Во текстот за Лез Еко (Les Echos) францускиот академик Роже-Пол Дроа објаснува дека сме останати без зборови за да ги опишеме настаните кои се случуваат пред наши очи откако веќе ги потрошивме стандардните "дисрупција, земјотрес, промени...". Серијата, не по хронолошки ред, ја започнува со поразот на Саркози на партиските избори, откажувањето на Оланд од кандидатура, оставката на Рензи, плус брегзит, победата на Трамп, претстојните избори во Германија, и „добиваш некаква претстава за тоа колку се распаѓа досегашниот пејзаж".
Овие мутации ја откриваат избувливоста на гласачите, нивната раздразливост и нивниот замор. Тие го покажуваат растечкото влијание на промените на расположението во политичкиот живот, и тоа на штета на рационалноста и на долгорочните последици. Како резултат на ова, некои се плашат дека демократијата се распаѓа под притисок на популизмот. Постои старо-грчки збор кој го опишува овој феномен: оклократија. Повеќе не се користи, а сепак заслужува да биде вратен во употреба.
'Окло' се однесува на толпа во нејзината хаотична, вознемирена, непредвидлива состојба, наспроти 'народ' како луѓе. Демократијата е власт на луѓето меѓутоа таа се одвива во легални рамки што луѓето ги создале за самите себе. Одлуките доаѓаат од граѓани кои користат логика за да просудуваат - тие мора да бидат образувани и запознаени со случувањата за да имаат информирано и разумно мислење. Од друга страна кога доминира толпата, кога владеат јавните емоции, системот попушта.
Водејќи се од јавните страсти, и носена од масите, демократијата ризикува да почне да тоне под притисокот. Ако ова се случи, ако толпата ги замени луѓето, тогаш доаѓа друг режим. Режимот на оклократијата, пишува Дроа.