Германски пратеник за македонскиот очај од ЕУ

Нормално, нè нема баш во германски медиуми, освен во попатни информации дека не им даваме нешто на нивните кутри партнери од ЕУ, Бугарите. Бутикофер се задржува малку подолго на нас. Ги користи омразените придавки но не е тој крив за правилата на германскиот јазик. Барем е доволно фер да каже дека со промена на името, Заев прибегнал кон „национално понижување без преседан“.

Во „18. бример на Бонапарта“ Карл Маркс пишува дека историјата знае да се повторува „некогаш како трагедија, некогаш како фарса“. Горчливо повторување на историјата ѝ се случува на Северна Македонија. Таа е независна од септември 1991 година, сместена е меѓу Грција, Бугарија, Србија, Косово и Албанија, во неа живеат околу 1.8 милиони Македонци и граѓани кои говорат албански а е кандидат за членство од 2005 година. Европската комисија постојано потврдуваше дека земјата ги исполнува формалните барања за почеток на преговорите. 

Во 2018-та година, во тоа време уште под своето оригинално име Македонија, таа држава се откажа од своето име во историскиот Преспански договор со грчките соседи. Проследено со сериозни внатрешни превирања, таа го смени сопствениот устав за да ја прескокне долгогодишната блокада од Грција која тврдеше дека Македонија е грчки регион и постоење држава со тоа име значи територијални претензии кон неа. 

Северна Македонија го држеше пократкиот дел од стапот. Влегуваше во цајтнот на повеќе начини. Очекуваниот економски напредок не се случи и младите генерации, кои се сомневаа дека европската врата, забарикадирана од Грција, ќе се отвори, вртеа грб и си заминуваа од земјата. 

„Ако тие не ни доаѓаат, ние ќе им одиме,“ скандираа граѓаните и студентите од источна Германија во 1990 година. Младите северномакедонци не скандираа, но си носеа свои одлуки околу проценката дека Европа најверојатно нема да дојде во Скопје. Значи, мора да ѝ се оди.

За да не дојде до ќорсокак, социјалдемократската влада на Зоран Заев прибегна кон национално понижување без преседан. Ги избутка уставните измени диктирани од Грција. Но, вратата на ЕУ не се отвори. Пред неа повторно се најдоа барикади.

После Грција, Франција беше таа која блокираше. Постојат многу шпекулации зошто таа го прави тоа. Факт е дека во Франција никогаш не постоело одушевување од проширување на ЕУ на исток поради тоа што, колку поголема важност имаат источните земји во ЕУ, толку влијанието на Франција ќе биде разредено. Претпоставувам дека претседателот Макрон, како особено горд претставник на големата француска нација, делувал според својата логика која постојано ставаше препреки не само кон Македонија туку и кон другите балканки аспиранти за ЕУ.

Во суштина, ЕУ може да биде вонсериски горда што уште е во кондиција да буди големи надежи. Попусти се тие. Напротив, Северна Македонија е понижувана одново и одново со бескрајно одложување на стартот на преговорите.   

Таквата политика сега доживува кулминација, со тоа што сега Бугарија, со поддршка од Франција и Унгарија, бара Северна Македонија повторно да го смени уставот и фактички да го доведе во прашање своето право да постои.

Бугарските националисти тврдат дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот а Македонците се Бугари.  Еден нивен, особено шовинистички претставник, бугарски член на Европскиот парламент кој салутираше со наци поздрав, неодамна јавно изјави дека ако притисокот потрае доволно долго а на Северна Македонија ѝ се зададат „доволно удари“, таа ќе мора да потклекне, со оглед на тоа што преговорите за членство во ЕУ можат да бидат потврдени само со едногласна одлука на Советот.    

Според мене, бугарското вето можеше да се надмине доколку за тоа постоеше волја во неколку клучни европски престолнини. Бугарија сепак не е толку голема европска сила да би им парирала на еден Берлин, Париз, Мадрид, Варшава и Европската комисија. 

Но, до ваков неопходен притисок врз Софија не дојде. Според мене, два себични мотива се во игра кај владите во Будимпешта и Париз. За вториве пишував погоре. Унгарската пресметка е поинаква. Европскиот комесар за проширување, Вархеи, кој доаѓа од орбитата на Орбан, ја охрабри Софија посилно да ја притисне Северна Македонија. Тој играше на карта дека прогресивната влада во Скопје ќе падне под неподносливите барања на Бугарија и со тоа ќе се отвори пат северномакедонските националисти да се вратат на власт. Конечно, нивниот долгогодишен шеф Груевски, корумпиран автократ, со години ужива азил во Орбановата Унгарија.   

И Франција, наместо Бугарија, реши да ја притисне Северна Македонија. Тамошната влада сега е на пат да ги прифати офанзивните бугарски барања. А фактички, нема апсолутно никакви шанси покорувањето на овие диктати да значи „Отвори се, Сусаме“ за Северна.

За ова би требало да се најдат 80 гласа, двотретинско мнозинство во парламентот во Скопје. Тоа не е можно без поддршката на националистичката опозиција и тука стапицата се затвора. Ако идејата не помине, за нејзината блокираност ќе можете да ја обвинувате самата Северна Македонија. Оваа злобна игра, се чини, функционира.

Патем, според истражувањата, 70 отсто од северномакедонците отфрлаат уште една уставна промена. Анкетите сигнализираат голема победа на националистите и драматични загуби за владејачките социјалдемократи. Скептицизмот кон ЕУ се шири како омикрон варијанта.

Рајхнард Бутикофер,
германски политичар, член на Европскиот парламент од 2009-та година, од Европските Зелени.

19 август 2022 - 11:15