Дали се сеќавате кој беше Дражен Ердемовиќ? Тоа е една од првите обвинети во Хаг кој призна дека убил речиси сто луѓе, одглуми каење, обвини други луѓе и беше осуден на пет години затвор. Воjислав Шешељ не призна ништо - ни судот, ни обвиненијатa, ни сведоците. A во хашкиот затвор, без никаква пресуда помина 11 години, 8 месеци и 13 дена. А кога до хашките судии стигнаа дијагнозите за метастази на црниот дроб, од Хаг до српската Влада стигна писмо во рок од 2-3 часа ("Денеска до 18 часот) да даде гаранции за Војислав Шешељ. Така една правна срамота долга 12 години требаше да се покрие со двочасовен излив на хуманост.
На веста за враќањето на Шешељ, еден од неговите политички антиподи Ненад Чанак изјави дека човекот кој отишол не е овој човек кој сега се враќа. "Земјата од која отиде не е земјата во која се враќа. Луѓето кои го испраќаа не се луѓето кои ќе го дочекаат". Значи, сè во Србија се сменило. Само тој хашки срам остана ист. Како што остана ист оној дел од политичката интелектуална елита во Србија кој 12 години молчеше за човекот кој заради екстремни ставови и вербален деликт робуваше подолго отколку цела галерија осведочени злосторници. Бидејќи сите знаеме дека нема демократија за непријателите на демократијата. А секој кој се дрзна да каже дека и радикалите сепак мора да имаат некакви човечки права, брзо стануваше сомнително лице, јатак на Ратко Младиќ или хонорарен соработник на разни тајни служби.
Шешељевата робија за разни српски лидери беше еден вид подарок од Запад за развојот на демократијата, бидејќи сите беа уверени дека без опасниот, виолентен радикалски лидер, неговата партија ќе овене а Србија брзо ќе стигне до вратите на Европа. Така Шешељ стана еден вид политичка мина заостаната од последната војна која требаше да се држи што подалеку од луѓето, сè додека не ѝ помине рокот на траење.
Првите години, по разни дипломатски приеми во Белград можеше да се почувствува олеснување што него го нема веќе, а лидери од политичкиот и невладин сектор набројуваа кои сè погодности за развојот на демократијата веќе ги донесе неговото заминување. А подоцна, кога и на најголемите хашки ентузијасти им стана јасно дека очигледно се работи за обична лакрдија, рефренот за Шешељ се смени - што сè би можело да донесе неговото враќање.
Дури и кога лекарските дијагнози говореа дека можеби лидерот на радикалите успеал истовремено да му нанесе непроценлива штета и на трибуналот и на сопственото здравје. овдешните шампиони на либералната мисла разгледуваа како тешко болниот лидер на една вонпарламентарна партија би можел да ја дестабилизира Србија.
Затоа и потписникот на овие редови не е сигурен што враќањето на еден поразен лидер од една поразена земја би можел да значи - крај на една епоха или само крај на една голема, безгранична бламажа.
Батиќ Бачевиќ, во Политика