, мораше, нели, да се случи промена во првата. Три години и неколку седмици откако Цериќ беше наследен од Хусеин ефендија Кавазовиќ, советот на муфтии на ИЗ донесе одлука и одреди рок за интеграција на десетина параџемати или нивно јасно разграничување од оваа институција. Е, тој рок неодамна истече, кон крајот на минатиот месец се покажа дека сите оние тврдења дека таканаречените независни џемати се само последица на потребата на верниците биле празни муабети.
Како што истекуваше времето, Кавазовиќ не покажуваше намера да попушти, без разлика на притисоците - па и отворените закани, додуша од Сирија, за колење на Баш-чаршија - па така набрзина е формирано нешто што е наречено Координација на независните џемати и се постави како рамноправна страна во прикриениот судир и трајното неразбирање. Главно, од Координацијата најавија доаѓање во Сараево, поставија барање да им се овозможи пристап до Гази Хусрев-беговата библиотека, која е во сопственост на ИЗ, каде тие ќе ги изнесат своите ставови и услови за евентуална интеграција.
Не треба многу мозок за да се сфати дека секој позитивен одговор од Ријасетот можеше да значи само едно: признавање на легитимитетот на паралелната исламска заедница. На Хусеин Кавазовиќ, големиот муфтија кој за половина мандат за дигнитетот на Исламската заедница направи повеќе отколку Мустафа Цериќ за два, три, пет, или колку и да ги имаше мандати, ова не требаше некој да му го нацрта, па на ултиматумите одговори со ултимативно одбивање на какви било понатамошни натегања околу одлуките на Советот - уште еден во низата која се обидува да го заштити традиционалниот пристап кон исламот на муслиманите во БиХ, кој од доаѓањето на првите вахабистички мисионери беше изложен на, да ја наречеме, доисламизација и негирање на сопствените обичаи. Поинаку кажано, упорен обид сè, ама сè што ја карактеризираше автохтоната заедница да биде покажано обратно.
Дека параџематите баш и служат за ова го потврдува и нивното второ соопштение, објавено кога стана јасно дека ИЗ нема да попушти. "Вашето неширење на корисно знаење меѓу овој народ, е толкаво што речиси и да не може да се најде џамија што вие ја држите а во која предавањата се редовни, и притоа им се забранува и на останатите да држат предавања. Бидејќи со елиминација на незнаењето исчезнува можноста за манипулација... Бидејќи кога на луѓето би им кажале што да прават, тие не би имале време да шетаат по различни места за молитви, туку сами ќе му се покорат на Алах, откако ќе ги исполнат своите обврски кон Него. Вашето далечно отстапување од ханефијскиот мезхеб, на кој се повикувате, во работите кои вам ви носат финансиска корист, на пример вашето организирање на манифестацијата на која со песна и музика, која по зборовите на Ебу Ханиф и неговите ученици е најстрого забранета, одбележавте 600 години постоење на исламот на овие простори... и на крај, но не последно, е вашата отворена борба против сунетот и неговото обележување во вашите институции, повикување на божемно следење на традициите на Бошњаците, дури и кога таа традиција ги потврдува овие работи и се повикува на нив, како што е случајот со затворање на патот за луѓето со подолги бради за работа во вашите институции, иако се знае дека оџа во Босна не може да биде без брада, и вашата борба против покривањето на лицата на жените муслиманки, иако се знае дека повеќевековната традиција на Бошњаците и тоа како ја потврдува оваа работа...", напишаа и се потпишаа Емир Чајиќ, Изет Хаџиќ, Мирза Арапчиќ и Бајро Каљиковиќ.
Хусеин ефендија Кавазовиќ во своето прво обраќање по преземање на должноста изјави: "Ние сме дел од европската реалност и автохтон исламски народ на Европа и светската заедница. Ќе се однесуваме одговорно и ќе се чувствуваме рамноправно." Подоцна она што го кажа го потврди со дела, за со влегувањето во отворен судир со вахабистичката заедница и нивната инфраструктура да покаже и одговорност и храброст, но и свест за тоа каде и во кој век живеат оние што ги претставува Исламската заедницата. А тоа, по дваесет и нешто години спротивни процеси, не е малку - туку напротив - колку и да е задоцнето, добро е што барем почнало.