Tребаше да биде обратно:

Како САД по 9/11 станаа Блискиот Исток

Политичките подароци, сеприсутните теории на заговор, обожувањето на лидерот, надзорот врз интелектуалниот живот... беа карактеристични за Блискиот Исток. Според тоа, американските војни по 11 септември не завршија без никаков резултат, како што вообичаено се верува. Тие ја преобразија Америка според ликот на Блискиот Исток.

По преземањето на контролата врз теснецот Баб ел-Мандеб, лидерите на хутите им ветија исплата од 500 долари на локалните жители во замена за нивната заклетва за верност. Хутите ова го нарекоа „дивиденда“, пресметана врз основа на идните наплати од танкерите. И ги преименуваат градовите, провинциите, островите и другите локации во Саудиското Кралство за да му пркосат на семејството Сауд.

Се шегувам, се разбира. Не за преземањето на власта врз теснецот, што е реално, туку за исплатите на „дивиденди“ и преименувањето на географските локации. Тоа би можело да се очекуваат од некоја неорганизирана група јеменски милитанти. Но, денес тие почесто се поврзуваат со администрацијата на американскиот претседател Трамп. Тоа е вознемирувачки пресврт за нацијата додека ја одбележува 25-годишнината од нападите на 11 септември.

И покрај сиот свој ужас и злоба, терористичките напади во 2001 година се случија во време на длабока американска самодоверба. Една деценија претходно, пазарниот либерализам го беше победил својот главен и последен сериозен ривал: комунизмот. Единственото што преостануваше беше тој систем да се прошири до најоддалечените краишта на Земјата и да се одржи неговото непречено функционирање.
Опстанаа неколку џебови на отпор, но ниту еден од нив не можеше да го загрози системот. Па дури и ако успееја да нанесат сериозна штета, како што тоа го сторија тој кобен ден, американската моќ секогаш можеше да ги порази и да ги преобликува нивните општества.

Сепак, 25 години подоцна, таа благословена едноставност е изгубена. Уште полошо, четвртина век преобликување на други општества доведе до тоа САД да изгледаат како една од оние „одметнати“ држави што даваат отпор: параноични, склони кон војување заради самото војување, општествено расцепкани, психолошки кревки, склони кон обожавање на лидери и неспособни да артикулираат каква било универзална идеја.

Банална вистина е дека она што се случи по 11 септември беше производ на ароганцијата на Џорџ В. Буш и неоконзервативната група околу него. Но, истото го сторија и Клинтонови и Џо Бајден, и „Економист“ и „Њујорк тајмс“, и десничарски и левичарски коментатори.

Постоеја многу поразумни начини на дејствување. Гледано од денешна перспектива, немаше очигледна причина зошто напорите во Авганистан требаше да вклучуваат и едукација на тамошните жени за Марсел Дишан и дадаизмот, пред талибанците повторно да ја преземат контролата врз целата земја. Ирак беше нападнат иако воопшто не развиваше оружје за масовно уништување. Интервенциите во Либија и Сирија беа уште понеразумни, создавајќи зони без власт кои ширеа терор низ регионот и испратија повеќе од милион мигранти кон европските брегови. Во Либија денес постојат отворени пазари за робови. Сирија западна под власта на командант на Ал Каеда кој сега носи костум.

Па, како ситуацијата излезе толку многу од контрола? Се чини дека одлучувањето беше подредено и на материјални и на идеолошки фактори. Постоеше огромна асиметрија меѓу релативната моќ на САД и онаа на сите други во 1990-тите и првата деценија на новиот милениум. Во тоа време Русија беше понижена, а кинеската економија едвај се сметаше за ривал. Тоа ги наведе речиси сите американски стратези – со малку исклучоци – да заклучат: „Можеби можеме... зошто да не се обидеме?“ Овој необичен сооднос на силите предизвика опасна еуфорија кај западниот ум.

Покрај тоа, идејата за монолитен исламистички непријател – наместо реалноста на исламски свет расцепкан по бројни национални и секташки линии – му го обезбеди на глобалниот либерализам оној единствен идеолошки противник што му недостигаше по распадот на Советскиот Сојуз.

Во меѓувреме, предвидливо катастрофалниот исход од војните за промена на режимот ја поткопа националната самодоверба и поттикна недоверба кон институционалниот авторитет. Ако „тие“ излажаа за оружјето за масовно уништување во Ирак, за што друго излажаа? Семејствата на војниците од прва рака го видоа огромниот јаз меѓу реториката на јастребите и суровата реалност на војните. Самата демократија беше доведена во прашање. Без оглед за која партија гласале, Американците добиваа уште војни за промена на режимот.
Една сериозна последица од сето ова беше општото опаѓање на американскиот човечки капитал. 

Дали е тогаш чудно што американската политика се карактеризира со отворено демагошко поткупување, како што е неодамнешното ветување на Трамп дека ќе го награди секој возрасен човек со „дивиденда“ од 5.000 долари, финансирана од приходите од царини? Или што американскиот политички дискурс е искривен од двојна теорија на заговор, во која масите се сомневаат во скриена странска (често еврејска) рака во текот на настаните, а самите елити ги припишуваат чувствата на масите на странско (често руско) мешање?

Дали е чудно што MAGA-tard, иконата на доцната ера на Трамп, вели дека дизелот од 6 долари е вреден за ослободувањето на Иран? Или што администрацијата побара „академска принудна управа“ за да ги усогласи наставните програми по историја и регионални студии на универзитетите со идеологијата на Трамп? Или „фатвата“ од Пола Вајт-Кејн - „советничката за верски прашања“ на Трамп - дека да му се каже „не“ на претседателот е исто како да му се каже „не“ на Бога?

Сето ова – политичките подароци, сеприсутните теории на заговор, обожувањето на лидерот, надзорот врз интелектуалниот живот и слично – беше карактеристично за Блискиот Исток. Сè до онаа манија за идеолошко преименување на знаменитости и места. Според тоа, војните по 11 септември не завршија без никаков резултат, како што вообичаено се верува. Тие ја преобразија Америка според ликот на Блискиот Исток.

Сохраб Ахмари

11 септември 2026 - 16:01