"Или, правите зборови за да го изразам жигосувањето на Источна Европа која сака да вдоми само христијански бегалци, дека тие можеби се прикладно резервирани кон навистина реалните проблеми околу интегрирањето на различните културни и религиозни пракси во својот карактеристичен начин на живот," пишува Гордел, кој е уредник на Ворлд Пост секцијата на Хафингтон Пост и советник на Бургруен институтот.
Пред да почне да го цитира Жижек, Гордел потсетува на еден негов разговор со Ајзеа Берлин, кој го има објавено во New York Review of Books под наслов - Два концепти на национализмот. Првиот концепт е агресивен национализам, што го поврзуваме со нацистите, а вториот е неагресивен. Ајзеа Берлин ова го објаснува пренесувајќи го учењето на Јохан Готфрид Хердер:
"Неагресивниот национализам е сосема друга приказна. Неговиот зачеток е кај доста влијателниот филозоф од 18-от век, Јохан Готфрид Хердер.
Хердер е тој што ја измислува идејата за припадност. Тој верувал дека исто како што луѓето треба да јадат и да пијат, да имаат безбедност и слобода на движење, така тие треба и да и припаѓаат на група. Лишени од ова, тие се чувствуваат отсечени, осамени, понижени, несреќни. Носталгијата, како што вели Хердер, е најблагородната од сите болки. Да се биде човек значи да може некаде да се чувствуваш дома, со твоите луѓе.
Секоја група, според Хердер, има свој Фолксгајст - збир обичаи и животен стил, начин за перципирање и однесување што има вредност исклучиво само затоа што е нивен. Целиот културен живот се оформува во рамките конкретен тек на традиција кој доаѓа од колективното историско искуство споделено само од членовите на оваа група.
Затоа човек не може, на пример, комплетно да ги разбере големите скандинавски саги освен ако тој самиот не искусил таков голем предизвик на Северното море. Идејата на Хердер за нација е длабоко неагресивна. Се што тој сака е културолошко само-одредување. Тој ја отфрла супериорноста на едни луѓе над други. Хедер верува во разноликоста на национални култури, од кои сите, според негово гледиште, можат мирољубиво да коегзистираат.
Секоја култура има еднаква вредност и го заслужува своето место под сонцето. За Хердер негативците во историјата се големите освојувачи, како Александар Македонски, Цезар или Карло Велики, бидејќи тие ги искорениле домородните култури.
Само она што е уникатно има вредност. Затоа Хердер се спротивставува на француските универзалисти од добата на Просветителството. За него има многу малку безвременски вистини: време и место и социјален живот - што подоцна станува граѓанско општество - се најважните.
... Кај Хердер нема ништо за раса и ниту за крв. Тој зборува само за почва, јазик, заеднички сеќавања и обичаи."
Потоа Берлин го кажува својот став:
"Како и Хердер, и јас сметам дека космополитанизмот е празен. Луѓето не можат да се развијат освен ако не и припаѓаат на култура. Дури и ако се бунтуваат против неа и комплетно ја трансформираат, тие и понатаму му припаѓаат на текот на традицијата. Може да бидат креирани и нови текови - на Западот, од христијанството, или Лутер, или Ренесансата, или Романтизмот - ама на крај сите тие потекнуваат од иста река, од носечка централна традиција, која, понекогаш, во радикално изменети форми, успева да преживее.
Ама ако текот пресуши, на пример, каде што мажите и жените не се производ на култура, каде што тие немаат семејство и роднини и се чувствуваат поблиски до едни луѓе отколку до други, каде што немаат роден јазик - тоа ќе доведе до стравотно пресушување на се што е човечко."
По ова Гордел почнува со Жижек, кој пишува дека "сега ќе мора да биде прекршено едно од најголемите левичарски табуа,: идејата дека заштитата на својот начин на живот сама по себе е прото-фашистичка и расистичка категорија. Ако не ја напуштиме оваа идеја, ние отвораме пат за анти-имигрантскиот бран кој успева во Европа."
