Русите најпрво доаѓаат и го преземаат претпријатието. Не им е потребна целосна контрола над сопственичкиот удел. Им треба само онолку колку што е доволно за клучни одлуки да не можат да се носат без нив. Не го прават тоа за да заработат; профитите и бизнис плановите тука се помалку важни. Впрочем, тие не преземаат какви било претпријатија. Нив ги интересираат компании што се доволно големи за да имаат осетно влијание на целосната национална економија. Така да можат, ако Москва тоа го процени како потребно, и да ги турнат во пропаст.
Опишаната ситуација добронамерниот и за иднината на хрватската економија загрижен читател сигурно ќе го асоцира на Агрокор и калта во која моментално се препелка најголемиот хрватски тајкун Ивица Тодориќ. Меѓутоа се работи за крајот на нималку хипотетската приказна која се одвиваше на некои 800 километри југоисточно од загрепската бизнис кула во која е сместена централата на трговската империја на Тодориќ. Претпријатието од претходниот пасус е бугарската Корпоративна трговска банка, колоквијално наречена Корпбанк, која банкротираше во 2014 година. Само една година претходно во сопственичката структура на Корпбанк влегува руската ВТБ банка, на чии пари во последните години во обид за финансиски опстанок се потпираше и сопственикот на Агрокор.
Додека уште "добро работеше" Корпбанк примарно служеше како банкомат за кредитирање на проекти на бугарскиот тајкун и медиумски магнат Делјан Пеевски, кој воедно беше и пратеник во бугарскиот парламент и голем заговорник на политиките на рускиот автократ Владимир Путин. За трета по големина бугарска банка сè тргна низ брдо откако на компаниите во сопственост на Пеевски не им беше даден веќе договорениот кредит за изградба на бугарскиот дел од рускиот гасовод Јужен тек. Од практично договорената работа Корпбанк мораше да се повлече заради притисокот што службен Брисел го вршеше врз бугарските власти; довршувањето на Јужниот тек не беше во интерес на ЕУ и САД.
Одговорот стига во вид на координирана акција на Пеевски и ВТБ. Бугарскиот тајкун ги повлече сите свои пари од Корпбанк, а руската банка, наместо очекуваната докапитализација со која би ги заштитила и сопствените финансиски интереси, го остави непослушниот Корпбанк едноставно да пропадне.
Колапсот на Корпбанк во Бугарија предизвика финансиска криза и политичка нестабилност. На следните избори за претседател избран е отворено прорускиот кандидат Румен Радев, кој својата претседателска позиција сега меѓу другото ја користи и за активно да ја попречува истрагата која во целост ќе ја расветли пропаста на Корпбанк.
Ова е само еден од примерите кои истражувачите на Центарот за стратешки и меѓународни студии, тинк-тенк основан во Вашингтон пред 55 години, ги собраа и објавија во студијата наречена Прирачникот на Кремљ.
Остатокот од текстот на Петар Видов за Новости, тука.