Кратко по премиерата на Фејсбук лајв, Марк Зукерберг, порачува дека сервисот ќе овозможи секакви "лични и емоционални и сирови" начини за комуникација. Корисниците се поттикнати да го користат лајв во секојдневниот живот - на пример додека чекаат багаж на аеродром или додека јадат во ресторан.
Посебно обрнете внимание на "сиров". Фејсбук лајв веќе емитуваше директна снимка од еден млад хендикепиран маж кој беше врзан и боден со нож. Во март двајца тинејџери од Чикаго директно стримаа како силуваат тинејџерка. Околу 40 Фејсбук корисници го гледаа видеото без да го пријават ниту на Фејсбук, ниту на полицијата.
Ќе помислиш дека тоа е прилично сирово. Ама излезе дека сето тоа е само најава. Минатата недела наутро, Роберт Годвин, 74-годишен маж, одеше по улица во Кливленд, Охајо, гледајќи си ја својата работа. На него му се приближува 37-годишниот Стив Стивенс и му вели да го каже името "Џој Лејн". Годвин прави што е побарано од него, по што Стивенс го убива со пиштол. Убиецот објавува три видеа на Фејсбук, меѓу 11:09 и 11:22. Во првото, тој ја објавува својата намера да изврши убиство. Две минути подоцна, објавува видео од убиството. И во 11:22 започнува пренос на Фејсбук лајв околу убиството. Првата пријава за убиството до Фејсбук стига во 12:59, а профилот на Стивенс е исклучен 23 минути подоцна. Излезе дека Џој Лејн е името на девојка му, со која наводно имал проблеми.
Фејсбук природно е згрозен од ова. "Ова е ужасно злодело и ние не дозволуваме вакви содржини на Фејсбук," порача портпаролката на компанијата во изјава испратена до Вашингтон пост. "Напорно работиме да обезбедиме безбедна околина на Фејсбук и ние сме во постојан контакт со власите кога има директна закана за физичката безбедност".
Баш така. Ама што е тогаш ова? Компанијата има официјален блог посветен на Фејсбук лајв. "Од пуштањето на Фејсбук лајв," се вели во текстот од 18 април - тоа е два дена по убиството на Годвин - "гледаме дека луѓето и создавачите на содржина низ светот како ја користат оваа можност за споделување на нивните искуства додека тие се случуваат, посебно за време на важни културни настани. Ние сме инспирирани од креативноста што ја видовме."
Значи, ние гледаме како се појавува шаблон: мал дел од корисници на Фејсбук (а бидејќи ги има речиси 2 милијарди, тоа сепак е значителна бројка луѓе), се психопати, социопати и лудаци. Некои уживаат во нанесување болка на други и - уште полошо - дополнително се возбудуваат што нивните дела ќе бидат емитувани низ светот. Се до неодамна, вториов копнеж беше тежок за задоволување. Меѓутоа сега дигиталната технологија, во форма на апликации како Перископ или сервиси како Фејсбук лајв, дојде напомош. Нешто како канал за психопати.
Секоја нормална компанија што има производ кој може да создаде така токсичен резултат би го укинала и би ги отпишала трошоците. Меѓутоа Фејсбук не е нормална компанија: таа не заработува од продавање работи, туку од анализирање на нашите дигитални споделувања, допаѓања и кликови, и истите ги монетизира продавајќи им ги податоците на огласувачите, кои се надеваат дека така нивните реклами ќе бидат многу попрецизно насочени. Излезе дека Фејсбук може да наплаќа повеќе за реклами што се поврзани со видеа, па нивниот Лајв сервис има голем потенцијал за заработување. Имајќи го ова предвид, пиар проблемите кои доаѓаат од повремена злоупотреба на сервисот од психопати се сметаат само за уште еден трошок за водење на бизнисот. Освен тоа, нели би било погрешно да дозволиш неколку лудаци да ја попречат креативноста на луѓето кои сакаат да ги "споделат своите искуства додека тие се случуваат, посебно за време на важни културни настани"?
"All Human Life Is There" беше слоган за сега затворениот Њуз оф д ворлд. И тоа никогаш не важеше за овој медиум. Меѓутоа тој е точен за интернетот, што е нешто што со тек на време го учиме; не само од Фејсбук лајв, туку и општо од социјалните медиуми. Како интернетот да и држи огледало на човековата природа. Најголем дел од она што се одразува од него е банално и предвидливо, меѓутоа некои работи што ни ги кажува за самите нас се, како и убиството на Годвин, длабоко вознемирувачки.
И затоа веројатно Фејсбук мисли дека тие никого не убиле. И ова е верзија на аргументот на НРА: оружјето не убива луѓе - луѓето убиваат луѓе. А тоа е глупост.