Папата и Фичото

Во 9 и 30 во средата наутро, Обама и Мишел на влезот на Белата Куќа чекаа да дојде Папата Франциско. Прво се паркира голем, црн џип од тајната служба, еден од оние "кои тежат повеќе 2.200 кила, и трошат повеќе од 33 литри на 100 километри." По него, паркира мал Фиат 500Л.

Ова е истиот автомобил што го превезе Папата Франциско од базата Ендрус во вторникот на пладне. Освен што имаше регистрација SCV 1, која означува дека ова е првото возило на Ватикан ("Status Civitatis Vaticanae"), изгледаше како и секој друг Фиат 500Л - 1,4 литарска, малку издолжена верзија на иконскиот Фиат 500, кој троши околу 6,6 литри на 100 километри и чини околу 20 илјади долари. Маринецот што беше на стража ја отвори задната врата од патничката страна, и од нејзе излезе 78-годишниот Папа за да се поздрави со претседателот. Тој во САД, на кој отпаѓа една петина од светската потрошувачка на гориво, беше околу 18 часа, и до тогаш немаше кажано ниту збор. Сепак веќе имаше испратено порака.

Тоа е начинот на кој функционира овој Папа - преку симболизам и гестови кои ги пренесуваат неговите намери на начин на кој зборовите никогаш не можат. Како теолошки лидер на верниците, негова примарна работа е да го дефинира и редефинира католичкото учење за 21-от век, кој, како и неговите претходници, делумно го прави со издавање на папски писма. Во ноември, 2013, нешто повеќе од 8 месеци откако го наследи Папата Бенедикт 16-ти, тој објави предизвик до глобалниот капитализам од 220 страни, во кој вели 'Како што заповедта 'Немој да убиваш' поставува јасни ограничувања со цел заштита на вредноста на човековиот живот, денес исто така и велиме 'немој' на економијата на исклучување и нееднаквост.' (Раш Лимбо го отфрли документот како 'чист Марксизам.') Во јуни годинава, Папата објави долго папско писмо за климатските промени, дел од кое звучи како да е напишано од Ал Гор и уредниците на Нејшн. 'Земјата, нашиот дом, се повеќе и повеќе почнува да изгледа како неизмерно купиште отпад,' стои во писмото. Тоа ја критикуваше нашата потрошувачка култура на фрлање, и повика да се преземе 'еколошка конверзија' и побара задолжителни чекори за ограничување на емисиите на штетни гасови, како и глобални напори да се спасат океаните и останатите природни околини.

Заради добра причина, овие трактови привлекоа огромно внимание од интелектуалната елита, коментатори, и политичари - дел од кои дадоа поддршка, а дел беа критички настроени. Всушност, посетата на Папата Францис на САД е уште пофасцинантна бидејќи се случува за време на претседателска кампања, и голем дел од она што го кажа за економијата и екологијата е директно спротивно на доктрините на модерната Републиканска партија. На други теми, сепак, како абортус и истополови бракови, тој ги задржа учењата што и понатаму се одбивни за голем дел од Демократите.

Ама тоа е чисто партиска политика. Она што го издигна Папата Франциско над политичките кавги и и' даде нов живот на неговата позиција на начин кој не можеше да биде замислен под Папата Бенедикт, е неговата способност на обичниот народ од сите религии и политички гледишта без посредници да му ја пренесе својата верзија на католицизмот - верзија која во најголем дел се базира на животот и учењето на Св. Франциско Асишки. Од одлуката да живее во скромна гостинска куќа, наместо во апостолската палата, до миењето нозе на младата затвореничка муслиманка, до канењето на дузини бездомници на прошетка низ Систинската капела, Папата Франциско го издигна папството пробивајќи ја неговата раскошност, и влевајќи му човечност, а, каде е потребно, мудро искористувајќи ја моќта на симболиката.

Тука на ред доаѓа Фиатот 500Л. Во јули, 2013-та, Франциско им наложи на католичките свештеници да возат скромни возила. 'Мака ми е кога ќе видам свештеник или калуѓерка со најнов модел на автомобили. Не можеш да го правиш ова. Автомобилот е неопходен за да се завршат многу работи, ама ве молам изберете некој поскромен. Ако ви се допаѓаат луксузните, само размислете колку деца низ светот умираат од глад.' Истиот месец тој беше забележан во папската летна куќа во 5 години стар Форд Фокус. На претходните патувања во странство, тој исто така ги прескокна лимузините и специјално направените безбедносни возила. Кога се врати во Латинска Америка за прв пат откако беше избран за Папа, тој низ Рио се возеше во сребрен Фиат Идеа, модел кој е популарен меѓу Бразилците од средна класа. (А стана уште попопуларен по неговата посета.)

Сега, на очигледно запрепастување на разни телевизиски репортери - и несомнено, на ужас на Тајната служба - Папата се вози низ главниот град на САД во Фиат 500Л. Немој да мислиш дека светот не го забележа ова.

Џон Касиди,
Њујоркер

25 септември 2015 - 15:34