Не е прв пат елитите да ја утнат историјата

Погрешното читање на актуелните настани од страна на елитите не почна со нивното слепило кон неизбежната победа на Доналд Трамп. Треба да се погледне само пред неколку месеци и гласањето за брегзит, или она што во тоа време беше неочекувано рушење на Берлинскиот Ѕид. Во ретроспектива историјата изгледа јасна, меѓутоа оние што ја нагаѓаат според сегашноста често пати ја грешат.

Крајот на историјата
Американскиот политиколог Францис Фукујама објави неверојатен есеј летото 1989, порачувајќи: "Она што денес го сведочиме не е само крај на Студената војна, или минување на конкретен период на пост-воената историја, туку крај на историјата како таква." Каква хипотеза!

Додека голем број Европејци не успеаа да сфатат што се случува на нивниот континент, се појави американски академик, кој од далечина, веќе ја предвиди епохалната промена. Либералната демократија го порази комунизмот. За Фукујама, ова беше историски хепиенд! Единствената работа што фалеше беше одјавната шпица на која пишува: "И така целото човештво живееше среќно..."

Само, како што знаеме, што ова не заврши добро. Наскоро пукнаа балканските војни, кои покажаа дека геноцидот не е затворен само во книгите по историја. Руанда исто така ни покажа како луѓе од иста земја можат безмилосно да се касапат меѓу себе. Потоа беа нападите од 11-ти септември, кои ги предизвикаа војните во Авганистан и Ирак, што се уште не се вистински завршени.

Крај на историјата? Мислам не, и покрај фактот што во еден среќен ама краток момент во 1989, стварно така изгледаше.

Брегзит
Секако, Британците сакаат да маршираат во сопствен ритам. Меѓутоа да ја напуштат Европската Унија? Не се толку луди. Тоа сепак ќе биде спротивно на нивните интереси. Ќе биде нерационално. Ќе ја загрози позицијата на Лондон како меѓународен финансиски центар.

Горе-долу ова беа коментарите на најголемиот број експерти и аналитичари на јавното мислење пред 23 јуни 2016, кога она што се сметаше за невозможно се случи: гласачите на референдумот одлучија да се раскинат врските со Брисел.

Посебно беа шокирани луѓето во Лондон каде што живее елитата на земјата. Меѓутоа ниту една внимателна личност која што живее во остатокот од Британија не би можела да биде изненадена од реалноста. "Дебатата околу брегзит беше водена со пасија која одамна ја немало," објаснува британскиот историчар Фред Тејлор, кој живее во Корнвол. "Припадноста на класа и раса одеднаш повторно играа улога во политичките дебати."

Историчарот го препознава јазикот користен во дебата околу брегзит, и од Доналд Трамп во неговата кампања за претседател, како "реторика што последен пат ја видовме во 1930-те и 40-те". Поддржувачите на кампањата за "останување" беа осудени како "предавници".

Патриотизмот и национализмот, повторно, се силна мотивација во Европа и Соединетите држави. Слоганот на Трамп беше "Повторно да ја направиме Америка голема". Мотото на поддржувачите на брегзит беше "Да си ја вратиме контролата". И двете удираат на повредената гордост - очигледно нешто што е тешко за елитите да го разберат.

Берлинскиот ѕид
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер објасни дека во 1989 не само неговата партија, СДП, туку и елитите низ целата земја мислеа: "По 40 години постоење Федерална Република Германија, не треба да ја лажеме новата генерација Германци. Не постои шанса за обединување на Германија." Веројатно и Кремљ исто се чувствувал.

И сепак, само 15 месеци подоцна, Германија беше обединета. Берлинскиот ѕид беше збришан. Источна Германија беше минато. Од денешна гледна точка Шредер очигледно не беше во право. Ама не можеш него да го обвиниш за тоа што мислел како што мислел. Тој само бил политички реалист. Би изгледало лудо поинаку да си ги гледал работите.

Сепак "реализмот" на Шредер игнорирал одредени реалности кои се одвивале во тоа време, работи кои елитите никогаш не ни помислиле да ги земат предвид се додека популацијата на Германската демократска република нè почна тоа лето масовно да пребегнува и да протестира на улиците заради ниските стандарди за живот. Тие сакаа да живеат како луѓето на Западот. Одеднаш народот ја имаше моќта а бројни "експерти" беа фатени комплетно неспремни за настаните кои следуваа летото 1989.

Ова истакнува фундаментален проблем со т.нр. "експертски" мислења. Експертите стварно многу знаат. Ама тие имаат тенденција да ги сметаат предметите на својата опсервација како неподвижни. Оваа погрешна процена може да ти се врати, и тоа уште полошо. И тогаш зборуваме за револуција.

Арапска пролет
Пет години по започнувањето на т.нр. Арапска пролет против диктатурата, резултатите се разочарувачки. ИСИС се рашири насекаде. Има милиони бегалци. А режимот на Башар ал-Асад се уште е на власт, бомбардирајќи цивилни предградија со помош на Русите.

Во Египет владата кратко беше контролирана од Муслиманското братство, само за по кратко време да биде заменето од воен режим во споредба со кој диктатурата на Мубарак изгледа безопасна. Милициите на ИСИС во Либија се борат за превласт против соработниците на Ал Каеда. Само во Тунис има каква таква надеж за воспоставување систем во кој плурализмот и демократијата можат да одиграат улога.

Додека западните креатори на јавното мислење еуфорично ја прославуваат Арапската пролет, израелските политичари останаа скептични. Бенјамин Нетанјаху виде надоаѓање на "Арапска зима" и се плашеше од анти-демократски бран кој ќе ги сруши сите државни структури (институции). Меѓутоа на крајот, тој излезе како еден пример кога елитата била во право.

Клаус Малзан,
Велт

25 ноември 2016 - 19:21