Пишува: Џун Тандерсторм
Битните и влијателни луѓе велат дека антипушачките закони се за наше сопствено добро. Ништо не може да биде подалеку од вистината. Нападите врз пушењето цигари не го подобруваат животот на оние за кои тврдат дека ги штитат, било тие да се „самоуништувачките“ пушачи од работничката класа или морализирачките професионалци што се жалат дека мораат да ги мирисаат.
Суштината на антипушачките закони е - и отсекогаш била - во социјалната контрола. Во зголемувањето на продуктивноста на работниците и поттикнувањето класна нетрпеливост, за да нѐ натера да го бараме непријателот еден во друг, наместо во оние што заработуваат огромни пари, како од продавањето цигари, така и од кампањите против пушењето. Ја легитимира приватизацијата на јавниот простор, го ограничува народното дружење и ја истуркува работничката класа од политичкиот живот во приватна изолација преку општествената технологија на срам. Гo избледува насилството што богатите го изнудуваат од сиромашните, за да направи сето тоа да изгледа како лично дело на работникот. Накратко, тоа е класна војна со друго име.
Лесно е да се обвини лицемерството на наводно добронамерните влади, кои се загрижени за „јавното здравје“. Алкохолот и шеќерот му штетат на потрошувачот до степен сличен на цигарите, а им штетат и на „непијачите“ - прашајте ја која било жена што знае пијани луѓе, или сечачите на шеќерни трски во Латинска Америка. Но класниот карактер на војната против пушењето е толку изразен што човек почнува да се прашува која е таа „јавност“ во „јавното здравје“. Таа, секако, не ги содржи никарагванските работници на плантажи, ниту повеќето црни Американци - освен ако убиството на Ерик Гарнер од страна на полицијата затоа што продавал цигари на парче не можеме да го наречеме еден вид „про-живот“ операција. Се разбира, полицајците во САД ги убиваат црнците и само затоа што шетаат и дишат, па можеби на кутиите за цигари треба да пишува: „Пушењето е главна причина за смрт освен ако сте црнец“.
Во „јавноста“ заштитена со јавните здравствени иницијативи нема ни луѓе од работничката класа, без разлика од која боја се. Ако ги имаше, иницијативите ќе беа насочени првенствено кон процесот на производство, а не кон потрошувачката. А тука мислам производство на сè. Впрочем, секој што работи за минимална плата веќе очекува да му се оштетат органите, очекува физичка болка, намален квалитет на живот и прерана смрт. И баш затоа, без сомнение, предупредувањата на пакетите „Ако пушите, ќе се разболите“ не успеваат да ја инспирираат оваа група да ги остави цигарите: работењето посрана работа за посрана плата сè повеќе и сè побрзо ја разболува работничката класа. А сепак, промотерката на „јавното здравје“ не се грижи многу за тоа дека работниците во секој момент треба да влезат во зграда и цел ден да кршат скапан медијапан. Неа ја интересира само што конзумираат тие долу пред врата на нивната кратка десетминутна пауза. Зошто ова е така?
Загадувачките сиромашни
Оваа очигледна контрадикција се разјаснува откако ќе сфатиме дека кампањите за јавно здравје на денешниве влади никогаш не значеле заштита за сите. Тие се, всушност, за заштита на привилегираните граѓани од опасно загадувачките сиромашни. „Здравјето и безбедноста“ беа оправдување за втерувањето на сиромашните селани во социјалните работни домови во Англија и морнарицата, исто како што „здравјето и безбедноста“ беше слоганот на британските империјалисти што сакаа да го оправдаат колонијализмот и самите робовски бродови. Всушност, се чини дека кога цивилизираните влади разговараат за „здравјето и безбедноста“, она што често следува е „болест и смрт“, па затоа мудро би било секогаш да бидеме на штрек.
Уште од почетокот на модерната доба, новите капиталистички буржоазии се трудеа да ја нагласат сопствената посебна вредност за разлика од „хедонистичките“ аристократи и „ирационалната“ поткласа, обете замислени како гротескни. Масите, особено, беа дефинирани со наводно прекумерно уживање во телесните задоволства. Ова беше прикажувано како сосема спротивно на новиот аскетски претприемач, кој се преправаше дека нема никакви телесни функции. Оргазмите, јадењето, потењето и серењето беа некултурни, валкани нешта, теза што вознемирените буржоаски моралисти им ја пренесуваа на другите во налетот на колективна невроза.
