Во моментов во тек e значајна глобална промена. Она што се случува во рускиот град Казањ каде што блокот Брикс одржува меѓународен самит чиј домаќин е глобалниот одметник Владимир Путин.
Од почетокот на конфликтот во Украина, Запад се обидува да ја изолира Русија преку санкции и дипломатски притисок. Сепак, Казањ пречекува шефови на држави или високи функционери од 32 земји, вклучително и четири нови членки на блокот - Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати - како и многу други земји заинтересирани за членство, вклучително и Турција, првата земја во НАТО што размислува за приклучување. Ќе присуствува и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Настанот сведочи за растечкото влијание на Глобалниот југ - или Глобалното мнозинство, како што го нарекуваат Русите - и неговата потрага по алтернатива на системот предводен од САД.
Се зборува дека околу 40 нации се на листата на чекање за приклучување, при што Саудиска Арабија и Индонезија изразија сериозен интерес, што дополнително ја илустрира растечката привлечност на овој „незападен клуб“. Членството е заводливо за оние нации кои бараат алтернативи на економските и финансиските структури во кои доминира Западот, сè почесто обвинувани дека го загрозуваат економскиот развој, социјалната стабилност и националниот суверенитет на послабите земји.
„Глувоста на Западот кон остатокот од светот придонесе тој непријатно да се изненади што многу земји изразија интерес да се приклучат на БРИКС после избувнувањето на руско-украинската војна. Иронично, режимот на санкции на Западот - особено замрзнувањето на 300 милијарди американски долари од девизните резерви на Русија што е невиден чин на економска војна - е она што мотивираше многу земји да бараат алтернативи за западната финансиска инфраструктура изразена во американски долари“, пишува Томас Фази.
БРИКС веќе има значително економско влијание. Комбинираниот БДП на групата, кога е прилагоден за паритетот на куповната моќ (ППП), сочинува 35,6% од глобалната економија, надминувајќи го уделот на Г7 кој е нешто повеќе од 30%. Во однос на населението, разликата е уште повпечатлива: државите на Брикс се дом на 45% од светската популација, додека на Г7 отпаѓа помалку од 10%.
Со оглед на тоа што БДП-то на Индија, Кина и Русија се очекува да порасне за приближно 4% оваа година, во споредба со 2% кај западните економии, се чини дека БРИКС го имаат ветерот на историјата во нивните едра.
Западните земји често ја отфрлаат институционалната релевантност на БРИКС, посочувајќи дека блокот е нешто повеќе од лабава асоцијација на земји со често различни економски и геополитички интереси и дека не понудиле конкретна алтернатива на западните системи.
Засега.
Русија одигра движечка улога во еволуцијата на Брикс. Позиционирана како посредник меѓу Кина и Индија, Русија успеа да ја задржи клучната улога во организацијата, што ја прави витален играч во секој институционален чекор.
Сега Русија му постави на блокот нова стратешка цел: дедоларизација.
Санкциите против Русија и замрзнувањето на нејзините средства ја нагласија потребата за финансиска независност, правејќи ја дедоларизација не само пожелна туку и неопходна, не само за Русија туку и за другите земји.
Тоа засега дава извонредни резултати кај меѓународната трговија на членките на БРИКС во национални валути наместо во долари, која по обем веќе ги надмина трансакциите извршени во долари.
Настрана создавањето на Новата развојна банка (НДБ), која работи како алтернатива на западните финансиски институции како ММФ и Светската банка, досега навистина малку е направено во однос на создавање валидна алтернатива на западната меѓународна финансиско-монетарна инфраструктура.
Дали Казањ ќе го означи почетокот на нова ера во овој поглед? Досега деталите беа ретки, но во последниве месеци се појавија шпекулации за планот на БРИКС да стартува, веројатно за време на самитот, целосно развиен нов глобален монетарен екосистем.
Во игра е многу зборуваната „валута Брикс“- сметководствена единица за решавање на меѓународни трансакции и управување со проблеми со платниот биланс (што не треба да се меша со наднационална валута како што е еврото) како и блокчејн меѓународен платен систем кој ќе биде алтернатива на постоечките глобални финансиски системи како што е Свифт и финансиската инфраструктура базирана на долари.
Системот ќе користи блокчејн технологија за да овозможи безбедни, транспарентни и непроменливи платежни трансакции низ земјите-членки на Брикс. Децентрализираната природа на блокчејн би ја елиминирала потребата од централен посредник, правејќи ги прекуграничните плаќања поефикасни и помалку подложни на притисок, забрани или мешање од надворешни субјекти. Предложениот платен систем не само што ќе ја поддржи агендата за дедоларизација, туку ќе ја обезбеди многу потребната финансиска безбедносна мрежа за земјите што се соочуваат со западни санкции. Доколку биде успешна, оваа иницијатива би можела да стане камен-темелник на новиот, децентрализиран глобален финансиски поредок кој се потпира на дигиталните технологии за да ја оспори доминацијата на доларот, објаснува Фази.
Како треба да реагира Западот на овие битни промени? Со оглед на тоа што може малку да направи за да се запре неизбежниот од кон мултиполарност, може да им се заканува на земјите кои се оддалечуваат од доларот, како што неодамна направи Трамп. Но, тоа ќе го постигне само спротивниот ефект; западните земји, особено во Европа веќе плаќаат висока цена за раздвојувањето на Запад од остатокот на планетава.
Сегашната геополитичка конфронтација не е само економска. Станува збор за крајот на петвековната западна глобална доминација. А ако учиме од историјата, знаеме дека етаблираните светски сили ретко или никогаш не прифаќаат подем на други сили. Затоа, не е чудо што сегашните глобални судири се врамени во цивилизациски наратив. Додека Русија, Иран и Кина се собираат во Казањ да го постават својот нов светски поредок, сосема е можно, наместо да навестува нова ера, средбата да биде само уште еден чекор кон Големиот пожар, нешто што веројатно, веќе се случува на европскиот источен фронт и Блискиот Исток, пишува Фази за Unherd.
***********
Види и:
Нема долар, нема санкции, нема хегемонија
Такер: Отиде (ли) Америка во сиромаштија