Жижек продолжува:
"Стандардната лево-либерална реакција на ова, секако, е експлозија на арогантен морализам: моментот кога ќе му дадеме каква било тежина на 'заштита на нашиот начин на живот' мотивот, ние веднаш ја компромитираме нашата позиција, бидејќи предлагаме поскромни верзии на она што противниците на примањето мигранти отворено го промовираат. Нели е ова приказната од последните неколку децении? Партиите од центарот го отфрлаат отворениот расизам на анти-мигранстките популисти, меѓутоа истовремено признаваат дека 'ја разбираат загриженоста' на обичните луѓе и спроведуваат 'порационална' верзија на истата политика."
Гердел објаснува дека иако очигледно има некаква вистина во поплаките дека Европа ја изгубила својата емпатија и е индиферентна кон страдањето на другите, Жижек тврди дека ова е "не е ништо друго освен другото лице на анти-имигранстката бруталност."
"И двата става ја споделуваат претпоставката, која на ниту еден начин не е очигледна, дека одбраната на сопствениот начин на живот го исклучува етичкиот универзализам. Човек затоа треба да избегне да се сплетка во либералната игра на 'колку толеранција може да си дозволиме.' Дали треба да толерираме ако тие ги спречуваат своите деца да одат на училиште, ако им ги договараат браковите на нивните деца, ако ги напаѓаат гејовите во нивните заедници? На ова ниво, секако, ние никогаш не сме доволно толерантни, или пак веќе сме премногу толерантни, на пример запоставувајќи ги правата на жените, итн. Единствен начин да се излезе од овој ќорсокак е да преминеме од толеранција и почит кон другите, на заедничка борба."
Во конкретниот случај со бегалската криза, Жижек тоа вака го формулира:
"Човек мора да ја рашири својата перспектива: бегалците се цената на глобалната економија. Во нашиот глобален свет, добрата слободно циркулираат, ама не и луѓето: се појавуваат нови форми на апартхејд. Темите како порозни ѕидови, заканата да бидеме преплавени од странци, се исклучиво неделива појава на глобалниот капитализам, тоа е индекс на што се' е погрешно околу капиталистичката глобализација. Додека големите миграции се константна карактеристика на човечката историја, нивниот главен причинител во модерната историја е колонијалното проширување: пред колонизацијата, глобалниот југ претежно беше составен од само-одржливи и релативно изолирани локални заедници. Токму колонијалната окупација и трговијата со робови е она што го исфрли од лежиште овој начин на живот и ги обнови масовните миграции."
Гердел го пренесува решението што го предлага Жижек:
"Прво, Европа ќе мора повторно да ја потврди својата комплетна посветеност кон обезбедување на начини за достоинствено преживување на бегалците. Тука не треба да има компромис: големите миграции се нашата иднина, и единствена алтернатива на ваквата посветеност е обновување на варварството (или она што некои го нарекуваат - судир на цивилизациите).
Второ, како неминовна последица на оваа обврска, Европа треба да се организира себе си и да наметне јасни правила и регулатива. Контролата на државата врз текот на бегалците треба да биде спроведена преку широка административна мрежа која ќе ја опфаќа целата Европска Унија (да спречи локално варварство како она на властите во Унгарија и Словачка). Бегалците треба да добијат гаранции за нивната безбедност, но исто така треба да им биде јасно ставено на знаење дека ќе треба да ја прифатат областа за живеење што им е доделена од европските власти, плус дека ќе мора да ги почитуваат законите и социјалните норми на европските држави: без никаква толеранција за религиозно, сексуално или етничко насилство од која било страна, без право за наметнување на сопствениот начин на живот или религија на другите, почит за личните слободи да се напуштат неговите / нејзините дотогашни обичаи. Ако жена одлучи да си го покрие лицето, тогаш тој избор треба да се почитува, ама ако одлучи да не го покрива, тогаш нејзината слобода треба да биде гарантирана. Да, вакви правила го привилегираат западно-европскиот начин на живот, ама тоа е цената на европската гостопримливост. Овие правила треба јасно да бидат истакнати и спроведени, и со репресивни мерки (против странски фундаменталисти како и против нашите анти-мигрантски расисти) ако е потребно."