И навистина, жените, сиромашните и „примитивните“ колонијални поданици беа соодветно замислувани како порозни и протечни дегени водени од примитивните нагони, додека елитите беа рационални, прибрани и без допирни точки со телото и неговото практично функционирање. Новите социјални хигиеничари особено ги загрижуваше сиромашната или жената од друга раса, замислена како ширач на болести со нејзината необуздана сексуалност и заразен допир. Оттука е и симболиката на опасните слугинки како „Тифусната Мери“, њујоршката готвачка што повеќе од две децении помина во карантин откако во 1915 година беше заклучено дека е „носител без симптоми“.
Оваа социјална имагинација денес опстојува во многу форми, од кои едната е отчовечување на загадувачкиот пушач преку негово прикажување како серија од откинати изгниени делови од телото (како што се одвратните болни бели дробови што ги гледаме во пропагандата против пушењето), сè во интерес на јавното здравје. И издувните гасови на автомобилите, и газираните пијачки, и фармацевтските лекови и беспилотните летала со нано-оружје можат да го нарушат здравјето на едно младо бело буржоаско дете, но сепак неговата мајка ги поддржува овие инвестиции со своите даноци и консументски одлуки плукајќи навреди кон пушачот што чека на автобуска станица: на крајот на краиштата, таа е само една токсична торба со делови на тело.
Неодамна видов една жена што туркаше прескапа детска количка како се пробива низ море од автомобилски ауспуси кон еден пушач само за да му каже дека тој „го убива нејзиното бебе“ загадувајќи го воздухот. Таквиот чин нема никаква врска со заштитата на децата, а е длабоко поврзан со истурањето на буржоаскиот гнев преку напаѓање немоќни луѓе што државните власти ги претставиле како непринципиелни луѓе што не заслужуваат почит. Истите тие државни органи им дозволуваат на корпорациите да ги трујат нашата храна и вода, па секако дека не им пречи ако наместо поради тоа, ние се разгневиме поради некои комшии-пушачи. И навистина, дебилниот сосед со одвратни валкани бели дробови очигледно е поопасен од самиот чад од цигарите: иако чадот што сѐ уште не е вдишан е потоксичен, големата опасност за непушачите, според органите за јавно здравје, е индиректниот чад. Конечно, цигарата го претставува она од што буржоаските набљудувачи отсекогаш се плашеле - идејата дека и тие имаат тела, и дека тие тела материјално коегзистираат, и всушност ја создаваат, „одвратната“ работничка класа.
Јавниот простор, прераспореден
Тука јас воопшто не сугерирам никаков злобен заговор на технократите, туку еден наплив од пренесени интереси. Притисокот да се забрани пушењето на работното место во 1980-тите всушност потекнува од истражување на „Зголемувањето на продуктивноста преку контрола на пушењето на лице место“ - но, се разбира, не сите загрижени за тутунот беа вампири што бараат профит, ниту пак непријателите на пушењето на работното место конкретно ги таргетираа сиромашните. Пушачите во тоа време сè уште се сметаа за „елегантни“ (classy).
Ова е причината зошто кампањата во осумдесеттите за оцрнување на пушењето се состоеше од обид тие да се прикажат како неелегантни. Колку и на жените дотогаш да им се продаваше софистицираност преку „бенсон & хеџис“, „холидеј“ и „парламент“, а на мажите им се нудеа слични симулации на моќ и енергија во „марлборо“, цигарите сега требаше да се направат непристојни преку нови асоцијации со нечистотија, мирис, валканост, изопаченост, неконтролирана желба и неизбежните делови на телото - концепти што буржоазијата, во своите напори да се издвои, долго време ѝ ги пренесуваше на работничката сиромаштија. Со други зборови, цигарите почнаа симболично да се поврзуваат со пониските класи пред сиромашните да бидат мнозинството од оние што (сè уште) пушат, што е дел од прикажувањето на чинот на пушење како нездрав. Пушењето беше постојано прикажувано и како нездраво и како недозволиво во раниот професионален живот, што би можело да го попречи напредувањето на копнежливиот јапи во кариерата. „Цигарите можат да горат дупки во вашата кариера“ беше алармот што одекнуваше во списанието „Кариер ворлд“ во 1985, истовремено со други изданија за совети во кариерата во осумдесеттите.
Сега, во 2016 година, пушењето цигари во Северна Америка е навистина почесто кај луѓето што живеат во сиромаштија. Пушат бидејќи немаат доволно време или пари за асално да јадат, бидејќи некои други, поугледни психоделични лекови не им се достапни, бидејќи тоа е нешто за уживање. Го прават тоа бидејќи нивните работни места (додека сè уште постојат) се толку досадни и физички болни што тие попрво би умреле. Сепак, професионалците во велнес-индустријата редовно ги опишуваат инфериорните пушачи како „глупави“ и „неразумни“ поради нивните наводно самоуништувачки животни одлуки.
