Како Порошенко успеа да избори автокефалност за Украинската православна црква

Добивајќи го Томосот на автокефалноста, или, просто кажано, тоа што Цариградската патријаршија и додели независност на Украинската православна црква е еден од најголемите настани на годината. Украинскиот претседател Петро Порошенко беше една од водечките сили зад ова.

Во текот на своето претседателствување, Порошенко се трансформираше од обичен припадник на УПЦ - Московска патријаршија (УПЦ-МП) во ревносен поддржувач на независноста на Украинската црква. Украински Хромадске објаснува како се случи сето ова.

На 3-ти ноември Вселенскиот патријарх Вартоломеј, организираше прием во својата резиденција во Фенер, историската населба во Истанбул, Турција. Тој само што го потпиша договорот за соработка со претседателот Порошенко.

Еден ден претходно, Русија воведе санкции на украинското раководство и, како што кажуваат некои гости на средбата, Вселенскиот патријарх беше заинтересиран како некои од нив реагирале на веста.

Главниот јавен обвинител Јуриј Лутсенко се шегувал дека листата на санкции од Кремљ е рамна на добивање награда за државни заслуги.

„Значи тука сите сме на исто,“ наводно изјавил Вартоломеј, кој само што ги прекина врските со руската православна црква.

„И јас исто сум под санкции,“ дополнил тој.

На почетокот од 2018 ова ќе беше невозможно. Но, есента, претседателот, главниот јавен обвинител, и речиси половина од владата, како и ЦЕО-то на украинската државна нафтена компанија Нафтогаз тргнаа на пат за Истанбул во потрага по уште едно уверување од Вселенскиот патријарх дека ќе ја признае независноста на УПЦ.

Приказната за преговорите околу Томосот се одигрува како во политичка ТВ драма, каде главните актери се претседатели, патријарси и митрополити. За реконструкција на оваа сага, Хромадске зборуваат со високи функционери кои учествуваат во преговорите, како и дипломати и високи претставници на црквата. Нашите соговорници се колебаа околу споделување на некои од информациите па го споделуваме само она што независно е потврдено од најмалку двајца учесници во настаните.

***

Сето ова започнува на 17 април 2018, кога претседателот Порошенко бара од Вселенскиот патријарх да и го додели Томосот на автокефалноста на Украинската православна црква. Со други зборови тој бара од Цариград да признае дека Украина има сопствена независна православна црква, како и најголемиот дел други држави со православни граѓани. Украина никогаш немала ваква црква.

Во Украина црквата е одделена од државата, па затоа Петро Порошенко не треба да се меша во црковните работи. Имајќи го ова предвид, во 2016, Порошенко објави дека независноста на црквата од Москва е прашање на национална безбедност и столб на независноста на државата. Во 2018, тој оди уште подалеку и порачува дека независната црква е дел од формулата за украинскиот „национален идентитет“.

Плус, Порошенко ја смета УПЦ-МП како инструмент на Русија во војната против Украина.

„Како може тие цркви, каде што се молат за Патријархот Кирил од Руската православна црква, кој се моли за руската армија, која убива украински војници и цивили, да се нарекуваат украински?“ праша Порошенко на годинешната прослава на Покров на Пресвета Богородица.

Претседателот сигурно знаеше што збори. Тој самиот е следбеник на УПЦ-МП и никогаш го нема скриено овој факт.

Порошенко стана активно вклучен во црковните работи по револуцијата во Украина. Дента откако поранешниот претседател Јанукович избега од земјата, Порошенко, заедно со Андриј Деркач, тогаш независен пратеник и член на Советот за присуството на Руската православна црква, зборуваше со активистите пред манастирот Киево-печерска Лавра кои беа загрижени дека од црквата се крадат свети предмети. Според митрополитот Олександар од УПЦ-МП, Порошенко е тој што успева да ги смири.

„Додека Вадим Новински (пратеник од опозицискиот блок кој се позиционира како бранител на УПЦ-МП) вечерта воопшто не беше пред Лавра,“ изјавува Олександар за Хромадске.

