Во 2017 избори ќе има не само во Германија, Франција и Холандија, туку најверојатно во Грција, Италија и, пак, во Бугарија. Ова ќе биде моментот на вистината за Европа. Социјалните медиуми ќе бидат под инвазија од лажни вести и теории на заговор, додека меинстрим-вестите ќе бидат преокупирани со мешањето на Кремљ во изборите во западните демократии. Мешањето на Москва стана универзално објаснување за сè што се случува на периферијата на Европа, а изгледа и на други места. Поради тоа е критично важно луѓето да ја знаат вистината. Ама тоа нема да биде лесно.
Како пример земете ги ноемвриските претседателски избори тука во Бугарија: меѓународните медиуми ја прикажаа победата на Румен Радев, генерал на авијацијата, кој има минато обука во САД и се кандидираше како независен, како уште еден триумф на рускиот претседател Владимир Путин, и уште еден доказ за неговото сè поголемо влијание во Источна Европа. Тоа што бугарските избори помалку или повеќе коинцидираа со оние во Молдавија, на кои победи кандидатот поддржан од Русија, како и извештаите за неуспешен проруски обид за државен удар во Црна Гора, кај многумина доведе до заклучок дека Русија повторно ја освојува својата традиционална сфера на влијание.
Ама дали е стварно така?
Надворешната политика ни најмалку не е главна грижа на најголемиот дел од Бугарите што гласаа. И да бидеме искрени, влијанието на Москва не се враќа во Бугарија - тоа цело време е тука. Најголемиот дел од Бугарите го ценат своето членство во НАТО и, уште повеќе, Европската Унија. Ама од историски и културолошки причини, најголемиот дел од нив не сакаат да ја гледаат Русија како непријател. Па, не изненадува што, и генерал Радев и неговиот централно-десен противкандидат се залагаа за кревање на санкциите против Русија и подобрување на односите со Москва.
Ја споделувам бугарската приказна затоа што дебатата околу наводното мешање на Кремљ во претседателските избори во САД успеа да ја воскресне перцепцијата на светот од времето на Студената војна. Политичкиот исход во малите земји обично се објаснува со резултат од битката меѓу Русија и Западот. Ама има три главни проблеми со овој пристап.
Прво, ова повеќе збунува отколку што разјаснува. Во 70-те и 80-те голем број националисти од третиот свет беа претставени од Западот како комунисти, и покрај тоа што тие беа фокусирани на борба за независност, а не за советски комунизам. САД и неговите сојузници трошеа енергија војувајќи со нив. Меѓутоа погрешното препознавање на националистите како комунисти понекогаш имаше пророчки резултат: откако беа обележани како комунисти, најголемиот дел од револуционерните влади од третиот свет стварно станаа просоветски. Поентата на ова е дека не треба да се изненадиш ако постојаното етикетирање на популистичките партии и лидери во Европа како „проруски“ ги претвори нив во пријатели на Кремљ.
Второ, враќањето на наративот на Студената војна станува фактор во растечкото глобално влијание на Русија. Моменталната опсесија на Западот со Путин е во сржта на новооткриената моќ на рускиот претседател. Ако Москва, како што толку многу медиуми тврдат, може да ги намести американските избори, тогаш како може малата Бугарија, или пак Франција, да верува дека кој било освен Кремљ ќе одлучи кој ќе биде нивниот следен претседател? Руската моќ на привлекување денес не се базира во нивната идеологија, туку на сликата за нејзината моќ. Ако им веруваш на најголемите противници на Путин, тој цело време победува.
И последно, во глобализираниот свет, надворешното мешање во изборите е неизбежно. Цивили - а не само влади - хакираат мејлови, шират лажни вести и теории на заговор, и се обидуваат да ја уништат репутацијата на странски лидери. Хакери поединци и мали маргинални групи лесно можат да ги соборат серверите на изборните комисии низ светот. Ние влегуваме во период во кој нарушувањето (на изборите) станува меѓународен натпревар, и многумина сакаат да стигнат до пари и слава демонстрирајќи ја нивната способност да расеат хаос вон сопствените граници. Наративот на Студената војна ја игнорира оваа нова реалност затоа што има тенденција секоја субверзивна активност да ја гледа како дело на некоја држава. Резултат на ова е растечки ризик од претерана реакција и конфликт. Во свет со меѓусебно гарантирана дисрупција, повеќе од кога и да е станува важен капацитетот да се разликува меѓу субверзија инспирирана од државата и извршена од државата.
Па ако не сакаме 2017 да стане како 1917, руска година во историјата, за новинските медиуми ќе биде мудро ако се дистанцираат од големите сеприфатени приказни што објаснуваат сè и наместо тоа да побараат детали што објаснуваат барем нешто. На крајот, дури и во време на глобални медиуми, политиката останува локална.