Сега веќе е општо правило секогаш кога се зборува за сиромашните, да се зборува и за нивните „лоши животни одлуки“. Доколку професионалците не можат да направат нешто доволно квалитетно или доволно брзо, тие лесно може да послужат за дијагностицирање на еден или друг „здравствен проблем“ - дури и на нешто толку нејасно и генеричко како „стрес“ или „исцрпеност“. Ова се состојби за кои се претпоставува дека ги погодиле најслучајно - за разлика од малигната, самопредизвикана болест поврзана со нивниот начин на живот, воспитување или оној скептичен антидепресив што глупаво одлучиле да го голтнат. Иако толку многу деца од класата на професионалците очигледно имаат астма делумно и поради постојаната буржоаска хигиенска невроза (антибактерискиот гел за раце, речиси произлезен од оваа невроза, e докажано дека е придонесувачки фактор), тие и нивните гермофобни родители заслужуваат сочувство, одмор и права на луѓе со инвалидитет. Спротивно на тоа, пушачите од работничката класа заслужуваат само прекор и од нив се бара да газат по јајца околу експанзивната, социоморална и самопредизвикана преосетливост на богатите.
Овој дијаметрално различен дијагностички третман, кој се базира на вековното потсмевање со сиромашните како примери за недостиг од самоконтрола, целосно ја парализира диференцијалната структура на емпатијата на работното место на работничката класа: секогаш кога работниците со ниски примања не можат да направат нешто доволно квалитетно или доволно брзо, тие едноставно се отпуштаат, и сè што инаку би се квалификувало како здравствен проблем или хендикеп, кај нив се смета за „личен неуспех“. На крајот на краиштата, тоа е оној што првенствено донел „лоша одлука“ да живее во сиромаштија.
Не случајно за истите овие работници нашироко се смета дека заслужуваат „здравствени“ оправданија исто толку малку колку што заслужуваат асална плата. „Јавното здравје“ секогаш ги јакнело класните поделби преку такви нееднакви класификации на „одлука“ наспроти „ограниченост“. Како универзитетски студент, јас не можев да добијам оправдание од Канцеларијата на студенти со попреченост за да добијам боледување за да се откажам од пушењето затоа што, како што рече медицинската сестра, „Пропушувањето е нешто што сам сте го одбрале“. Мојата врсничка со болки во грбот исто така сама одлучила да влезе во автомобилот што доживеа сообраќајка за време на нејзиниот одмор во Европа, но сепак се чини дека се зема здраво за готово тоа дека на професионалците едноставно „им треба“ огромна космополитска мобилност.
Ниеден еквивалентен концепт на структурно „ограничување“ не важи за пушачот од работничката класа, за кој е замислено дека ужива во бескрајна моќ и избор (но погрешно ги искористи). Ова е така дури и покрај тоа што односниот пушач е научен да пуши исто како што џетсетерот е научен да лета, и продолжува да го прави тоа во голема мера поради тоа што државата и капиталот сметаат дека тој не заслужил храна. Всушност, пушачот има потреба од никотин за да функционира исто како што професионалецот од некое предградие има потреба од автомобил, и ако не може да стигне на работа дури и само два дена, нема да помине незабележано. Тој може да го изгуби и она малку пристап до храна што го има. Освен тоа, секојдневните активности на овој пушач, платени и неплатени, кои ќе бидат погодени поради болките од откажувањето од никотин, генерално се важни за поголемото општествено добро. Една од најочигледните почетни жртви е домаќинскиот труд од кој се состои „втората смена“ на работните мајки во домашната сфера. Писателката на Хафингтон пост Линда Тирадо го доловува сето тоа:
„Кога сум премногу уморна за да направам уште еден чекор, можам да испушам цигара и да терам уште еден час. Кога сум изнервирана и утепана и неспособна да направам уште едно нешто, можам да испушам цигара и се чувствувам малку подобро, само за минута. Тоа е единствената релаксација што ми е дозволена. Тоа не е добра одлука, но тоа е единствената што ми е достапна. Тоа е единственото нешто за кое открив дека ме спречува да колабирам или да експлодирам“.
И така, работниците со најмали плати продолжуваат да пушат, а рестрикциите на јавното пушење служат само за да се издејствува срам кај работничката класа и воинственост кај владејачката класа. Дали затоа што пушат работниците или нивните пријатели, традиционалните места за собирање на работничката класа сега се затворени за неа - пабот, гостилницата, паркот, па дури и тротоарот. Не е случајно тоа што на пет метри од вратата стои олукот. И колку згодно за газдата е тоа што ишкањето на работниците-пушачи од пред вратата долу го отежнува нивното здружување преку муабет.
