Пекинг објави нов извештај за наводните прекршувања на човековите права во САД. Воведните зборови се од Џорџ Флојд - „Не можам да дишам!“ - а понатаму наведува дека во САД „расизмот постои на опсежен, систематски и континуиран начин“. Според кинеската влада, етничките малцинства во САД се „уништени од расна дискриминација“.
Ова звучи како нешто што би го чул од просечниот воин за социјална правда - меѓутоа почнува да станува препознатлив рефрен во Пекинг. Кина неодамна ја искористи оваа реченица за да ги нападне Петте очи - разузнавачката алијанса составена од САД, Британија, Австралија, Канада и Нов Зеланд. Изворот на чесна вистина, кинескиот државен весник Глобал тајмс, ги обвини членовите на алијансата дека формираат „САД-центрична, расистичка и мафијашка заедница“. Ги опиша како „расистичка оска насочена кон задушување на правото на развој на 1,4 милијарди Кинези“ заради нивните обиди да ја запрат Кина.
Глобал тајмс употреби слични зборови и минатиот месец кога објави дека зад Западниот неуспех „да се прифати дека Кина е подобра во справување со ковид,“ лежи верувањето за „белата супериорност“:
„Кога ќе ги видат различните резултати од кинеската и западната борба против ковид-19, нивната психологија на расизам дополнително се побудува... По епидемијата на ковид-19, западните држави предводени од САД се повеќе и повеќе почнаа да наликуваат на расистичка банда. Тие се погласни се околу своите т.н.р човекови права и еднаквост, меѓутоа во изминатиот век немаат никаков напредок, па дури и покажаа очигледни знаци на назадување.“
Кина минатата година за време на седницата на О.Н. за човекови права ги обвини САД за системски расизам. Пекинг во ова доби поддршка од претставниците на други нации, како Русија, Венецуела и Иран. Друг гласник на Кинеската комунистичка партија, Чајна Дејли, го надополни ова со цитат од Шу Зинг, од Универзитетот од Чунгкинг за политички науки: „Целиот свет е погоден од два ’вируси’ - ковид вирусот кој потекнува од природата, и глобалниот расистички вирус, кој потекнува од САД.“
Дволичноста е вчудовидувачка. Меѓутоа како што Џош Гленси напиша во Сандеј тајмс, поборниците за „социјална правда“ го свртеа светлото кон „воук точката“ на Америка. (Игра со терминот weak spot – woke spot.)
Идентитетските политики, пишува Гленси, „се толку накиснати со само-понижување што всушност можат да се покажат како корисна алатка“ во обидот на Кина да ги надмине САД.
Заради ова голем број од нашите институции паѓаат на воук политики и се волни да го шират наративот за бело, западно зло. Речиси секоја корпорација, политичар или претставник на државата им има дадено кредибилитет на воук претпоставките, посебно на оние околу расните прашања. Идејата дека западните општества се растргнати од белата супериорност сега е некритично прифатена од голем број западни елити.
Искористувањето на ова движење од страна Кина секако не е ништо ново. За време на Студената војна, на пример, Кина и СССР ги напаѓаа САД за нивните катастрофални расни проблеми. Во ерата на борбата за граѓански права и борбата против сегрегацијата, овие напади многу повеќе држеа. Голем број западни радикали станаа посветени Маоисти, вклучувајќи и многу анти-расисти и црнечки радикали.
Денес, малкумина од западните радикали се инспирираат од Кинеската комунистичка партија, и никој од нив не се решава да го следи Си Џинпинг. Меѓутоа тоа што навистина се промени од времето на Студената војна е ерупцијата на Западната културолошка војна. Во 20 век, дури и кога имаше сеприсутен институционален расизам во САД, американските лидери не потклекнуваа пред активистите кои ги обвинуваа за расизам. Сега, како да се малаксани од оваа борба.
Кога Кина ги обвинува САД за систематски расизам, Џо Бајден и компанија не можат да ја отфрлат сржта на обвинението, бидејќи истото доаѓа и од нив самите.
Имајќи ги предвид сегашните трговски тензии, треба а се очекува дека Кина ќе се обиде да го претстави Западот во лошо светло. Невообичаеното е што Западот им остава така отворен гол. Доналд Трамп секако беше во право кога кажа дека Кина се „смее“ на американските културолошки војни: „Кога Кина ги гледа освестените, тие гледаат дека најголем проблем што ние го имаме е доктор Сус... во меѓувреме, тие градат фабрики.“
Меѓутоа додека Кина се смее на нашите ситни кавги, тие исто така се обидуваат да го уништат ујгурското население во Синѓанг. Тие ставија милиони Ујгури во кампови, каде се брутализирани и се обидуваат да ја уништат нивната култура. Извештаите што доаѓаат од тие кампови се навистина мрачни: силување, тортура и многу други работи. Цела една етничка група е дехуманизирана.
Кина колку сака може да го обвинува Западот за расизам. Меѓутоа само треба да погледнеме што се случува таму за да го сфатиме вистинското значење на терминот - и да согледаме колку сме среќни.