Антони Бенбури е американски политичар од кариера и повеќе години работи на најразлични позиции во О.Н., а пред 6 години станува помошни генерален секретар. Неговото искуство на позицијата го објаснува: "ако затвориш тим зли генијалци во лабораторија, тие не би можеле да создадат бирократија која е толку излудувачки комплексна, која бара толку многу труд, а на крај нема капацитет да ги даде потребните резултати. Системот е црна дупка во која пропаѓаат неброени даночни долари и човечки аспирации, кои потоа никогаш не се повторно видени."
По ставки, "првиот голем проблем" е склеротичниот систем за водење на вработените. И покрај тоа што О.Н. треба брзо да реагира и да ги има на располагање најдобрите светски таленти, на организацијата и се потребни 213 денови за да регрутира некого, "со новите промени во системот за регрутирање од јануари, веројатно сега ова ќе трае над една година."
"За време на епидемијата на ебола, очајно ми требаа квалификувани луѓе на локација, а сепак ми беше кажано дека нашиот персонал од Јужен Судан не можеше да патува до нашето седиште во Акра, Гана, се додека не го добие потребното лекарско одобрение. Се бориме со болест која уби илјадници и имаше ризик да ни излезе од контрола, а сепак минавме недели чекајќи да се обработат потребните документи на сосема здрав/а колега/колешка," пишува Бенбури.
Тој дава примери за раководители на мировни мисии вредни милијарди долари, со задача за стават крај на некоја војна, кои не можеле да ангажираат персонал или да прераспоредат бескорисни вработени од клучни позиции.
Една последиците на ваквата дисфункционалност е минималната одговорност, која произлегува од тоа дека освен ако некој на раководна функција не направи сериозен криминал, речиси и да е невозможно да го отпуштиш од О.Н.. Според негови сеќавања, во последниве 6 години немало ниту еден отпуштен или барем санкциониран вработен на О.Н. на теренот.
Втор проблем е што "преголем број одлуки се донесени врз основа на политички очекувања наместо врз основа на вредностите на О.Н. и фактите на теренот."
Како примери ги наведува мировните сили кои со години талкаат без јасни цели или излезни планови, притоа одвраќајќи го вниманието од посериозни проблеми и трошејќи милијарди долари. Прва мисија на Бенбури е во 1992-ра во Камбоџа, таму завршуваат во рок од две години, "денес е редок исклучок кога мисија трае помалку од 10 години."
Ова е случај со Хаити, каде повеќе од една деценија нема никаков вооружен судир а О.Н. има над 4.500 луѓе. Во меѓувреме ништо од ова не помага во изградбата на стабилни институции во земјата.
Дополнителни два примера се Мали, каде во 2013-та испраќаат 10.000 војници, кои не се подготвени за мировна мисија, заради што им е забрането да се вмешаат во каков било конфликт. Од тогаш 80% од буџетот се трошат на логистика и само-заштита, а во меѓувреме 56 луѓе на О.Н. загинаа и оваa бројка само ќе расте.
"Меѓутоа она што најмногу ме вознемирува е тоа што Обединетите нации го направија во Централно-африканската република. Кога го преземавме одржувањето на мирот од Африканската Унија во 2014-та, имавме избор какви војници ќе користиме. Без соодветна дебата, и од цинични политички причини, беше донесеа одлука да се вклучат војници од Демократската република Конго и од Република Конго, и покрај извештаите за сериозно прекршување на човековите права од овие војници. Од тогаш војниците од овие земји се дел од постојан шаблон на силување и малтретирање на луѓето - најчесто млади девојки - кои О.Н. требаше да ги брани.
Минатата година, мировниците од Република Конго уапсија група цивили, без никаква правна основа, и ги толку многу ги претепаа што еден од нив почина во притвор, а втор нешто подоцна во болница. Како одговор на ова речиси да немаше ни глас, а уште помалку некаков гнев, од надлежните функционери во Њујорк.
Како што растеа случаите на злоупотреба, така се зголемуваа и барањата овие војници да бидат испратени дома. Сето ова беше игнорирано, па почнаа да се појавуваат дополнителни случаи на силување деца. Минатиот месец конечно ги шутнавме војниците од Демократската република Конго, ама оние од Република Конго се уште остануваат," пишува Бенбури.
Неговото досегашно искуство е дека: "организацијата е машина за пишување во свет на смартфони."
"Бирократијата треба да работи за мисиите, а не обратно. Почетната точка треба да биде комплетна промена на системот на вработени. Ни треба надворешен панел кој ќе го истражи системот и ќе предложи промени. Второ, сите административни трошоци треба да бидат ограничени со фиксен процент од оперативните трошоци. Трето, одлуките за алокација на буџет треба да му бидат одземени на Одделот за менаџмент и ставени во раце на независни контролори кои одговараат само пред генералниот секретар. На крај, ни треба ригорозна ревизија на нашите перформанси на сите делови од функционирањето на седиштето на О.Н.," пишува Бенбури во својот текст за Њујорк Тајмс, кој го пишува како негово обраќање по повод претстојниот избор на генерален секретар на организацијата.