Најголемиот дел од претставниците на УПЦ-МП денес се против автокефалноста. Меѓутоа ова не беше отсекогаш така. Во времето на митрополитот Володимир, од УПЦ-МП зборуваа за постигнување независност од Русија. Во јануари 2009, нивниот Синод дури и официјално го побара ова од Руската православна црква, меѓутоа работите не отидоа далеку. А кога во 2014 на чело на УПЦ-МП доаѓа новиот поглавар, митрополитот Онуфриј кој сака црквата да биде дел од руското православие, ова повеќе не се ни споменува.

Според Вселенскиот патријарх Вартоломеј, сите поранешни претседатели имаат апелирано до него за независност на црквата, освен Виктор Јанукович. Најблиску до ова има дојдено Виктор Јушченко. Вартоломеј дури и го посети Киев во 2008, што е прва таква посета од вселенски патријарх во последните 300 години. Како што Јушченко раскажа во едно скорешно интервју за Хромадске, посетата е сведоштво за фактот дека Вартоломеј ја смета Украина како дел од канонската територија на Цариградската патријаршија. Јушченко тогаш има намера да ја искористи посетата како шанса за планирање на „патот“ на Украина кон автокефалност.

Но, поглаварот на Руската православна црква Алексеј Втори, прави итна посета на Киев, каде успева да се сретне со Вселенскиот патријарх. Заклучокот од оваа средба е дека решавањето на прашањето за украинската автокефалност повторно ќе биде одложено. Според Јушченко, Вартоломеј се согласил на ова во замена за поддршката од Алексеј Втори за свикување на пан-православен Синод, нешто што се нема случено во изминатите 100 години, и затоа се смета за еден од клучните моменти во кариерата на Вартоломеј.

На почетокот од 2015 веројатноста за автокефалност изгледа речиси невозможна. Од една страна се московскиот патријарх и митрополитот Онуфриј, а од друга се - вселенскиот патријарх, кој и понатаму се надева дека руската црква ќе ги поддржи неговите планови за пан-православен Синод па заради тоа не сака да го турка „украинското прашање“.

Без разлика, токму ова е моментот кога украинската влада почнува разговори со вселенскиот патријарх за создавање локална црква и доделување независност на истата, како што се присетува советникот на Порошенко, Ростислав Павленко кој служеше како заменик шеф на претседателскиот кабинет од 2014 до 2018.

„Во декември 2014, претседателот ме назначи за заменик шеф на неговиот кабинет, а веќе до 2015 редовно патував во Истанбул на преговори,“ изјавил Павленко.

Зошто Порошенко кој во тоа време е припадник на УПЦ-МП и никогаш претходно нема изразено поддршка за автокефалноста, одеднаш решава да ги следи чекорите на Јушченко и повторно да се обиде да го побара Томосот? Претседателот никогаш експлицитно нема одговорено на ова. На тема црква, Порошенко постојано прашува како некој може да припаѓа на црква чии свештеници одбиваат да ги закопаат војниците загинати во конфликтните региони на Украина и децата кои се крстени во друга црква. Медиумите објавуваат слични случаи и пренесуваат официјална потврда на темата од неколку свештеници на УПЦ-МП. Дополнително, во февруари 2015, кога се обновија воените операции во Донбас, додека Порошенко се подготвуваше за нови преговори налик Нормандија кои резултираа со примирјето Минск 2, митрополитот Онуфриј беше во посета на Москва на прослава на 6-годишнината од доаѓањето на Патријархот Кирил на чело на РПЦ.

„Петро Порошенко повеќе пати му повтори на митрополитот Онуфриј: ’Размисли за кого се молиш?’“ изјавува еден од соговорниците на Хромадске од блискиот круг на Порошенко.

Згора на ова, на 8 мај 2015, тројца претставници на УПЦ-МП - вклучувајќи го и Онуфриј - одбиваат да станат кога Порошенко во парламентот на неколку украински војници и учесници во војната во Донбас им го доделува орденот Херој на Украина.

Додека Порошенко ја минува трансформацијата од верник од УПЦ-МП во борец за автокефалност и создавање на обединета локална црква, трансформација се случува и во трите украински православни цркви.