Денешната студентска левица, за жал, е соучесник. Нејзините приврзаници ја спроведуваат идејата „простории без миризба“, забранувајќи парфем, тутун и индустриски миризби на своите организирани состаноци, бидејќи очигледно е поважно во нивните „антикапиталистички“ социјални движења да учествува делот од буржоаските професионалци со алергии отколку мнозинството луѓе што живеат под границата на сиромаштијата. Овие маневри тие ги нарекуваат „политики на пристапност“.
Еднаш, на еден собир на Окупирај го Вол стрит, стоејќи два метри зад последниот концентричен круг на паркингот, запалив цигара. Веднаш бев замолена да си одам. Таква е окупацијата. Такви се вечните војни за јавно сместување во Соединетите Држави - земја чии луѓе имаат толку малку право на кој било јавен простор што едноставното окупирање парк е голема работа. Во други земји низ светот, работниците цело време прават такви работи. Можеби и американскиот отпор би можел да направи нешто слично - кога неговите водачи со задоволство би ги примиле работниците на своите состаноци, сосе цигари и сè друго.
Пушачи од сите земји, издувајте!
Ако лордовите од владејачката класа што го одредуваат стилот на живот сакаат да се откажеме од пушењето, тие можат да ни ги обезбедат ресурсите што се потребни за една четвртина од нашите будни часови да поминуваме во пиење смутиња од кељ, вежбање јога и одење на трауматски терапии исто како нив. Сè додека тие не успеваат да ги исполнат таквите основни барања за заемна социјална обврска, тие заслужуваат многу полошо од малку индиректен чад. Во меѓувреме, ние, членовите на пушачката класа, би можеле да размислиме за можноста да ја употребиме буржоаската параноја во наша корист. Може да почнеме да организираме „пушачки собиранки“ на пет метри од луксузните детски градинки, издувувајќи чад во нивната генерална насока сè додека на целиот кујнски и чистачки персонал не му се исплати петпати поголема минимална плата плус целосна здравствена и стоматолошка заштита. Лицата од образованата класа може да кажат дека ова е „злобно“ или „насилно“, се разбира, но тогаш ние може да им ги посочиме реномираните дела на Франц Фанон и Валтер Бенјамин.
Ако владата навистина се грижеше за здравјето на пушачите од работничката класа, нашите политички елити лесно можеа да ги финансираат нашите добро платени одмори, бесплатни терапии и други служби за помош со намалување на корпоративните субвенции. Наместо тоа, тие ја насочуваат буржоаската несреќност во наш правец. Наместо тоа, ги обвинуваат сиромашните за загадување на светот, додека финансираат паравоени офанзиви во одбрана на валкани транснационални рударски проекти и неоколонијални војни за нафта и ресурси, конфликти што ќе го направат светот многу понебезбеден за нивните деца отколку што тоа може да го стори една тлеечка цигара. И навистина, дури и ако владата им ја понудеше на своите граѓани-пушачи најпривлечната отпремнина, ние пак ќе можевме да го искористиме нашето право да ги одбиеме нивните валкани пари и да им дувнеме едно димче во фаца.
Во меѓувреме, моите последни зборови за пушачите се едноставни: Никогаш не дозволувај некој да те натера да се срамиш. Ти треба да можеш да пушиш точно толку колку што сакаш. И тоа не затоа што масовно произведените цигари или „Големиот тутун“ се прекрасни работи. Не се. Напротив, затоа што ние сме прекрасни и скапоцени. Нашите животи се прекрасни и скапоцени. Нашите животи, и покрај тоа што го велат шефовите, всушност се за наше лично задоволство, а не за животите на другите луѓе да ги направиме полесни, почисти и помрзливи. Сè додека вредноста на животот на професионалците не се мери првенствено во однос на нивните ефекти врз другите, туку според нивното задоволство, така ќе се мерат и нашите сопствени животи и вредности.
Исто како нив, и ние ќе ги следиме нашите сопствени желби за задоволство, без оглед колку се ексцентрични, и ако нашата желба е да пушиме, тогаш навредените професионалци можат само да го запрат здивот - можеби користејќи го овој благословен интервал на тишина за да медитираат за својата арамиска класа и за својот сопствен гротескно надуен „јаглероден отпечаток“. Ако државата и капиталот ги крадат нашите скапоцени енергии и огромен број часови од нашите животи за да ги наполнат своите џебови со профит, оставајќи нè нас без сон, без доволно пари за кирија и на евтина храна додека ги даваме најосновните услуги во земјата, најмалку што заслужуваме е на мира да уживаме во нашите цигари. Значи, ако праша некој, не дека пушењето треба биде дозволено затоа што може да се докаже дека цигарите се апсолутно добро, што не се, туку едноставно затоа што во моментов ние ги пушиме. Може на овие несебични професионалци да им дадеме малку да вкусат од нивните сопствени права. Не дај боже да се задушат од нив.