Фанатиците немаат право да цензурираат критичари, ама нема ни Макрон

Начинот на кој францускиот претседател одговори на Исламот е исполнет со хипокризија и нелиберализам, пишува Кенан Малик во критиката за Гардијан.

Писмата со поплаки околу текстови во некој весник не се ништо посебно. Но не и писма кои доаѓаат од Елисејската палата. Минатата недела, Фајненшл тајмс, по убиството на учителот Самуел Пати во Париз и на верниците во Ница, објави текст од својата дописничка од Европа, Мехрин Кан, кој беше критички кон политиките на Емануел Макрон во однос на Исламот. Мехрин напиша дека желбата на Макрон „да се искористи државата за да се препише 'коректна' религија повеќе е својствена за авторитарни муслимански лидери, отколку за просветителските вредности на одделување на црквата и државата.“

Макрон одговори со писмо во кое се брани себе си и своите политики обвинувајќи ја Кан дека погрешно го цитирала - тој инсистира дека тој никогаш не зборувал за „исламски сепаратизам“, како што тврди Кан, туку за „исламистички сепаратизам“. Кога Фајненшл тајмс го објавува писмото на Макрон, тие веќе го имаа отстрането текстот на Кан заради „неточности“. Па сега човек може да ја прочита само критиката но не и тоа што беше критикувано. Весниците некогаш тргаат текстови - сигурен сум дека и Опсервер го има тоа направено. Меѓутоа тоа треба да го направат само во исклучителни околности, а потоа да дадат и целосно објаснување зошто го направиле тоа. Отстранувањето на навредлив текст по критикување, станува прифатлив дел од нашата култура.

Неколку дена пред да биде повлечен текстот на Кан, Политико Европа објави крајно неискрена колумна од водечкиот францускиот академик Фарад Косрокавар. Тој вели, причината за исламистичкиот тероризам лежи во „француската екстремна форма на секуларизам и прифаќање на богохулието.“ Интелектуалците кои „излегоа со пофалба на богохулието“ требаше „повнимателно да ги одмерат своите зборови“. Додека француските секуларисти „се борат за слобода на изразување“ пишува тој „невини луѓе умираат“ лагодно игнорирајќи го фактот дека тие што убиваат не се секуларисти. Ќе мора да ми верувате за ова, бидејќи по баражот критики, Политико Европа го отстрани текстот затоа што не ги „исполнува уредничките стандарди“. Јас не се согласувам во текстот на Косрокавар, меѓутоа не се согласувам, исто така, и со неговото бришење. Ова не е начинот на кој новинарството и јавната дебата треба да функционираат или можат да функционираат, посебно кога се во прашање такви спорни теми.

Во исто време, аргументи како оној на Косрокавар мора да бидат робусно оспорени. Тврдењето дека секуларизмот и богохулието помагаат во радикализирање на исламистите е погрешно и опасно. Франција сериозно страдаше од исламистичкиот терор - 267 луѓе загинаа во терористички напади од 2002 - меѓутоа далеку од тоа дека таа е уникатна мета. Една недела по убиствата во Ница следуваше исламистички терористички напад во Виена, каде четворица беа убиени. Австрија, за разлика од Франција, има многу строги закони за богохулие, кои можат да бидат искористени и за криминализирање на критиките на исламот. Меѓу нападите во Ница и Виена се случи терористичкиот напад во Кабул и Пешавар, врз студенти и на час по Куран. Големото мнозинство на џихадистички убиства се во муслимански мнозински држави со неподносливо стегнати закони против богохулие. Секуларистите и „богохулите“ во Бангладеш, Пакистан, Саудиска Арабија, Иран и на други места долго време се мета на смртоносни напади, и од џихадисти и од власти. Ова се луѓето кои се предадени од западните критичари на богохулието.

Да се каже ова не значи дека човек затоа треба да го брани Макрон или неговите политики. Бидејќи овие политики, како и добар дел од францускиот одговор на Исламот или тероризмот, се исполнети со хипокризија и нелиберализам. И покрај целото инсистирање на наклонетост кон слободата на говорот, Франција има строги закони против говор што се смета за неприфатлив, од негирање на Холокаустот до навреда на француското знаме. Ги има криминализирано и оние што повикуваат на бојкот на Израел. Ги забрани протестите против Шарли Ебдо, а по масакрот на редакцијата на магазинот во 2015, десетици муслимани беа уапсени заради изразување симпатии кон убијците, вклучително и детето кое на Фејсбук објавило цртеж што го исмејува магазинот. Предложениот закон е закана за академската слобода во име на „вредностите на републиката“. Друг закон би забрани секое снимање на полицијата во кое полицајците би можеле да бидат идентификувани.

Полициската бруталност против оние од Северноафриканско потекло исто така е добро документирана. Постои длабоко всаден расизам во бројни сфери на општествениот живот од вработување до домување, меѓутоа бројките се ретки имајќи ја предвид француската одбивност кон собирање етнички податоци. Одбивањето да се гледаат бои премногу често се користи за прикривање на слепилото кон расизмот.

Расизмот и двојните стандарди не можат да се решаваат со попуштање пред оние кои сакаат да се ограничи говорот или правото за богохулење. Ниту слободниот говор може се засили, ниту тероризмот да се спречи, преку игнорирање на двојните стандарди, расизмот и нелиберализмот во бројните политики на Макрон.

Борбата за слободен говор, во одбрана на секуларизмот, против расизмот и за засилување на анти-терористичките мерки се неразрешливо поврзани. Треба да се даде отпор на себе-цензурирањето во реагирањето кон исламистичката закана. Исто и кога себе-цензурирањето е реакција при незадоволството на демократските лидери.

Кенан Малик,
Гардијан

9 ноември 2020 - 17:22