Ваквото размислување има вековна традиција во Франција. Во 18 век Волтер кој има најдлабока недоверба кон мудроста и добрината на луѓето, објаснува дека апсолутната монархија треба да биде заменета со крал филозоф. Како пример, од денешна гледна точка очигледно митски, тој го дава кинескиот крал, кој го опишува како мудрец опколен со интелектуалци.
Монтескје, генерација на Волтер, не верува на каква било власт па ја развива идејата за поделбата на моќта, и систем на проверки и кочници кои многу подобро фаќаат корен во САД отколку во Франција.
"Наследството од овој период и денес трае во форма на демократска скептичност и индиферентност кон концентрацијата на моќта. Тоа ја обележува нашата историја. Наместо да се грижиме за концентрацијата на моќта, ние се возбудуваме околу тоа. Веруваме во нејзината ефикасност. Нели тоа беше лекцијата од познатиот Наполеонов граѓански кодекс од 1804? Секако со Наполеоновиот граѓански кодекс ние го добивме и Наполеон, и неговите постојани војни.
Денес, кога власта е поделена - што најчесто е резултат на случајност отколку намера - ние гласно се жалиме. За време на овие периоди кога мора да коегзистираат претседателот и парламентот од различни партии, ние тоа го гледаме како пркос кон деспотскиот дух на Петата република, воспоставена во 1958.
Новиот претседател на Франција, Емануел Макрон, е резултат на оваа конфузна историја. Тој изгледа мисли дека Французите, длабоко во себе, се уште се монархисти. И дека тој сега има неверојатна моќ.
Меѓутоа тој е просветлен, или барем така претпоставуваме. Во реалноста ние во овој момент ништо не знаеме. Сепак, замислуваме дека моќта што Макрон ја поседува е добра во смисла дека му дозволува да ги донесе неопходните реформи кои помалку сервилен Парламент би ги одбил.
Ама тука треба да имаме предвид и некоја основна политичка аритметика. Реформи што не се преговарани, што се истуркани на сила, речиси гарантирано ќе резултираат со контра-реформи. Во нација поделена како нашата, верувањето дека деспотизмот е поефикасен отколку консензусот, е грешка. Деспотизмот повикува на револуција, што е правецот во кој се движат Французите ако нема проверки и кочници," пишува Сорман.
Во својата пофалба за американскиот систем и Монтескје, Сорман објаснува дека токму острата поделба на власта е она што спречува автократија, па заради нејзе, и судство кое е вистински независно во САД се блокирани ксенофобните иницијативи на Доналд Трамп.
"Замисли на момент што би можел Трамп да стори со владина структура налик онаа на Франција. Ќе направи пустош. Само луѓе на улица би можеле да му се спротивстават.
Фер е да се каже дека Макрон не е Трамп. Ниту пак е Наполеон. И тој е свесен за времето во кое живее, за разлика од Де Гол, кој изгледаше како повремено да се губи. Меѓутоа треба да се има предвид како некој негов опасен наследник - некој од типот на Меленшон или Ле Пен - би можел да ја искористи моќта што им ја нудиме на нашите лидери.
Деспотите, во прво време просветлени, се менуваат како што стареат. Тие разочаруваат, или се опијануваат од моќта. Тоа се случило и претходно.
Репутацијата за ефикасноста на Петата република е мит. Наместо тоа ние сме во парализа предизвикана од револт.
Не се луѓето тие што треба да се променат, туку институциите, кои не се адаптирани на луѓето. Францускиот претседателски систем - легална форма на просветлениот деспотизам - е лошо поставен за поделено општество како нашето. Многу подобро би минувале со парламент кој негува стварни преговори, вистински претставнички парламент. Наместо тоа имаме парламент во кој партијата на Макрон држи две-третини од местата и покрај тоа што освои една третина од гласовите," пишува Сорман.