Историјата не ја прават само безлични сили и „големи луѓе“. Понекогаш опскурни ликови кои дејствуваат на клучни бирократски позиции ја прават вистинската разлика.
Така, меѓународната криза во Сирија делумно потекнува од одлуката на првиот амбасадор на претседателот Барак Обама во Сирија, Роберт Форд, да го отфрли мирното зближување со режимот во Дамаск во корист на „радикално редизајнирање на неговата мисија“ за промовирање анти- владини протести кои ја поттикнаа граѓанската војна во 2011 година.
На ист начин, помошникот државен секретар на Обама за европски прашања Викторија Нуланд даде сè од себе за да го поттикне февруарскиот пуч од 2014 година против демократски избраната украинска влада на Виктор Јанукович, притоа убедувајќи ги лековерните американски меинстрим медиуми дека пучот не бил државен удар, туку победа на демократијата.
Нуланд, поранешен советник на потпретседателот Дик Чејни и сопруга на неоконзервативниот светител Роберт Каган, помогна во Украина да се постигне онаква „промена на режимот“ што нејзиниот сопруг долго време ја промовираше на Блискиот Исток преку „Проектот за нов американски век“.
Нуланд има нов сојузник во Министерството за одбрана, кој внимателно ги следи знаците дали администрацијата на Обама ќе продолжи да ескалира воена конфронтација со Русија околу Источна Европа или ќе бара можности да најде заеднички јазик и да ги намали тензиите.
Мајкл Карпентер започна да работи во Пентагон како заменик-помошник секретар за одбрана за Русија, Украина и Евроазија, со дополнителни одговорности за Западен Балкан и контрола на конвенционалното оружје.
Тој ја замени Евелин Фаркас, запаллива агитаторка која ја обвини Русија дека „го уништува меѓународното право“ а напиша и дека „руските предизвици се толку фундаментални за меѓународниот систем, демократијата и капитализмот на слободниот пазар, што не можеме да дозволиме политиката на Кремљ да успее во Сирија или на друго место“ како и дека главна цел на Русија е да го уништи НАТО и ЕУ.
Фаркас се залагаше САД да продолжат со военото засилување за да се одврати Русија; да обезбеди „смртоносна помош“ за земјите на периферијата на Русија, вклучувајќи ги Украина, Грузија и Молдавија; и да се засилат економските санкции за притисок врз Русија
Карпентер доаѓа во Пентагон од канцеларијата на потпретседателот Џо Бајден, каде што беше специјален советник за Европа и Евроазија. Се држи воздржано и ретко настапува јавно. Еден од ретките настапи беше на симпозиум на спонзориран од Фондацијата Џејмстаун каде беше пофален од Курт Волкер, поранешен амбасадор на НАТО и советник на Џон Мекејн кој пак отворено бараше САД да ја вооружуваат Украина и помогна да се разгори украинската криза со средба со антисемитскиот лидер на десничарската националистичка партија и нивно фотографирање во 2013 година.
Но и изборот на Карпентер каде да настапи говори доста. Основач на Фондацијата Џејмстаун е Глен Хауард, екс извршен директор на Американскиот комитет за мир во Чеченија, кој имаше мисија да ја поткопува Русија со американска поддршка за за милитантните националистички и исламистички движења во Северен Кавказ. Хауард бил и консултант на Пентагон и на „големите нафтени компании кои работат во Централна Азија и Блискиот Исток“.
Фондацијата е формирана во 1984 година од „истакнати воини од Студената војна“, со благослов на директорот на ЦИА Вилијам Кејси, во одборот денес е поранешниот директор на ЦИА Мајкл Хејден, а претходно беа Дик Чејни и екс директорот на ЦИА Р. Џејмс Вулси, истакнат неоконзервативен активист.
Сето ова е многу важно од неколку причини. Зголемената конфронтација со Русија, особено долж нејзината многу чувствителна западна граница, ќе продолжи да ги труе односите со Москва. Почнување на нова Студена војна ќе пренасочи стотици милијарди долари во воени трошоци на сметка на домашните приоритети.
Што е најважно, циклусот акција-реакција меѓу НАТО и Русија во Источна Европа драматично ги зголемува шансите за несакана, непотребна и катастрофална војна во која ќе бидат вклучени големите светски нуклеарни сили.
„Премалку се сфаќа дека сегашниот коктел од инциденти, недоверба, променето воено држење и нуклеарно сигнализирање создава услови во кои еден настан или комбинација од настани може да резултира со војна меѓу НАТО и Русија, дури и ако ниту една од страните нема намера за тоа, ” напиша Јан Кернс, директор на Европската мрежа за лидерство.
Токму на таков начин, постапките на релативно опскурни личности во историјата, може да го доведат светот до катаклизма, доколку нивните провокации навреме не се зауздаат.