Ама сега има разлика. Има разлика затоа што сега не станува збор за мал опскурен офшор остров или истоштена земја во развој која се труди да открие алтернативен бизнис модел на продавањето дрога. Се работи за голема банка сред Европа, во една од најбогатите држави во светот; држава во која „владеењето на правото“ би требало да е врховно. Уште поразочарувачки, е што земјата и банката ветуваа транспарентност и подобро однесување околу ова. И тоа е поентата: без транспарентност, не може да има ни одговорност.
Всушност, позицијата на Швајцарија се повеќе е дволична, со законска рамка која ги казнува сите оние што ќе се обидат да ја пробијат нивната таинственост. Државите низ светот донесоа закони за заштита на свиркачите, препознавајќи колку е тешко да се открие непосакувано однесување. Откривањето на тајните на Фејсбук од страна на Франсис Хојген веројатно немаше да биде возможно без силните американски закони за заштита на свиркачите. Меѓутоа Швајцарија, една од најстарите демократии во светот, изгледа дека само ја удвои својата посветеност кон таинственоста, без разлика на поттикот што го дава за штетно однесување, со заканување на новинари и други кои ќе се обидат да пристапат до податоците кои покажуваат што се случува во мрачните сенки на финансискиот систем.
За жал, но не и изненадувачки, ниту еден швајцарски медиум не можеше да се приклучи во глобалната новинарска соработка заради опасноста од сериозни правни последици предвидени во швајцарските закони за банкарски тајни. Меѓутоа новинарите во други држави треба да бидат пофалени заради ризикување да бидат гонети од швајцарските власти. Секако, на Швајцарија мора да и е јасен обесхрабрувачкиот ефект на нејзините закони: можеби самата негова намера е да го заштити овој бизнис модел колку е можно подолго, или да добие мало парче нечесно заработените туѓи пари, во замена за обезбедување безбедно и тајно место за трупање и чување на пленот.
Швајцарските тајни имаат два посебно алармантни аспекти. Меѓународните новинари видоа само мало парче од податоците на клиентите на банката, меѓутоа ако во ова мало парче има толку многу проблематични клиенти, вклучително и диктатори и нивните семејства, осудени воени криминалци, разузнавачки офицери и шефови, трговци со луѓе, санкционирани бизнисмени и прекршители на човекови права, тогаш што ќе видиме ако прозорецот во банката повеќе се отвори?
Второ изгледа дека државите кои најмногу страдаат од тоа што банката им помага на овие спорни ликови се земји во развој и новите пазари. Откритието го потврдува она на што експертите долго време предупредуваат: Швајцарија се согласи на автоматска размена на информации главно со други развиени држави, но не и со сиромашните држави, и посебно оние од каде потекнуваат овие незаконски активности. Како резултат, клептократијата и корупцијата и понатаму може да цветаат.
Добро е да се види дека новинарите и понатаму веруваат во нивната должност да откриваат, и дека се борат „за правото да знаат“ за граѓаните во држави како Швајцарија, кои не можат да контролираат што нивните политичари кријат. Политичарите во развиените држави љубат да држат говори во кои ја критикуваат корупцијата во странство. Меѓутоа држави како Швајцарија се клучни во овозможување на таа корупција: тие го обезбедуваат рајот, осигурувајќи се дека ќе имаат долгорочен поврат.
Треба да биде јасно: Швајцарија не е сама. Таа со право се жали дека затворањето на нивната врата само ќе ги префрли активностите со недвижности и финансии во Мајами, Лондон или друг центар за перење пари. Сепак, има нешто морално одвратно околу оние во САД, Британија или Швајцарија кои живеат од пленот украден од многу посиромашните. И тие држави како Швајцарија кои креираа законски систем што го овозможува ова треба да бидат посебно засрамени.
Уште колку стории, откритија, експозеа, ќе бидат потребни за Швајцарија, САД, Британија и другите држави да ги променат своите закони за тајновитост на банкарскиот систем и недвижностите, и сите други активности преку кои се одвива перењето пари и се промовира криминалот и корупцијата? Иако овој ковчег со плен покажа дека Швајцарија има бенефит од приливот на пари од сиромашни држави, самиот систем корумпира: гнилежот на валканите пари расипува сè што ќе допре.
Да се надеваме дека, Швајцарските тајни, ова огромно постигнување на искрено и чесно новинарство, ќе ги засрами оние што одбиваа да се создаде потранспарентен финансиски и економски систем.