Технолошките гиганти на Силициумската долина го преминаа Рубиконот. Фејсбук го суспендираше актуелниот американски претседател на неодредено а Твитер го занбрани за стално.
Не треба да сте фан на Трамп за ова да го доживеете застрашувачки. Може да ви е одвратна неговата лажлива кампања против резултатите од изборите, можете да бидете ужаснати од упадот во Капитол изведен во негово име. Но, треба да сте алармирани каков преседан прави ова. Ако технолошките монополи можат на „лидер на слободниот свет“ да му одземат право да биде присутен на некоја платформа, тие можат да замолчат секого.
Резонот на Твитер позади забраната го одредува тонот на цензурата која доаѓа. Беа цитирани два твита кои ги прекршиле правилата. Во еден, Трамп вели дека нема да дојде на инаугурацијата, во друг вели дека „американските патриоти“ ќе имаат „ОГРОМЕН ГЛАС“ во иднина.
Двата твита се во трампов стил. Ниеден од нив директно не разгорува насилство, но според Твитер, тие претставуваат „ризик“ од разгорување насилство бидејќи МОЖЕЛО да бидат интерпретирани на тој начин.
Просто, тука нема крај што сè може да биде цензурирано следејќи ја оваа морничава логика. Некогаш љубителите на теории на заговор од QAnon, во секој збор на Трамп бараа скриени пораки, сега Твитер тоа го претвора во своја официјална политика.
Консеквенците се глобални. Рускиот опозиционен лидер Алексеј Навални предупреди дека трајната забрана на Трамп во иднина ќе биде искористена од секој непријател на слободниот говор. Секогаш кога некој автократ во светот ќе сака да замолчи некој противник, ќе посочи на примерот Твитер/Трамп и ќе објасни дека цензурата е нормална дури и во најдемократските земји.
Еден од најздодевните аргументи со кој се минимизира цензурата на корпорациите е дека Фејсбук и Твитер се приватни компании и дека како такви, можат да носат правила какви што сакаат. И дека ако не ти се допаѓа нивниот пристап кон слободата на говорот, можеш сам да си направиш платформа. Но, судбината на алтернативниот социјален медиум Парлер - Амазон им го укина хостингот а Гугл и Епл го тргаат од своите продажни онлајн продавници - покажува дека денес нема шанса да ги заобиколиш технолошките монополи.
Факт е дека социјалните медиуми стануваат агори на 21 век. Да ти биде одземен глас на овие платформи значи да биде дигитално укинат. Кога мега-корпорации од Силициумската долина одбираат кои гласови ќе бидат слушнати а кои не, тие престануваат да бидат неутрални платформи. Наместо тоа, почнуваат да ја демонстрираат својата огромна моќ врз демократијата. Нивните одлуки се нетранспарентни и не повлекуваат ничија одговорност, а последици се вонсериски.
Цензурата на Трамп е само почеток.