НАТО и индустријата за оружје која зависи од него и прави милијарди профит станаа најагресивниот и најопасниот воен сојуз на планетава. Создаден во 1949 година за да ја спречи советската експанзија во Источна и Централна Европа, алијансата еволуираше во глобална воена машина во Европа, Блискиот Исток, Латинска Америка, Африка и Азија.
НАТО ја пушти чергата, прекршувајќи ги ветувањата кон Москва по завршувањето на Студената војна, за да вклучи 14 земји од Источна и Централна Европа. Наскоро ќе ги додаде Финска и Шведска. Ги бомбардираше Босна, Србија и Косово. Започна војни во Авганистан, Ирак, Сирија и Либија, што резултираше со речиси милион човечки жртви и околу 38 милиони протерани луѓе. Се вгнездува во Африка и Азија. Ги покани Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја (тн. „Азиско-пацифичка четворка“) на својот неодамнешен самит во Мадрид. Го прошири својот дофат на јужната хемисфера, потпишувајќи договор за партнерство за воена обука со Колумбија, во декември 2021 година. Ја поддржа Турција која ја има втората по големина војска на НАТО, која илегално изврши инвазија и окупација на делови од Сирија и Ирак. Милициите поддржани од Турција се вклучени во етничко чистење на сириските Курди и други жители на северна и источна Сирија. Во замена за дозволата на Ердоган Финска и Шведска да се приклучат на алијансата, двете нордиски земји се согласија да ги прошират своите домашни закони за тероризам што ќе го олесни сузбивањето на курдските и другите активисти, ќе ги укине ограничувањата за продажба на оружје на Турција и ќе ја сопре поддршката за демократска автономија на Курдите во Сирија.
Бааги амбициозно за еден воен сојуз кој по распадот на Советскиот Сојуз стана вишок и требаше да се размонтира. Но, НАТО и милитаристите немаа намера да се задоволат со „мировна дивиденда“ и да застанат зад свет заснован на дипломатија, почитување на сферите на влијание и меѓусебна соработка.
Решија да останат во бизнисот. А бизнисот е војната. Тоа значеше проширување на воена машина надвор од границите на Европа и ангажирање во континуиран антагонизам со Кина и Русија.
НАТО ја гледа иднината, како што е наведено во неговата стратегија („НАТО 2030: Обединети за нова ера“), како битка за хегемонија со ривалските држави, особено со Кина, и повикува на подготовка за продолжен глобален конфликт.
Антагонизмот на САД и НАТО ги претвори Русија и Кина во блиски сојузници. Русија, богата со природни ресурси, вклучувајќи енергија, минерали и житарки, и Кина, производствен и технолошки ѕвер, се моќна комбинација. НАТО веќе не прави разлика меѓу двете и ги прогласува за непријатели на меѓународниот поредок „заснован на правила и вредности“.
На 6 јули во Лондон, директорите на ФБИ и МИ5 одржаа заедничка прес-конференција за да објават дека Кина е „најголемата долгорочна закана за нашата економска и национална безбедност“. Патем, ја обвинија Кина, како и Русија претходно, за мешање во изборите во САД и во Велика Британија.
Оваа запалива реторика носи застрашувачка иднина. А не може да се зборува за војна без да се зборува за пари и пазари. Политичките и социјалните превирања во Америка, заедно со намалената економска моќ, ја наведоа да го прифатат НАТО и неговата воена машина како противотров за нејзиниот пад.
Вашингтон и неговите европски сојузници се преплашени од кинеската иницијатива „Појас и пат“ вредна трилиони долари, која треба да поврзе економски блок од околу 70 нации надвор од американска контрола. Иницијативата вклучува изградба на железнички линии, патишта и гасоводи кои ќе бидат интегрирани со Русија. Се очекува за ова, до 2027 година Пекинг да одвои 1,3 трилиони долари. Кина, која е на пат следнава деценија да стане најголема светска економија, организираше регионалното економско партнерство, најголемиот светски трговски пакт од 15 земји од Источна Азија и Пацификот кои претставуваат 30 проценти од глобалната трговија. Таа веќе прави 28,7 отсто од глобалното производство, речиси двојно повеќе од американските 16,8 отсто. Стапката на раст на Кина лани беше импресивни 8,1%, годинава ќе забави на околу 5% оваа година, но САД лани беа на 5,7% (нивна највисока стапка од 1984 година) но, според њујоршките федерални резерви, годинава ќе паднат под 1%.
Ако Кина, Русија, Иран, Индија и другите нации се ослободат од тиранијата на американскиот долар како светска резервна валута и и на мрежата за трансфер на пари СВИФТ, тоа ќе предизвика драматичен пад на вредноста на доларот и финансиски колапс во САД.