Раководството на Украинската православна црква - Киевска патријаршија (УПЦ-КП) и Автокефалната црква одржуваат преговори за обединување на двете цркви и создавање нова, на која вселенскиот патријарх потоа ќе и даде автокефалност. Во 2015 тие официјално бараат автокефалност од Вартоломеј. До септември истата година УПЦ-КП и Автокефалната црква веќе го планираат Советот за обединување, но тоа не се остварува. Патријархот Макариј на Автокефалната црква предлага на разговорите да се поканат претставниците на УПЦ-МП, меѓутоа не постигнуваат согласност околу ова и преговорите за обединување се прекинати.

Паралелно со ова, продолжуваат разговорите меѓу тимот на претседателот и Вселенскиот патријарх. Тогаш егзархот на Вартоломеј, митрополитот Емануел француски за прв пат доаѓа во Киев. Вистински знаци на напредок има на 28 јули кога канадскиот митрополит Јуриј доаѓа како претставник на Вселенскиот патријарх на прославата на годишнината од христијанизирањето на киевските Руси. Тој тогаш изјавува „Цариградската патријаршија ги вложува сите напори за да создаде единствена локална црква во Украина.“ За возврат, за време на прославата, Порошенко изјави дека за прв пат откако Украина и самостојна држава, таа има право на независна, единствена православна црква.

Првото сериозно придвижување кон автокефалност Порошенко го прави во 2016. Неочекувано, поддржувачите за автокефалност во УПЦ-МП решаваат да му помогнат на Порошенко околу ова.

На 10 март 2016, Порошенко лета за Истанбул, каде, меѓу другите работи, за прв пат лично се среќава во Вартоломеј. Украинските функционери, кои беа дел од оваа делегација, го опишуваат разговорот меѓу претседателот и патријархот како „тежок тет-а-тет“. На прес-конференцијата по ова, Порошенко само кажува дека со патријархот разговарале за „обединета локална православна црква, кон која украинскиот народ се стреми и ја чека“. Вартоломеј од своја страна изјавува дека „се моли за мир и единство во Украина“.

Средбата се случува во време пред долгоочекуваниот пан-православен Синод на Вартоломеј, кој требаше да се случи во јуни 2016. Сепак, Вселенскиот и Московскиот патријарх не се согласуваат околу темите за кои треба да се разговара на претстојниот синод. Дополнително, откако руски војници убиваат турски војници на границата со Сирија, односите меѓу Турција и Русија сериозно се влошуваат. На барање на Руската православна црква, Вартоломеј дури и се согласува одржувањето на пан-православниот Синод да го префрли на Крит.

На 16-ти јуни, на еден ден пред отворањето на Синодот, украинскиот парламент и официјално му се обраќа на Вселенскиот патријарх со барање за независност на православната црква. До тогаш, веќе е потврдено дека РПЦ нема да се присуствува на Крит. Тогаш зошто се вмешаа украинските парламентарци? Официјалната причина е дека, според правилата за доделување автокефалност, претставниците и на црквата и на секуларните власти треба тоа да го побараат од Вселенскиот патријарх.

Но, најинтересно е што барањето од парламентот на Цариград му е поднесено од митрополитот Олександар, од УПЦ-МП, поранешниот секретар на митрополитот Володимир и поддржувач на автокефалноста. Токму Олександар и го пишува текстот на барањето и ги убедува неговите пријатели пратеници од различни партии истото да го поднесат во парламентот.

„Чувствував дека ова е моментот кога најголем дел од хиерархијата на УПЦ-МП се уште беше збунета и можеше да се случи да ја поддржи автокефалноста,“ се присетува митрополитот Олександар.

Гласовите во парламентот беа обезбедени без проблем. Претседателот на Парламентот и поглаварите на другите две православни цркви и’ даваат поддршка на иницијативата на групата пратеници. Сепак, во 2016 Томосот не се случува.

„Не го земав предвид фактот дека барањето се случи пред почетокот на Синодот на Крит, а требаше да се случи по него,“ изјавува Олександар.

