На прашањето кој од двајцата кандидати на претседателските избори го смета за подобар, еден политичар со повеќедецениско искуство на домашна и меѓународна сцена, одговори: "Не знам кој е подобар, ама и двајцата се лоши." Одговорот е многу повеќе од духовита досетка. Тој имено ја одразува целата трагедија на ситуацијата во која се најде американското општество, кое и понатаму претенциозно смета дека е демократско и по таа основа има и право и должност низ светот да воведува демократија, па макар и со сила, а ла Американа. А тоа и такво општество изведе двајца кандидати од двете најголеми партии, додека сите останати, без разлика колку би можеле да бидат попаметни или подобри, се елиминираат уште на старт врз основа на анкети кои не им даваат доволен процент на поддршка од гласачите. Па остануваат само оние кои успеваат да соберат доволно пари (стварно големи суми) кои се потребни за водење на повеќемесечните предизборни битки, пред се во рамките на сопствените партии за да се стигне до номинацијата за претседателски кандидат, а потоа и меѓусебно во трката кон големата награда - Белата куќа.
Првиот услов, значи е да се има многу пари. Годинава еден од кандидатите, милијардерот Доналд Трамп, успеа да се наметне на Републиканската партија, сам финансирајќи се (во најголем дел) и освојувајќи ги симпатиите на гласачите, често пати со расистички и сексистички изјави. Неговата противкандидатка, Хилари Клинтон, ужива нескриени симпатии од моќните финансиски кругови, од кои доаѓа и најголемиот дел на донациите со кои ја финансира својата кампања. Без пари нема кампања. Без кампања нема ни најмали шанси ни да се припари до трката за претседател(ка). Каква врска имаат парите со демократијата? Во теорија - никаква. Во (американската) пракса - нераскинлива. Па приказната за демократијата паѓа уште на тој прв испит. Бидејќи што корист од тоа што теоретски секој граѓанин може да избира и да биде избран кога праксата е сосема поинаква? И дали постои така важна разлика меѓу тоталитарните режими од социјалистичка провениенција во кој владејачката (една и единствена) партија ги одредувала кандидатите, па дури и тогаш кога за една функција ги имало повеќе, и т.нр. демократски режими како американскиот во кои сè секогаш се врти околу двете големи партии (додека останатите, како што рековме, се елиминираат - секако демократски, во раната фаза), а ни во тие партии баш никакви шанси немаат ни оние кои се без средства (или доволно средства)?
По оваа основа, финансиска, изникнаа и двајцата кандидати за функцијата претседател(ка) на Соединетите Држави. Од една страна е ексцентричен милијардер кој со некои свои изјави во најмала рака наведува на претпазливост, а од друга страна е сопругата на некогашниот претседател, поранешната министерка за надворешни работи која во политичка смисла не е никаква непознаница, меѓутоа и баш затоа е опасна. Не лоша, туку опасна.
На Доналд Трамп може сешто да му се импутира. И дека е политички неписмен, е дека е одвај скриен расист, и дека е недоделкан во однос на жени (и вербално и стварно), и дека лесно избувнува. Меѓутоа тој очигледно има неколку советници кои си ја знаат својата работа, кои тој ги почитува и кои ја смислиле неговата надворешно политичка платформа која е сè освен неинтересна. Во својот прв говор во кој се бавеше со надворешна политика Трамп крајно јасно и децидно ја отфрли "пропаднатата политика за наметнување режими на странските држави" и најави дека се откажува од нејзе. Со други зборови, со претседателот Трамп САД би престанал да изигрува светски полицаец и ќе се откаже од "господ дадената" улога да шири демократија (или она што Вашингтон го подразбира под демократија, а што се појасно се покажува како маска зад која се американските и не само американските деловни и финансиски интереси). На трговски план Трамп би се откажал од наметнување на мултинационални трговски договори, како фамозниот ТТИП против кој на нозе се крена половина Европа, и ќе се сврти кон билатералните трговски договори. И она што во атмосфера на се позатегнати американско-руски односи изгледа најважно: Трамп ќе се обиде да најде заеднички јазик со Русија, пред се соработувајќи со неа (а не противејќи и се) во борбата против глобалниот тероризам. Од гледиште на состојбата во светот, Трамп несомнено е помалку лошиот кандидат (тоа го утврди, за чисто чудо, и аналитичарот на германскиот неделник 'Дер Шпигл').
Наспроти него е Хилари Клинтон, фаворизирана од сегашната американска власт (и претседателот и првата дама активно учествуваат во нејзината кампања), меѓутоа практично и од сите американски меинстрим медиуми, па и оние во Западна Европа. Таа недвосмислено им припаѓа на политичките јастреби. Т.нр. Арапска пролет со сите свои катастрофални последици, петгодишната војна во Сирија, раѓањето на т.нр. Исламска држава, во крајна линија и бегалската криза со која Европа не успева да се носи веќе подолго од една година, се незамисливи без нејзе. А во односите со Русија таа свесно оди на најтврдиот можен курс, претворајќи ја предизборната кампања во свој натпревар со Владимир Путин. Таа отворено, со помош на американските разузнавачки служби, иако без ниту еден вистински доказ ('уверени сме' им е до сега најконкретниот 'доказ'), го обвинува дека тој се меша во американските претседателски избори, при што својот противкандидат го прогласува за марионета на Путин. Многу е тешко да се замисли нејзин конструктивен дијалог со рускиот лидер. Да се претпостави дека ќе нареди американски напади на позициите на легалната сириска војска како би ги спасила џихадистите кои таму војуваат, додуша се помалку на сметка на Америка, а се повеќе за остварување на своите цели, е тоа веќе е многу лесно. Без разлика на последиците. Па следствено на тоа, бројните афери кои ја пратат, а да не ни спомнуваме тоа дека е докажано дека лажела во јавност и пред државните органи (иако тоа по нешто зборува за карактерот), Хилари Клинтон е полошиот кандидат за влез во Белата куќа од Доналд Трамп.
Од американските претседателски избори нè дели помалку од еден месец. Во моментот на пишување на овој текст сите прогнози даваат јасна предност на поранешната министерка, која на последното соочување со Трамп, со преќутна дозвола од водителот на соочувањето, елегантно ги заобиколи сите непријатни теми, и се прави дека не слушнала што рекол нејзиниот противкандидат. Нему пак од ден во ден му приредуваат нови "изненадувања" носејќи пред камери жени за кои тој тврди дека никогаш во живот не ги сретнал, а кои читаат (!) внимателно составени изјави за тоа како, кога и со која рака тој дофатил кој дел од нивното тело. На Бил Клинтон (да, да, сопругот на кандидатката за Белата куќа) и фамозната приправничка Моника Левински, во овие моменти никој не сака да се сети, а кога Трамп алудира на тоа со зборовите "јас сум зборел, а Бил го правел тоа", почнува серијата откритија за негови напади на жени. Кој сака, нека верува.
Да Соединетите држави не се она што беа, можевме да се задоволиме со изјавата на политичарот од почетокот на текстот: 'Двата кандидата се лоши.' Вака мораме да кажеме: за едниот дознавме (па и од него самиот) многу лоши работи, но чувме и концепт кој е, барем за оној дел што се однесува на светот, ветувачки. За кандидатката, меѓутоа, знаеме каква е и каква ќе биде. И тоа е она што плаши. Затоа за американските избори не треба да зборуваме во категории "лош" и "полош", туку за "малку опасен" и "крајно опасна". Ние на работ од Европа повеќе од тоа и не можеме. А и тоа на некои ќе им биде премногу. Но не живееме ли (и) ние во демократија?