Во 1971 година, Американската стопанска комора побара од Луис Пауел, тогашен адвокат во Ричмонд, Вирџинија (и иден судија на Врховниот суд) да поднесе извештај за политичките активности на левицата. Ричард Никсон сè уште беше претседател, но Комората беше загрижена за ефектите на левицата врз „слободното претприемништво“.
Пауел срочи меморандум во кој се тврди дека американскиот економски систем е „под широк напад“ од потрошувачи, работници и еколошки групи. Во реалноста, овие групи не правеа ништо повеќе од спроведување на имплицитниот социјален договор од крајот на Втората светска војна по кој корпорациите треба да се одговорни не само кон нивните акционери, туку и кон другите заинтересирани страни, нивните работници, нивните потрошувачи и околината од која зависи секој.
Но, Пауел и Комората на тоа гледаа поинаку. Пауел ги повика бизнисите да се мобилизираат за политичка борба. Им порача дека клучни фактори за успех во таа борба се организацијата и финансирањето.
На 23 август 1971 година, Комората го дистрибуираше меморандумот на Пауел до водечките извршни директори, големите бизниси и трговските здруженија и тоа го имаше ефектот кој се очекуваше. Се роди цела корпоративно-политичка индустрија - вклучувајќи десетици илјади корпоративни лобисти, адвокати, политички оперативци и луѓе за односи со јавноста. Во рок од неколку децении, големите корпорации ќе станат најголемата политичка сила во Вашингтон и повеќето престолнини на американските сојузни држави.
Во 1976 година, почнав да работам во Федералната трговска комисија. Џими Картер назначи застапници на потрошувачите на некои регулаторни позиции (неколкумина од нив под влијание на Ралф Надер). Мој шеф беше Мајкл Пертшук, енергичен и харизматичен претседател, Џоан Клејбрук претседаваше со Националната комисија за безбедност на сообраќајот на патиштата а другите „Надеријанци“беа распространети низ администрацијата на Картер.
Сите беа подготвени да се борат со големите корпорации кои со години ги залажуваа потрошувачите. Сепак, речиси сè што инициравме во Комисијата, наиде на неочекувано жесток политички отпор од Конгресот. Во еден момент, кога Комисијата почна да го испитува рекламирањето насочено кон децата, Конгресот целосно престана да ја финансира Комисијата, затворајќи ја со недели. Бев занемен. Што тоа се случило?
Накратко, меморандумот на Пауел.
Бројот на корпорации со ПР канцеларии во Вашингтон се зголеми од 100 во 1968 година на над 500 во 1976 година. Во 1971 година, само 175 фирми имаа регистрирано лобисти во главниот град на државата. До 1982 година, имаше речиси 2.500. Бројот на корпоративни политички акциони комитети се зголеми од помалку од триста во 1976 година на над 1.200 до 1980 година.
До 1990-тите, кога бев секретар за труд, корпорациите вработуваа околу 61.000 луѓе да лобираат за нив, вклучувајќи регистрирани лобисти и адвокати. Тоа му доаѓа по над 100 лобисти за секој член на Конгресот.
Корпоративните пари, исто така, поддржуваа батаљони адвокати кои ги застапуваа корпорациите и многу богатите на суд и честопати беа посилни од Министерството за правда и државните јавни обвинители. Што е најважно, корпорациите почнаа да ги преплавуваат политичарите со пари за нивните кампањи. Помеѓу доцните 1970-ти и доцните 1980-ти, корпоративните политички акциони комитети ги зголемија своите трошоци за конгресните трки речиси пет пати. Трошоците за синдикатот се зголемуваа двојно побавно.
Во кампањата во 2016 година, корпорациите и Вол Стрит донираа 34 долари за секој 1 долар дониран во синдикатите и сите организации од јавен интерес заедно.
Сè поголем удел имаат и богатите поединци. Во 1980 година, најбогатата една стотинка од 1 процент од Американците обезбедија 10 проценти од придонесите за федералните избори. До 2012 година тие обезбедуваа 40 проценти.
Иако Републиканците најмногу добиваа од неколку големи донатори а Демократите од многу поголем број мали донатори, и двете политички партии се трансформираа од државни и локални организации кои ги канализираа ставовите на членството, во огромни машини за собирање финансиски средства кои цицаа пари од врвот.
Никогаш во историјата на американската политика ниту еден документ - меморандумот на Пауел - немал толку катастрофални последици.