Во двете децении пред ова евроспките лидери ги изразија своите ривалства креирајќи две алијанси чии стратегии станаа поврзани преку нивните распореди за мобилизација. Како резултат на ова, во 1914, убиството на австроунгарскиот престолонаследник во Сараево од српски националисти беше дозволено да ескалира во општа војна кога Германија на другата страна од Европа го спроведе својот сеопфатен план за поразување на Франција преку напаѓање на неутрална Белгија.
Европските нации, недоволно свесни како технологијата ги унапредила нивните воени сили, започнаа да нанесуваат незапаметено уништување едни на други. Во август 1916 по две години војна и милиони загинати, главните завојувани страни на Западот (Британија, Франција и Германија) почнаа да бараат начин за ставање крај на уништувањето. На истокот, истото го направија и ривалите Австрија и Русија. Бидејќи ниту еден разумен компромис не можеше да ги оправда жртвите што веќе се случија и бидејќи никој не сакаше да оддаде впечаток на слабост, лидерите се колебаа да иницираат формален мировен процес. Заради тоа побараа американско медијаторство. Истрагата на полковник Едвард Хаус, личниот пратеник на претседателот Вудроу Вилсон, заклучува дека на дофат е мир базиран на модификуван статус кво. Сепак, Вилсон, иако волен и желен да биде медијатор, тоа го одложува до завршувањето на претседателските избори во ноември. До тогаш, британската офанзива на Сома и германската офанзива на Верден веќе додадоа 2 милиони жртви.
По зборовите од книгата на оваа тема од Филип Зеликов, дипломатијата стана патот по кој помалку се оди. Големата војна продолжи уште две години и чинеше уште милиони животи, неповратно оштетувајќи ја воспоставената европски рамнотежа. Германија и Русија беа распарчени од револуција; австроунгарската држава беше збришана од мапата. Франција беше целосно изнемоштена. Британија жртвуваше значителен дел од својата млада популација и економски капацитети за потребите на војната. Договорот од Версај кој стави крај на војната се покажа далеку пофрагилен отколку структурата што ја замени.
Дали светот денес се наоѓа пред слична пресвртница во Украина како што зимата наметна пауза на тамошните големи воени операции? Постојано ја изразувам мојата поддршка за сојузничките воени напори за спречување на руската агресија на Украина. Меѓутоа доаѓа време за градење врз стратешките промени кои беа постигнати и нивно интегрирање во нови структури со цел постигнување мир преку преговори.
Украина за прв пат во нејзината модерна историја стана битна држава во Централна Европа. Помогната од нејзините сојузници и инспирирана од нејзиниот претседател, Украина ги спречи руските конвенционални сили кои од Втората светска војна надвиснуваа над Европа. А меѓународниот систем - вклучително и Кина - се спротивставија на руската закана и на користењето на нејзините нуклеарни оружја.
Овој процес ги доведе во прашање првичните причини за украинското членство во НАТО. Украина ја доби една од најголемите и најефикасни копнени армии во Европа, опремени од Америка и нејзините сојузници. Мировен процес би требало да ја поврзе Украина со НАТО без разлика како тоа ќе биде изразено. Неутралноста веќе нема никакво значење, посебно откако Финска и Шведска се приклучија кон НАТО. Токму затоа, во мај, предложив примирје кое ќе се случи на границите кои постоеја на 24 февруари. Русија ќе ја напушти својата освојувачка позиција, но не и територијата што ја освои пред речиси една деценија, вклучително и Крим. Таа територија ќе биде предмет на преговарање по примирјето.
Ако предвоената линија на поделба меѓу Украина и Русија не може да биде постигната преку борба или преговори, треба да се размислува за преминување на принципот на самоодлучување. Во изразито поделените територии кои со векови го менуваат својот господар може да се спроведе меѓународно надгледуван референдум.
Целта на мировниот процес ќе биде двострана: да се потврди слободата на Украина и да се дефинира нова меѓународна структура, посебно за Централна и Источна Европа. Со тек на време Русија би требала да го најде своето место во таков поредок.
Претпочитаниот исход за некои е Русија да излезе импотентна од оваа војна. Јас не се согласувам со тоа. И покрај целата наклоност кон насилство, Русија повеќе од половина век дава одлучувачки придонес кон глобалната рамнотежа и балансот на силите. Нејзината историска улога не треба да биде деградирана. Руските воени проблеми не го елиминираа нејзиниот глобален нуклеарен домет, овозможувајќи и да се закани со ескалација во Украина. Дури и ако го снема овој капацитет, распадот на Русија или уништувањето на нејзината способност за стратешки политики ќе ја претвори нејзината територија која се протега низ 11 временски во оспорен вакум. Општествата кои ја составуваат може ќе одлучат своите судири да ги решат со насилство. Други држави може ќе одлучат да ги решат своите недоразбирања со сила. Сите овие опасности ќе бидат повеќекратно зголемени од присуството на илјадници нуклеарни оружја кои ја прават Русија една двете најголеми светски нуклеарни сили.
Како што светските лидери бараат начин за ставање крај на војната во која две нуклеарни сили спорат околу конвенционално вооружена држава, тие исто така треба да размислат и за влијанието што го имаат на овој конфликт и на долгорочната стратегија околу високата технологија и вештачката интелигенција. Веќе постојат автономни оружја способни за дефинирање, проценување и таргетирање на закани што тие самите ги перципираат и на тој начин се во позиција да започнат сопствена војна.
Кога еднаш ќе се премине границата на овој свет и хај-текот стане стандардно вооружување - а компјутерите станат главни извршители на стратегијата - светот ќе се најде себе си во состојба за која се уште нема утврден концепт. Како лидерите може да имаат контрола кога компјутерите носат стратешки одлуки во обем и на начин кој сам по себе спречува човечко мешање? Како цивилизацијата може да биде зачувана при таков вртлог на спротивставени информации, перцепции и уништувачки капацитети?
Се уште нема никаква теорија за овој свет што ни се приближува, а консултативните обиди околу оваа тема допрва треба да еволуираат - можеби бидејќи суштествени преговори би можеле да обелоденат нови откритија, и токму тоа обелоденување да претставува ризик за иднината. Надминувањето на разидувањето меѓу напредните технологии и концептот на стратегии за нивно контролирање, па дури и разбирање на нивните целосни импликации, денес е подеднакво важно прашање како и климатските промени, и бара лидери кои под своја команда ја имаат и технологијата и историјата.
Потрагата по мир и поредок има две компоненти кои понекогаш се третираат како контрадикторност: потрага по елементи на безбедност и неопходност на акти на помирување. Ако не можеме да ги постигнеме двете, нема да можеме да постигнеме ниту едно. Патот на дипломатијата изгледа комплициран и фрустрирачки. Меѓутоа напредувањето до него бара и визија и храброст да се започне патувањето.