И покрај тоа, до крајот на Синодот, Вартоломеј го прима барањето и основа комисија за разгледување на прашањето, но без разлика на одбивањето на рускиот патријарх да оди на Крит, тој не го брза решавањето.

Еден од високите украински функционери, кои исто така се сретнал со Вселенскиот патријарх тврди дека по средбата со Порошенко, Вартоломеј нагласил три конкретни барања кои украинската влада треба да ги исполни за добие автокефалност: Да го возобнови ставропигијалниот манастир во Киев (кој во основа бил амбасада на Цариградската патријаршија), да го натера турскиот претседател Ердоган да ja возобнови православната богословија на островот Халки во близина на Истанбул, и да собере меѓународна поддршка за украинската автокефалност.

Единствено барање кое било невозможно за Порошенко, според соговорниците, е да се справи со Турција и Ердоган, кој единствено би се согласил да ја возобнови богословијата ако Грција се согласи да возобнови џамија во Тракија. А Грците било малку веројатно да го направат тоа.

„Ова не е твоја војна, ова е војна меѓу Турција и Грција,“ ги пренесуваат членовите на украинската делегација зборовите на Ердоган.

Според украинскиот пратеник и довереник на претседателот на Украина за кримските татари, Мустафа Џемилев, Ердоган сепак ја поддржува идејата за независна украинска црква.

„За време на средбата со Ердоган, јас го поставив прашањето за потребата од формирање на локална црква во Украина, на што тој директно рече ’каква врска има тоа со тебе, како муслиман?’ Јас одговорив дека тоа е прашање на безбедност на мојата држава, на што тој одговори: ’разбирам’,“ раскажува Џемилев.

Исто така имаше проблеми со собирање меѓународна поддршка. Во САД веќе беше започната претседателската трка, а администрацијата на Обама беше внимателна кон прашањето за украинската црква.

Но, во јули 2017, под новиот претседател Доналд Трамп, работите почнаа да се менуваат. Потпретседателот Мајк Пенс го назначи Сем Браунбек како нов амбасадор за меѓународни религиозни слободи. Во рок од 6 месеци, тој одлета до Киев на средба со Порошенко, по која изјави дека локална црква е голем исчекор кон слободата на луѓето на Украина.

Според украинскиот амбасадор во САД, идејата исто така беше поддржана од државниот секретар Мајк Помпео. Една недела пред неговото назначување тој исто така го посети Киев за да се сретне со Порошенко.

Што станува со Турција? Односите со Вартоломеј исто така почнаа рапидно да се влошуваат. Вселенскиот патријарх беше осомничен за вмешаност во обидот за воен удар во 2016, заради што тој се откажува од идејата за возобновување на богословијата.

Конечно, на 11 октомври, Синодот на Цариградската патријаршија решава да ја крене анатемата против патријархот Филарет од УПЦ-КП. На 15-ти декември во Киев се случува историскиот Совет за обединување, а митрополитот Епифаниј е избран за поглавар на идната независна Украинска православна црква. На 6-ти јануари тој патува во Истанбул каде Вселенскиот патријарх ќе му го предаде Томосот на автокефалноста.

***

Критичарите на Порошенко тврдат дека сето ова е планирано за да се совпадне со претседателските избори во 2019. Меѓутоа анализата на преговарачкиот процес покажува дека тоа не е така. Создавањето на независна Украинска православна црква зависеше од остварување на голем број фактори, кои не беа секогаш под контрола на претседателот. Сепак, соговорниците на Хромадске кои учествуваат во преговарачкиот процес се согласни дека Порошенко го забрзал процесот, ако ништо друго тогаш заради страв дека ќе ја пропушти можноста, како што тоа му се случи на Јушченко пред него.

За Порошенко очигледно нема ништо погрешно во тоа да ја користи реториката на црквата во својата предизборна програма. Летово, во украинските градови се појавија билборди со слоганот: „Армија! Јазик! Вера!“ Дел од државните настани се придружени со „национални молитви“ на кои се канат луѓето од разни региони на Украина. Телевизиските реклами исто така нагласуваат дека „Томосот е вечен стремеж на украинскиот народ“.

Максим Каменев,
Хромадске