Често пати слушам дека единствен начин да се проголта горката пилула на политичкото секојдневие е Кесиќ, ПЉиЖ, Сомборац или њузовци, да ни ја соџвакаат политичката состојба, која дури потоа во таква духовита комбинација може да се свари. Меѓутоа, таа „чаша мед“ која се зема со „чаша жолчност“ најчесто има своја цена, а во српски услови, кај одреден број луѓе тоа резултира со гнасење од каква било политичка партиципација.
Далеку од тоа дека самите сатиричари се виновни, бидејќи тие ја работат својата работа и тоа прилично добро. Крив е оној што смета дека самото постоење на овие формати е доказ за постоење на медиумска слобода, како и сите кои сметаат дека е доволно еден час да го преседат пред црна кутија со пуканки и кисела насмевка и да се сметаат себе си информирани. Србија, секако, не е прва држава во која ваквите формати се популарни, но е прва во која измислен лик на бел коњ зема 9,34% од гласовите на претседателските избори (Бели Прелетачевиќ) и во која никој после истото не се заинтересира посериозно за апатијата на гласачите, ниту за потребата на речиси 10% од излезените гласачи да се мајтапат со демократскиот изборен систем дури и пред тој да биде потполно воведен. Во недостаток на објективни медиуми и силна опозиција овие програми почнуваат да се доживуваат како опозиција, што може да и користи само на владејачката гарнитура бидејќи Кесиќ не е на гласачкото ливче.
Емисијата „24 минути со Зоран Кесиќ“, веројатно без таква намера на самите автори, во атмосфера на политичка апатија и медиумска (авто)цензура, дополнително придонесува кон персонализација на политиката и зголемена незаинтересираност кај гледачите, посебно младите, за суштински политички теми. Ако луѓето сметаат дека низ оваа емисија добиваат доволна доза информации и дека тоа е „сè што им треба“, а притоа не чувствуваат потреба за следење или воопшто постоење на традиционални политички емисии, тогаш нормално е целата политичка сцена да им личи на циркус, а самата политика, но и новинарството, ќе го сметаат за некаква нечесна работа со која се занимаваат само неморални и ненормални.
Не треба да се заборави дека без разлика колку овие формати се критични кон актуелната власт во нив владее еден вид едноумие, бидејќи гостите доаѓаат од група истомисленици и дека добар дел од хуморот, како и сè останато, се базира на стереотипи. Кога денешните миленијалци ќе дојдат на ред да гласаат, и како се подлабоко се нурнуваат во своите интернет ехо комори и филтер меури, ќе им биде се потешко да замислат дека некогаш на телевизија постоеле емисии во кои се појавувале гости со спротивставени ставови.
И за мене која сум израсната со четири телевизиски канали тешко ми е да се присетам на време кога телевизијата не владееше толку со гледачите и кога не беа сите содржини обвиени со тенок слој на забава. Појавата на политичари во медиумите одамна не е ограничена на информативни емисии. Во борбата за гледачи, политиката и политичарите мораат да се натпреваруваат за сопствената доза на гледаност. Во ситуација во која за да бидат забележани политичарите мораат да бидат забавни, и медиумите и политичарите се сложни дека со хибридните жанрови на инфотејмент и политејмент најлесно е да се стигне до најшироките слоеви, па во домашни рамки уште од „Никад извини“ и „Индексовци“ ликовите на политичарите почнуваат да се шират низ целите програмски шеми на телевизии со најразлични уредувачки политики, се додека на крај не почнаа да се појавуваат и како учесници во риалити програми.
Во српски околности, за жал, улогата на овие формати неретко е контрапродуктивна, бидејќи во актуелната поделба на политичките сили сатиричарите се доживуваат како вистинска опозиција, што не е нивна улога, па критикувајќи ја власта во состојба на објективна немоќ тие всушност ги легитимираат владејачките структури. За овие формати да го задржат забавниот тон се инсистира на цинизам и негативност, бидејќи тоа се работите кои гарантираат комерцијален успех. Меѓутоа, бидејќи улогата на телевизијата, барем формално, не е само да забавува, туку и да информира и образува, овие вторите работи сè повеќе се губат од вид. Улогата на телевизиските дебати би требала да биде конструктивна за креирање на демократско општество, толерантна околина, но и запознавање на јавноста со актуелните проблеми. Ние од ова така лесно се одрековме и тоа во време кога изгледа дека треба уште многу вода да истече за интернетот да ги потврди своите демократски потенцијали.
„Впечатокот на неделата“ беше култен не затоа што луѓето лудо се забавуваа гледајќи ја емисијата, туку затоа што емисијата ја гледаа и оние што ја критикуваа и оспоруваа како самата авторка, така и гостите, што во сатиричните емисии е невозможно - или го гледаш Кесиќ или Лав Пајкиќ, не може и едно и друго.