Во 2004, американскиот економист Џереми Рифкин го пишува бестселерот „Европскиот сон“ каде тој прогласува дека 21-от век ќе и припадне на Европа - и дека тој дури и ќе зависи од неа. Според Рифкин, Европа која е обединета од идејата за „единство во различноста“ ќе биде најефикасниот одговор на глобализацијата. Европа требаше да претставува нова „глобална свесност“ и „слобода од ропството на материјализмот“ кое ќе биде “заменето со емпатија“.
Сите знаеме како ова заврши. Материјалистичките Соединети држави, кои Рифкин очекуваше дека ќе бидат засенети од Европа, беа поспособни во справување со финансиската криза. Брегзит, кризите во Грција и Каталонија, и имплодирањето на демократијата во Централна и Источна Европа ги истакнаа недостатоците на единството во различноста. А непријателската реакција на европските општества кон бранот мигранти кои бегаат од војните и гладот демонстрираше дека емпатијата не успеа да го надмине материјализмот.
Грешката не беше кај Европа, туку кај Рифкин. Европа не беше, и не е, на пат да успее. Всушност, како што се ближи крајот на 2019, ЕУ и понатаму изгледа беспомошна и откажана од справување со своите најголеми предизвици: комплетирање на економската и политичката интеграција на блокот, создавање на заедничка одбранбена политика, па дури и заштита на основните стандарди на владеење на правото.
На пример владата на Полска реагираше на одлуката на Европскиот суд на правдата во однос на прекршувањето на независноста на судството во земјата, со тоа што воведе закон кој ќе дозволи судиите во земјата да бидат сменети заради критикување на прекршувањата на полскиот Устав. Кога лидерите на полската владејачка партија порачуваат дека „оваа каста мора да биде дисциплинирана,“ тогаш што може ЕУ да направи?
Анализата на Рифкин не се фокусира многу на Кина, чиј подем како глобален лидер не е на сметка на САД, туку на ЕУ. Кина наскоро ќе биде најголемиот извозник во светот, и е најголем производител на електрични возила, и наскоро ќе ја мине Германија и ќе стане глобален лидер во автомобилската индустрија. Американската позиција како водечка воена, финансиска и иновациска сила во светот за сега не е загрозена. САД претходно издржа слични предизвици од Германија и Јапонија во секоја од овие области, и веројатно ќе успее да се спротивстави на заканата од Кина. Ама Европа веројатно нема да може.
Всушност ние сведочиме на голема замена на улогите меѓу Европа и Кина споредено со 19-от век. За Кина, 1800-те се „доба на понижување“. период во кој таа е инфилтрирана од француските, британските и германските империи, како и од Русија и од САД. Овие странски сили наметнуваат понижувачки трговски договори, ја потчинуваат и експлоатираат Кина економски, и ја контролираат политички.
Денес, ЕУ се повеќе наликува на Кина од 19-от век: се уште богата империја која не може да биде окупирана од други, но е доволно слаба за да биде инфилтрирана и експлоатирана. Кина во меѓувреме ја презема поранешната улога на Европа, па нејзините компании се повеќе навлегуваат во европската економија и го шират своето влијание.
Кинеските инвеститори ги купуваат најдобрите европски фабрики (вклучувајќи го и бисерот на германската роботика, КУКА) и нејзините најголеми пристаништа (вклучувајќи го Дуисбург во Германија, најголемото речно пристаниште во светот, и Пиреа во Грција). Тие потпишуваат нерамноправни економски договори и постепено ја освојуваат ЕУ, почнувајќи од најслабите алки, односно Источна и Јужна Европа - и посебно Унгарија, Грција и Португалија.
Уште полошо е што нема реакција од Брисел. Има еден расклатен план за создавање на европски индустриски шампиони, но тој е блокиран од страв дека ги прекршува правилата на ЕУ за конкурентност. ЕУ не знае што да прави, вклучувајќи ја и 5Г инфраструктурата која ја градат кинески компании.
Згора на ова, заглушувачки е молкот на европските лидери околу прашањата за човековите права. Додека граѓаните на Хонгконг протестираат, а американскиот Конгрес носи закон со кој може да се стават санкции на кинески функционери за прекршување на човековите права, Европа се дуе и „повикува двете страни да се воздржат од агресија“.
Европа може само да гледа од трибини, бидејќи таа нема некој аргумент. Трансатлантското единство исчезнува, а ништо ново не се појавува на неговото место. Дури и соработката меѓу европските разузнавачи е измама: новинарите знаеа кој го уби поранешниот чеченски бунтовнички командант во Берлин во август, пред тоа да го дознаат германските политичари.
Ако оваа стагнација продолжи, единственото прашање е дали Европа ќе стане сателит на САД или на Кина. И на крај, тоа ќе биде одлучено вон Европа. Ако изолационизмот победи во Америка, Европа ќе стане кинески сателит. Ако САД задржи конфронтациски став во однос на Кина, Европа ќе остане зависна од Америка.
До неодамна Европа можеше да се надева да му биде партнер на САД. Но сега тоа изгледа се повеќе неверојатно - не само заради „Америка прва“ инстинктот на Трамп, туку и како резултат на сопствените неуспеси на ЕУ. Соочени со Кина во подем, европската пасивност не е ништо помалку проблематична од непредвидливоста на Трамп.