Минатата недела Ен-пи-ар објави интервју со Вики Остервил, авторката на „In Defense of Looting: A Riotous History of Uncivil Action“. Ен-пи-ар ја резимира книгата како аргумент дека „пљачкосувањето е моќна алатка за постигнување на реални, трајни промени во општеството.“ Ако реалната, трајна промена што сакаш да ја постигнеш е согорување на општеството до темели и генерациско осакатување на неговиот капацитет да им служи на своите најсиромашни граѓани, тогаш претпоставувам дека сум принуден да се согласам. Остервил гледа и позитивна страна. Пљачкосувањето е добро, вели таа, бидејќи ја соголува длабоката вистина околу големата американска игра на самодоверба, односно дека „без полиција и без државна опресија, можеме бесплатно да имаме работи“. Таа доаѓа до овој заклучок пред шест години, а нејзината книга, која е напишана „од љубов и солидарност кон пљакосувачите низ целиот свет,“ го брани овој став вешто колку што се може.
Аргументот на Остервил е едноставен. „Таканаречените“ Соединети држави се основани во „цисхетеропатријахатско расно капиталистичко“ насилство. Тоа насилство го создава нашиот сегашен систем, посебно неговите имотни односи, и пљачкосувањето е лек за таа болест. „Пљачкосувањето ја отфрла легитимноста на правото на сопственост и имот, моралната одредба дека треба да се работи за да се живее, и ’правдата’ на законот и редот,“ пишува таа. Сопственоста на работи - не само на луѓе - е „вроден, структурен бел супремитет“.
Остатокот од лекот е насилство, кое таа го слави како потценет двигател за општествена правда. Уништувањето на бизнисите е „искуство на задоволство, уживање и слобода,“ пишува Остервил. Тоа исто така е форма на „настрано раѓање“. „Немирите се насилни, екстремни и женствени до коска,“ според Остервил. „Тие распарчуваат, согоруваат и уништуваат за од тоа да изродат нов свет.“ Таа ги чува најлутите критики за поборниците за ненасилство, кој е „банкротиран концепт“ главно употреблив за придобивање на „северните либерали“. Во книгата „либерал“ се користи како погрден збор. Мартин Лутер Кинг помладиот, со тешко срце е признаен како позитивна личност, но не толку позитивна колку што би била доколку издигаше на клоци неколку белци капиталисти и не испратеше неколку џандари на интензивна. „Имам сон“ говорот беше, пишува Остервил, „резултат на серија предавства и замолчувања на ненасилните лидери кои ја потиснуваа милитантноста на грас-рутс“ и „ја цицаа енергијата на движењето“. Нејзе повеќе мерак и прави Роберт Вилијамс, кој практикува вооружен отпор, и Асата Шакур, која уби полицаец во Њу Џерси и останува бегалка во Куба. Насилството не мора да биде во самоодбрана - и тоа на Шакур секако не беше. Остервил ја цитира „мудроста“ на Стокли Кармајкл: „Одговорноста за употреба на насилство од страна на црнецот, без разлика дали во самоодбрана или предизвикано од нив, паѓа на белата заедница“.
До сега претпоставите дека јас не сум публика за книгава. Јас имам вработување, и затоа сум насочен кон изградба на систем во кој те плаќаат за твојата работа и ги плаќаат другите за нивната работа, и потоа сите плаќаат даноци за да се осигура дека ако овие спогодби не успеат, и понатаму ќе имаш пристоен живот. (Без конкуренција една од омилените реченици во книгата не беше напишана од авторката туку од нејзиниот издавач, веднаш под белешката за авторските права: „Скенирањето, аплоудирањето и дистрибуцијата на книгава без дозвола, се смета за кражба на интелектуалната сопственост на авторот. Ви благодариме за вашата поддршка за авторските права.“) Мојата работа некогаш подразбира патување во држави кои скоро или во моментот се уништени од граѓански немири, и тоа искуство прави да ја почитувам фрагилноста на мирот, и направи да не бидам желен да спроведувам сличен експеримент во мојот град.
Јас исто така сум од скоро-имигрантско потекло. Остервил го нагласува пљачкосувањето како „пролетерски шопинг“ и никој што доаѓа од место кое во скоро време го искусило овој феномен не може сериозно да ги сфати нејзините уверувања дека тоа може да се случи праведно и без крв. Кога мислам на немири и уништени излози, мислам на Кристалната ноќ. Мислам на американските бизниси изградени од имигранти без скршена пара подготвени да се откажат од одмори и викенди цели 30 години само за да не ги гледаат своите деца како страдаат како нив; помислувам на овие бизниси како се опљачкани за 30 минути и распарчени. Остервил барем е прецизна со психологијата кога вели дека пљачкосувањето може да биде „весело и ослободувачко“. Никогаш не сум видел скиснат пљачкосувач, но затоа сум видел бројни сопственици на продавници кои плачат над пепелот што останал од иднината на нивните деца.
Тоа што го нема во книгава е дури и површно признание дека кој било (или речиси секој) би можел да го претпочита сегашното не револуционерно уредувње. Остервил не кажува кој безимотен или анти-владин систем на владеење го претпочита, меѓутоа се сомневам дека тоа е демократија, термин што таа го користи само саркастично. Ниту пак е јасно како таа има намера да премине од сегашните немири на својата цел, која и да е таа, освен со немири и крадење работи се додека моралот не се подобри. Што мислиш да правиш кога ќе снема бесплатни работи, кога бизнисите и обичните граѓани кои инвестирале во твојот град ќе одлучат дека нема повторно да ја направат истата грешка, и - упс! - кога неколку продавачи ќе бидат претепани до смрт? Овој валкан процес е „отворањето на новиот свет, без разлика колку кратко, со сиот свој хаотичен бес,“ пишува таа.
