За првото Штиглиц објаснува дека иако политичкото прогнозирање е потешко дури и од економското, шансите се силно во корист на Хилари Клинтон. Ама она што не е јасно, ниту пак очигледно, е како може да биде толку неизвесна трката "кога Хилари Клинтон е еден од најквалификуваните и најдобро подготвените претседателски кандидати што САД некогаш ги имале, додека е Трамп е еден од најмалку квалификуваните и најлошо подготвените. Уште повеќе што кампањата на Трамп преживеа негови постапки кои во минатото ќе закопаа кој било кандидат."
Второто прашање Штиглиц го преформулира во "Зошто Американците би си играле руски рулет и зошто Републиканската партија би номинирала кандидат што дури и нејзините лидери го отфрлија?"
Ако се тргне на страна тоа што луѓето многу полесно навиваат за телевизиски лик, што сериозно помогна во соборување на 16-те противкандидати на партиските избори, има и неколку "основни фактори кои придонесоа за неизвесноста на трката."
Прво, проблемот е што на Американците економски им е полошо отколку пред четвртина век, "просечниот приход за мажи белци со полно работно време е понизок отколку пред 42 години, а за они со ограничено образование станува се потешко да се вработат на полно работно време и со достојна плата."
Проценките на Нобеловецот се дека најниската плата во САД, со адаптација на инфлацијата, е на ниво од пред 60 години, "па не е изненадување што тој успева да најде голема публика што го слуша кога ќе каже дека економијата во земјата гние." Според Штиглиц она каде што Трамп греши на темава е "дијагнозата на проблемот."
"Во исто време, реформите кои политичките лидери ветуваа дека ќе обезбедат просперитет за сите - како трговска и финансиска либерализација - не ги испорачаа резултатите. Напротив. А оние чиј стандард на живеење стагнираше или опадна, стигнаа до прост заклучок: политичките лидери на САД или не знаеа што зборуваат или лажеа (или двете)," пишува Штиглиц.
Втората основа на која се вади Трамп е се поголемата недоверба на Американците во власта, што тој го користи за надополнување на својата платформа во која главни виновници за проблемите на САД се попустливоста на земјата во однос на останатите држави и бегалците. По оваа основа тој најавува силна влада која ќе води трговска војна со Кина, Мексико и останатите трговски партнери. Штиглиц предупредува дека ова не само што би ги осиромашило Американците, туку ќе предизвика проблеми "во глобалната соработка потребна за решавање на глобалните проблеми од ИСИС и глобалниот тероризам, до климатските промени."
"Има две пораки што американските политички елити треба да ги чујат. Простата нео-либерална теорија на пазарните-фундаменталисти што го оформуваше најголемиот дел од економските политики во последните четири децении е сериозно погрешна, додека растот на БДП-то доаѓа по цена на растечка нееднаквост. Нивниот систем на економија не функционирал и не функционира. Пазарите не постојат во вакуум. Револуцијата на Тачер и Реган, која испиша нови правила и ги преструктуираше пазарите во корист на оние најгоре, беше дури и премногу успешна во зголемување на нееднаквоста, меѓутоа мизерно не успеа во нејзината мисија за зголемување на растот.
Ова води до втората порака: ние треба одново да ги испишеме правилата на економијата, овој пат за да осигуриме корист за обичниот граѓанин. Политичарите во САД и на други места, што ја игнорираат оваа порака, треба да одговараат за тоа. Промените значат ризик. Меѓутоа феноменот Трамп - и повеќе политички случувања во Европа - покажа уште поголеми ризици кои можат да следуваат ако оваа порака не се сфати озбилно, а тоа е поделени општества, поткопани демократии и ослабени економии," пишува Штиглиц.