Тајмингот е битен во оваа приказна. Најмоќната воена алијанса на светот стана феминистички сојузник во шпицот на движењето #MeToo.
„Ставање крај на родовото насилство е витално прашање исто како и мирот, безбедноста и социјалната правда“, ќе напишат Анџелина и Јенс па ќе додадат „НАТО може да биде лидер во овие напори.“
Тоа беше новото лице на НАТО со кое алијансата почна да се претставува како просветителска и „прогресивна“ алијанса, или, како што одамна напиша еден политички коментатор „НАТО стана европско движење за мир.“
Кампањата со Џоли најавуваше стратешка промена на наративот. Тоа значеше желба да се апсорбираат и пошироки каузи (како што се женските права) и да се зголеми аудиториумот за пораките кои се праќаат.
Додуша, НАТО отсекогаш бил ПР освестен. Во 1999-та година, под брендот „НАТОарт“(?) беше издаден албум со електронска музика „инспириран од радарските станици долж северната периферија на Алјаска и Канада, изградени за да го предупредат НАТО за претстојниот советски нуклеарен напад“(?). Во 2007-ма го понудија долгометражниот филм „Штаб“, продуциран од одделот за јавна дипломатија на НАТО, кој го прикажува животот во алиојансата и нејзините дипломатски реакции на кризата во измислената држава Сеизманија.
„Но, она што го прави неодамнешниот стратегиски пресврт на НАТО толку ефикасен е што успешно им терцира на локалните традиции и идентитети на земјите кандидати“, пишува Лили Линч во Анхерд.
Последниот фебруари, НАТО за првпат одржа дури и гејминг настан во кој младите вработени во НАТО му се придружија на популарниот стример од Твич ЗеРојалВикинг заедно да ја играат „Among Us“ и чат-пат незадолжително да муабетат за опасностите од дезинформациите по демократијата. До крајот на ивентот, тоа се претвори во регрутација: вработените во НАТО раскажуваа колку е кул да се работи таму и ги охрабруваа посетителите да го посетат сајтот на НАТО каде можат да се најдат себе си и како графички дизајнери.
Ниту една политичка партија во Европа не го илустрира подобро преминот од жесток пацифизам кон жесток про-воен атлантизам, како германските Зелени. Повеќето од оригиналните Зелени беа радикали за време на студентските протести во 1968 година; многумина демонстрираа против американските војни. Раните Зелени се залагаа за повлекување на Западна Германија од НАТО. Но, кога основачите на таа партија влегоа во средни години, во партијата почнаа да се појавуваат пукнатини кои еден ден ќе ја обезличат.
Настанаа два табора: едните беа „реалисти“ и се декларираа како прагматисти и умерените Зелени, другите беа „фундаменталисти“ и го претставуваа радикалниот, бескомпромисен табор; тие сакаа партијата да остане верна на своите темелни вредности без разлика на сè.
И покрај разликите меѓу нив, Германија повторно да војува беше незамисливо и тоа беше табу тема за двата табота. Но, работата се скрши кај Косово, криза која дополнително ја радикализираше „умереноста“ .
На една хаотична партиска конференција во мај 1999 година, таборите жестоко се степаа околу бомбардирањето. Најгласниот „реалист“, зелениот министер за надворешни работи Јошка Фишер, ја поддржа војната на НАТО, за што другиве го гаѓаа со црвена боја. Но, нивните мировни предлози пропаднаа со што беше скршена антивоената фракција на партијата, која масовно ќе ги напушти Зелените.
Бомбардирањето на Југославија можеше да продолжи. Со клучна поддршка на Зелените, Луфтвафе леташе над Белград, 58 години по нивното последно воздушно бомбардирање на српскиот главен град. Тоа беше прва германска воена операција во Европа после Втората светска војна.
Следејќи го патот по кој тргнаа германските Зелени, големите левичарски партии од Европа ја баталија воената неутралност или противењето на војната и станаа мажоретки на НАТО. Зачудувачки пресврт. За време на Студената војна, Европската левица организираше масовни протести на кои присуствуваа милиони против милитаризмот предводен од САД и распоредувањето на Першинг-II ракети во Европа. Денес, ни како реторика го нема тоа.
„Со оглед на тоа што во Европа едвај и да постои некаква опозиција на НАТО а алијансата се шири и надвор од евро-атлатскиот регион, нејзината хегемонија е речиси апсолутистичка, пишува Линч.
Руската инвазија малку ги поремети цивилните идеализирања па денес повторно се рекламира воената моќ на НАТО. Фали само уште некогашните миротворци да запеат „Give War a Chance.“