Остервил е неспособна или неволна да се обрати на кого било кој има какво и да е чувство за човечност. И соборците и непријателите се опишани без сочувство, емотивни детали, или дистинкција како луѓе облиени со чувства и морална комплексност. Кога еднаш ќе биде прогласен за негативец, остануваш негативец, без притоа под никакви услови да не се истражат комплексностите на човековото постоење. Во интервјуто за Ен-пи-ар, Остервил ја опишува продавницата во Лос Анџелес во која Латаша Харлинс беше застрелана во 1991 како место на „бело расистичко насилство“. Тоа убиство, кое следуваше две недели по претепувањето на Родни Кинг и придонесе за немири во кои загинаа 63 лица, беше извршено од сопственикот на продавницата, жена имигрант од Кореја. Меѓутоа големата класна војна на Остервил има само две страни, па Корејка од работничка класа без никаков напор се заведува на страната на белите расисти цисхетеропатријарси. Остервил цитира комунистички магазин: „Како Евреите во 1965, Корејците во 1992 беа ’на фронтовските линии на судирот меѓу капиталот и жителите на централен Лос Анџелес - тие се ликот на капиталот во овие заедници’“. Кога е во прашање локално насилство, ова е срамно глупаво објаснување.
Нејзиното убедување дека нејзините противници заслужуваат насилство ќе биде полесно да се проголта ако не беше очигледно дека речиси секој и е противник. На списокот се членови на медиумите; „либерални коментатори, де-ескалатори, непрофитни, десничарски тролови, одмазници и секако, полицијата“; свештенството кое физички посредува меѓу полицијата и демонстрантите; членови на Нацијата на исламот чие злодело е што „постигнувале примирја меѓу водачи на банди“ и „бркале пљачкосувачи“ од маалските продавници. Ни ти не си безбеден, барем не засекогаш, дури и ако си жртва на расизмот или капитализмот. Можеби ти мислиш дека говорите на др. Кинг се поинспиративни бидејќи тој не ги одржал со пушка во рака, како Садам Хусеин. Луѓето како тебе не се дел од вистинското движење за човекови права. „Тие мора да дозволат вистинското движење да ги промени,“ пишува Остервил, „или само ќе дочекаат тие самите да станат непријателот.“
За среќа малкумина го споделија интервјуто на Остервил со одобрување, и речиси сите го консумираа на веселиот и ослободителен начин познат како „читање од омраза“. Се уште немам сретнато некој што ја има прочитано целата книга, која комбинира монотонија и непристојност на начини кои претходно не се замислени. Америка, сепак е, земја која го номинираше Џо Бајден, кој рече дека пљакосувачите и насилниците „го извитоперуваат“ БЛМ движењето и треба да бидат „судени, уапсени и ставени во затвор“. Консензусот, посебно кај симпатизерите на Трамп, изгледа е дека на Ен-пи-ар веројатно му нема спас штом решил некритички да дистрибуира незрела агитација и пропаганда. (Пример на прашање: „Голем број луѓе кои се сметаат за радикални или прогресивци го критикуваат пљачкосувањето. Зошто е тоа така?“ Јас пак можеби би прашал: „Што мислиш дека покорисно за твојата заедница - продавница која вработува шест луѓе, или истиот тој локал, само претворен во купче цигли и скршено стакло?“)
Наместо да го отпишам Ен-пи-ар, јас претпочитам ова да го сфатам дека биле многу блиску до изработување одлично новинарство - и всушност сум љубоморен што мене не ми текна прв да го направам интервјуто. Бидејќи пљачкосувањето стана обемно пренесувано во годинешната сезона на протести против полициското насилство, реакцијата беше поделена меѓу оние кои не ги поддржуваат протестите и грабежите, оние кои ги поддржуваат протестите но не и грабежите, и оние кои ги поддржуваат протестите и ги сметаат грабежите за заслужен одговор на систематските неправди. Остервил ентузијастички е во последната категорија и му дава глас на гледиште на кое досега беше само покажувано. Добрите новинари ги наоѓаат таквите гласови и ги испрашуваат грубо и коректно. Во случајот со ова интервју, Ен-пи-ар можеше малку да поработи на грубото.
Во интересна замена на нормалните позиции на „културата на укинување“ конзервативците може да забележуваат на одлуката на Ен-пи-ар воопшто да и даде платформа на Остервил, имајќи предвид дека нејзината одбрана на пљачкосувањето е повик на криминално однесување кое веројатно, дури и ако не е тоа намерата, може да доведе до смрт и уништување. Треба ли Ен-пи-ар да интервјуира нацисти? Да, ако годината е 1933, и најголемиот дел од Американците не знаат за што се залагаат нацистите. Остервил не е нацист (имам послатки комплименти за нејзе), но таа зазема позиција која други имплицитно ја поддржуваат. Целосно истражување на тоа гледиште е токму она што ни треба, и Ен-пи-ар го најде најдобриот бранител на тоа гледиште. Ако одбраната на Остервил е лоша, таа сега им даде шанса на про-пљачкосувачите да и реплицираат и да и кажат зошто. Ако тие не го направат тоа, тогаш претпоставуваме дека тие се согласуваат со Остервил, и нејзините аргументи се врвот на пљачкосувачкото апологетство. Пред една недела можеше да кажеш дека пљачкосувањето може и не е така лошо, и јас можеби ќе се зачудев што сакаш да кажеш со тоа. Но сега ќе те прашам дали твоите аргументи се исти како и оние на Остервил, и ќе те исмевам ако речеш да. Тоа е прогрес. И за тоа, фала ти Ен-пи-ар.