Приказната е стара и има различни верзии. Бајковитата верзија, запишана пред два века од браќата Грим, раскажува за одреден Карл Кац, козар од централна Германија. Една вечер, избегана коза во носи Кац длабоко во пештера. Примамен од непознати мажи, тој пие еден напиток и заспива. Кога се буди тој открива дека не минале часови, туку години. Светот околу него се променил.
Исчудувањето што го почувствува Кац сега го имаат и голем број Германци. Пред години најбогатата држава на Европа падна во состојба која не беше баш сон, туку месечарење. Тазе реобединети и успокоени од сопствениот економски и дипломатски успех, Германците се сместија во комфорното верување дека нивниот систем функционира речиси совршено. Владините политики помалку беа водени од прагматизам отколку од себе-измама, како што лидерите ги фарбаа гласачите со опивни муабети за перпетуален просперитет со минимална фрикција и, секако, нула штетни гасови.
Будењето, под звукот на руските тенкови кои роварат во соседна Украина, беше непријатно. На некој начин Германија, исто како Кац, се најде себе си години во иднината, но децении во минатото. Наместо крстосување по автобанот на либералната демократија, најголемиот дел од светот се излизга во грди форми на популизам кој Германија многу добро ги памети. Наместо да ужива во ерата на мирољубива соработка, Германија открива дека повторно се појавила побарувачка за оружје и војници - вклучително и Американски. Германскиот просперитет излезе дека не зависи исклучиво од работливоста на нејзиниот народ, како што е во веселата бајковита верзија, туку од евтината увозна енергија и работна сила. И секако тоа што финиот Владимир Путин, кој подари со панделка накитени гасоводи полни со природен гас, излезе дека е волк.
Едноставно кажано години лагодност ја ставија Германија во проблематична ситуација. Па дури и кога естаблишментот почнува да се помирува со обемот на својата дилема и со неверојатниот предизвик за промена на правецот, германската дебата останува чудно теснограда и без никаква итност. Уште почудно, во земјата која се гордее себе си за отвореноста на својата демократија, е неуспехот да се утврди каде сè се згрешило. Да, некои јавни личности со право се прекорени што ја гледаат Русија низ розови очила. Меѓутоа системската природа на измамата на Путин и волното слепило на Германија ретко кој го анализира. Никој не сака да зборува „што се случи во пештерата“.
Да ја земеме волната зависност на Германија од руски горива. Ова не се случува само затоа што Путин ги заведе бизнисите и политичарите со ниски цени, па на тој начин за две децении го зголеми рускиот удел во германската потрошувачка на гас од 30 на 55%. Беа донесени одлуки и да се намали снабдувањето со енергија од други извори. Меѓу бројните примери за таквата глупавост, најдобро познатиот се однесува на нуклеарната енергија. Кога цунами ги погоди нуклеарните реактори во јапонска Фукушима во 2011, владата на Ангела Меркел се извади од памет и речиси преку ноќ затвори половина од германските нуклеарни капацитети за генерирање енергија. Рокот за затворање на трите последни нуклеарни електрани во Германија е декември 2022, рок против кој луѓе допрва се побунија, откако им натежна потенцијалната енергетска криза. Отсликувајќи го чудното отсуство на итност во германската политика, еден спорен компромис ги повикува Зелените да се откажат од своето инсистирање на гасење на реакторите во замена за тоа нивните коалициски партнери да престанат да се противат околу ограничувањето на брзината на аутобанот.
Сепак најголемиот германски автогол е даден против сопствената индустрија за природен гас. Германците ја немаат среќата на соседните Холанѓани, чие џиновско поле во Гронинген од 1959 има испумпано над 500 милијарди долари во природен гас. Меѓутоа ни германските резерви не се за потценување. На почетокот од милениумот Германија вадеше околу 20 милијарди кубни метри гас годишно, доволно за покривање на една четвртина од националните потреби. Меѓутоа иако геолозите сметаат дека Германија под земја има уште најмалку 800 милијарди кубни метри гас, производството не само што не порасна, туку колабираше на смешни 5-6 милијарди кубни метри гас, еднакви на само 10% од увозот од Русија.
Причината е едноставна. Геологијата покажува дека речиси целиот природен гас во Германија може да се вади само со хидрауличен фракинг, меѓутоа германската јавност има нерационален страв од фракинг. Не само страв: во 2017 владата на Меркел донесе закон со кој во основа се забранува комерцијален фракинг, иако германски компании ја користат оваа технологија во земјата уште од 1950-те со ниту еден единствен пријавен инцидент или сериозна еколошка штета.
Причината за стравот на јавноста е тешко да се најде. Во 2008 Ексон, голема американска нафтена компанија, предложи проширување на користењето на фракинг на нивната локација во северна Германија. Како што еколозите почнаа да се собираат на протести, се повлијателната Зелена партија се приклучи кон судирот. Исто така и Раша тудеј, про-Кремљ ТВ каналот, кој објавуваше предупредувања дека фракингот предизвикува радијација, деформации при раѓање, хормонски дебаланс, ослободување на огромни количини метан и токсичен отпад, и го труе рибниот фонд. Ништо помал експерт туку баш Путин објави, пред меѓународна конференција, дека фракингот прави од нашите славини да истекува црна гнаса.
Германците изгледа сакаат бајки. „На крај се откажавме од обидите да се објасниме дека фракингот е апсолутно безбеден“ издишува Ханс-Јоаким Кумпел, поранешниот раководител на главното државно тело за геонаука. „Не можам стварно да ги обвинам луѓето кои немаат разбирање за подповршинска геологија, ако сè што слушаат се хорор приказни“.
Германските производители на гас тврдат дека ако им се даде шанса, со денешните дури и почисти и побезбедни нови методи за фракинг тие ќе можат за два пати да го зголемат своите производство за 18 до 24 месеци. Со тоа ниво Германија ќе може да пумпа гас до следниот век. Тоа пак годишно ќе кине околу 15 милијарди долари од увозот. И тоа не е бајка.