Откако тргна целово ова лудило со короната, како општество развивме неверојатна опсесија со бројки. Константно пребројување на заразените и непрекинато бомбардирање со истите преку сите медиуми, жолчни расправи за тоа колку луѓе умреле од корона, колку со корона или пак од нешто десетто, полемики дали бројот е пренапумпан илки преиздишан, претпоставки колку пати повеќе заразени има меѓу нас... И така секој ден, шест месеци, нон-стоп.
Беше неминовно дека поплавата со такви информации, кога-тогаш ќе доведе до презаситување и пукање и се чини дека сега тоа конечно се случува. Два ријечки портала неодамна објавија дека своите читатели ќе ги поштедат од секојдневни известувања за бројот на заразени и умрени и со тоа предизвикаа општо одушевување.
Се осудувам да бидам оптимистична и да се понадевам дека тоа е можеби знак дека како општество, конечно почнавме да сфаќаме дека да се биде жив не значи да се биде еден од оние 99% кои ја преживеале короната. Бидејќи живот, во полната смисла на тој збор, нема без сите оние цивилизациски придобивки за кои со тешка мака се имаме изборено и кои се токму тоа што нè прави луѓе. Право на слобода, на работа и слободно движење. Право на човечки контакт, дружење, топлина и прегратка. Право да го изразиме сопственото мислење без да бидеме замолчувани и цензурирани. Сето тоа се права од кои пред шест месеци многу лесно се откажавме, предавајќи ги нашите животи во рацете на „стручњаци“ за тие да нè заштитат од болеста која огромно мнозинство ја преболува и не знаејќи дека ја има, или пак со благи симптоми.
Страв ми е да помислам колку уште полесно ќе се предадовме и уште помалку ќе се осмелувавме да прашуваме ако бројките беа малку поголеми, стапката на смртност да беше малку посериозна и на пример, порамномерно распоредена низ сите старосни групи. Страв ми е да помислам какви сè потиснати страсти дури тогаш ќе испливаа на површина, колку омраза, бес и насилство, кога и сега многумина беа спремни да ги линчуваат оние кои прошетале по свеж воздух. Сè заради страв од смртта.
Никогаш не сме живееле подолго и подобро никогаш не сме биле толку опседнати со смртта и нејзино избегнување по секоја цена.
Ми текнува на реченицата од Ѕвездени патеки, „Преживувањето не е доволно“ и ситуацијата кога тројца бивши Борги прифаќаат медицински третман кој сигурно ќе доведе до нивна смрт и тоа најмногу за еден месец. Смртноста е значи стопроцентна. Но, таквата постапка би им овозможила конечно да го остварат она што со години го сонувале - сопствената индивидуалност и слобода. Тие без своја волја, со години живееле меѓусебно телепатски поврзани, без никакво право на сопствена мисла и интима, постојано упаѓајќи едни на други во глава, што ги доведува до ивица на лудило. Затоа тие попрво би живееле неколку недели вистински живот отколку со години, ама без слобода, врзани еден за друг.
Не е доволно да се преживее, треба и да се живее.
Затоа ја поздравувам секоја дистанца од непрестаното броење на заразени, заболени и мртви. Крајно е време да се потсетиме дека да се живее не значи само да се избегне смртта туку и да се застане во одбрана на сите оние вредности за кои навистина се исплати да се живее.
Силвија Видовиќ
магистерка по културологија и преведувачка од Ријека