Огромните воени трошоци кои го доведоа американскиот долг до 30 трилиони долари, 6 трилиони долари повеќе од целиот БДП на САД, ќе станат неодржливи. Сервисирањето на овој долг чини 300 милијарди долари годишно. На војска лани потрошивме повеќе отколку следните девет земји, вклучувајќи ги Кина и Русија, заедно. Губењето на статусот на доларот како светска резервна валута ќе ги принуди САД да ги намалат трошоците, да затворат многу од своите 800 воени бази во странство и да се справат со неизбежните социјални и политички пресврти предизвикани од економскиот колапс.
Во очите на стратезите на НАТО и САД, Русија е само мезе.
Се надеваат на тоа дека руската војска ќе заглави и деградира во Украина. Според планот, санкциите и дипломатската изолација ќе го исфрлат Владимир Путин од власт. Во Москва ќе биде инсталиран клиентелистички режим по мерка на САД.
Главниот оброк сепак е Кина. Не можејќи да се натпреваруваат економски, САД и НАТО се свртеа кон воени инструменти за да го осакатуваат нивниот глобален конкурент.
Провокациите кон Кина се реплика на НАТО мамките за Русија.
Проширувањето на НАТО и американски оркестрираниот пуч во Киев во 2014 година, ја наведоа Русија прво да го заземе Крим кој има огромно руско население, а потоа да ја нападне Украина за да го спречи приклучувањето кон НАТО. Истиот танц на смртта сега се игра со Кина и Тајван и проширувањето на НАТО во азискиот Пацифик.
Конфликтот во Украина е милина за индустријата за оружје на која, после понижувачкото повлекување од Авганистан, ѝ требаше нов конфликт. Цените на акциите на Локид Мартин пораснаа за 12 отсто, Нортроп Груман порасна за 20%. Америка гради постојана воена база во Полска, силите за брза реакција на НАТО од 40.000 одат на 300.000 војници. Милијарди долари оружје се слеваат во регионот.
Но, конфликтот со Русија почнува да возвраќа. Рубљата се искачи на највисоко ниво во последните седум години во однос на доларот. Европа оди кон рецесија а загубата на руската пченица, ѓубриво, гас и нафта, поради западните санкции, создава хаос на светските пазари и хуманитарна криза во Африка и на Блискиот Исток. Тоа не носи само лишување и глад, туку и социјални преврати и политичка нестабилност. Во меѓувреме, вонредната климатската состојба која е вистинската егзистенцијална закана, се игнорира само за да се смират боговите на војната.
Путин ги предупреди земјите од НАТО дека „ќе се соочат со последици поголеми од сите со кои сте се соочиле во историјата“ доколку директно интервенираат во Украина и нареди руските нуклеарни сили да бидат ставени во статус на зголемена готовност. Близината до Русија на американското нуклеарно оружје стационирано во Белгија, Германија, Италија, Холандија и Турција значи дека секој нуклеарен конфликт ќе уништи голем дел од Европа. Русија и САД контролираат околу 90 отсто од нуклеарните боеви глави во светот, со по околу 4.000 боеви глави во нивните воени резерви, според Федерацијата на американските научници.
По нејзините фијаска на Блискиот Исток, американската војска го префрли својот фокус, од борба против тероризмот кон конфронтирање со Кина и Русија. Тимот за национална безбедност на Обама во 2016 година симулираше воена ситуација во која Русија врши инвазија на земја на НАТО на Балтикот и употребува тактичко нуклеарно оружје со ниска моќност против силите на НАТО. Официјалните претставници на Обама биле поделени околу тоа како да се одговори.
Бајден има формирано „Тим тигри“ од експерти за национална безбедност за да симулираат воени игри и што да се прави ако Русија искористи нуклеарно оружје. Заканата од нуклеарна војна се минимизирана со дискусии за „тактичко нуклеарно оружје“, небаре помалку моќните нуклеарни експлозии се некако поприфатливи и нема да доведат до употреба на поголеми бомби.
Во ниту еден момент, вклучително и кубанската ракетна криза, не сме биле поблиску до апокалипса од нуклеарна војна.
„Симулација смислена од експерти од Универзитетот Принстон започнува со испукување предупредувачка нуклеарна ракета од Москва; НАТО возвраќа со мал удар, а војната што следува доведува до над 90 милиони жртви во првите неколку часа!“, пишува „Њујорк тајмс“.
Колку подолго трае војната во Украина - а се чини дека САД и НАТО се решени уште долго да внесуваат милијарди долари оружје - толку повеќе незамисливото станува замисливо. Флертувањето со Армагедон за да профитира индустријата за оружје и да се спроведе залудната потрага за враќање на глобалната хегемонија на САД, во најдобар случај крајно е непромислено а во најлош случај геноцидно.
Крис Хеџис, на Сабстак