Исходот на германските избори со право ја вознемирува цела Европа. Секако, најмногу затоа што крајно десната АФД (Алтернатива за Германија) доби речиси 13% од гласовите, меѓутоа подеднакво е важен и уште еден изборен резултат. Тој дека германскиот СПД (Социјалдемократската партија на Германија) доби бедни 20% и со тоа го продолжи својот пат надолу. Оваа партија сега изгледа го жнее она што го сееше последните 15 години.
Ако се точни и само 5% од она што во своите книги го пишува некогашниот министер за финансии на Грција во владата на Сириза, Јанис Варуфакис, јасно е дека германскиот СПД цело време и без никаква резерва ја поддржува Ангела Меркел во нејзината економска политика - од штедење во државата до газење на економски послабите членки на еврозоната. А таа политика доведе до голем буџетски суфицит и неверојатен раст на германскиот извоз. Од друга страна има многу лош исход на состојбата во општеството. Платите на германските работници не растат соодветно на економскиот раст, ниту на растот на конкурентноста. Голем број угледни светски економисти побараа Германија да ги зголеми платите за да се зголеми побарувачката и со тоа да им се помогне на другите членки на ЕУ да го зголемат својот извоз на производи во Германија. Германските работници живеат сè потешко. Секако, и понатаму за хрватски плати и услови тоа е чиста утопија и рај на земјата, меѓутоа Германецот кој штрафи во Фолксваген се чувствува сè понесигурен и за својата плата може да купи сè помалку. И тогаш, на сето тоа пред две години во Германија во краток рок влегоа милион бегалци, од што последица најверојатно ќе биде понатамошно намалување на цените на трудот.
Секако дека ова е само едно од објаснувањата за растот на АФД, веројатно и најважно е дека за подем на оваа пратија се важни и некои грди размислувања кои постојат во тамошното општество, а на кои игра оваа партија. Меѓутоа пролетва слична работа се случи и во Франција кога тамошната Социјалистичка партија (ПС), падна под 10% од гласовите, а добро мина крајно десниот Национален фронт. И француските социјалисти веќе со години, иако јавно се бунат и критикуваат, стојат за економскиот модел што го промовира Меркел. И СПД и ПС беа конфузни на изборите, додека британските лабуристи, кои нагло свртеа кон лево, на тамошните избори навистина не победија, меѓутоа барем го уништија мнозинството што конзервативците го имаа во парламентот.
Европската социјалдемократија се наоѓа во голема, историска криза, најмногу затоа што престана да биде тоа на што се издигна - заштитничка на работно зависното население кое се потешко ги поднесува негативните последици на глобализацијата. Во оној момент кога, како што беше случај во Британија, малку ќе ја свртат политиката тоа одма се чувствува во растот на бројот на гласови.
Меѓутоа во хрватскиот СДП нема никакви расправи околу тоа. Еден од најважните членови на партијата јавно зборува дека економската политика на СДП нема да се менува, а други не ги интересираат работниците затоа што тие и онака во најголем број гласаат за десницата. Ако така се продолжи би можело да им се случи да минат како нивните германски и француски колеги. Да тргнат на еднонасочен пат надолу. Иако во Хрватска меѓу понижените и осиромашените постои огромен базен на гласови кои би поддржале партија која, ако ништо друго, барем покаже разбирање за нивната позиција. Меѓутоа СДП, секако, не стига да се занимава со нив затоа што нејзиното раководство одново се нервира од некоја си спомен плоча или од тројца пијани губитници во црни кошули.