Европејка од втор ред за светот по брегзит

За оние од нас кои израснаа зад Железната завеса со соништа да имаат вистински џинс, гласањето во Британија остава чувство на лично отфрлање.

Во 1990 моето семејство возеше 200 километри од тазе пост-комунистичка Прага до чехословачката граница со Австрија. Проблематичните рестрикции за патување само што беа кренати, и ние за прв пат одевме на одмор на Западот. Имав 10 години и, иако редот автомобили на границата беше неколку километри, и иако се препотував на задното седиште на нашата жолта Шкода, јас целото патување го минав во состојба на неверување од нашата неверојатна среќа.

Додека завршив четврто одделение, слушав приказни за луѓе што биле убиени обидувајќи се да го напуштат затворот што тогаш претставуваше Источниот блок; последниот што го изгуби својот живот на чехословачката граница беше дете, момче нешто помладо од мене, кога неговото семејство се обиде да избега од Источна Германија. И тогаш, наизглед преку ноќ, стариот рестриктивен систем почна да се распаѓа. Во 1989, откако Унгарија дозволи група Источногерманци да премине во Австрија, која беше дел од Западот, голем дел од нивните сограѓани се надеваа дека ќе го следат нивниот пат. Одеднаш, десетици илјади источногермански бегалци ја преплавија Прага, спиејќи во приправени шатори во историскиот центар на градот, веднаш до нашиот дом, пред да продолжат со своето патување.

Да ти дозволат да минеш државна граница, беше едно од најголемите соништа.

Облечени во нашите најдобри алишта сакајќи да оставиме добар впечаток на првото патување, вежбавме културни германски фрази меѓу нас во автомобилот, подготвувајќи се за нашиот грандиозен прием на Западот. Меѓутоа кога конечно ни беше дозволено да ја минеме границата, во првите неколку места во кои влеговме на австриската страна веќе имаше закачено знаци на кои со големи букви пишуваше: ЧЕСИ, НЕМОЈТЕ ДА КРАДЕТЕ!

Остатокот од патувањето гледавме да сме што е можно потивки во јавност, за никој да не нè чуе дека зборуваме словенски јазик, и да се надеваме дека никој нема да ги види нашите чешки регистрации. Како што возевме се подлабоко во Западна Европа, копнежот само се зголемуваше. Сигурно ќе сретнеме некого, некаде, кој нема да може да примети дека сме само Чеси?

Секако, навикнати сме да се чувствуваме како граѓани од втор ред. Ова е вградено во нашето воспитување и култура. Ние Чесите, како и останатите од Централна Европа, со децении живеевме со чувство на неуспех затоа што не можевме да се ослободиме од советската власт, вклучително и нејзината апсурдна, назадна, и сурова политика.

Дури и пред крајот на комунизмот, моите пријатели и јас претпоставуваме дека полиците во продавниците не треба да бидат празни, дека тоалет хартијата не треба да биде луксуз, и дека сигурно има поубави начини на кои 8-годишник може да го минува времето отколку да стои во детска униформа и да стражари пред про-советски споменик. (Ова беше една од моите должности како пионер.) Нашите родители, и покрај строгата цензура, ги имаа своите пиратски копии од романите на Орвел. Никој од нас не се сомневаше дека Европа што тогаш ја знаевме беше на погрешната страна на Железната завеса.

Чувствуваме дека Западот е подобро место: исполиран, богат и слободен. Моите другари дури имаа и сленг за нешто кул: ако нешто беше навистина одлично, тоа беше "британско." Секако, знаевме дека ова треба само тивко да го изустуваме, бидејќи секој пофален збор за Западот може да биде чуен од учителите и тоа да им направи проблем за нашите родители. Ние бевме најголемите фанови на Западот, како играчи што никогаш не успеале да заиграат за омилениот тим ама продолжиле да навиваат за него од трибините. Или како играчи продадени на друг тим, наспроти нивната волја, затоа што не биле доволно важни.

Вацлав Хавел стана претседател во 1989-та, а последниот советски војник ја напушти Чехословачка во 1991. Државите во мојот регион беа нестрпливи да се приклучат кон НАТО и Европската Унија, и најголемиот дел од 1990-те ги минаа правејќи реформи и молејќи го Западот да ни се приклучи. За среќа на оние што сакаа да гледаат кон Европа, Русија, преокупирана од сопствената економска имплозија, беше зафатена. Чешката република му се приклучи на НАТО во 1999, а на ЕУ во 2004. Меѓутоа препознатливите долги редови на граница траеа низ моите 20-ти години, а цариниците детално проверуваа дали Чесите - и Унгарците, Словаците и Полјаците - на пат кон италијанските плажи имаа доволно пари со нив или дали се вистински сопственици на нивните автомобили, бидејќи ЕУ Шенген зоната која гарантираше слободно движење за сите лица не беше отворена се до 2007.

Постојат критики - некои неосновани, некои целосно легитимни - што луѓето во мојот регион, како и сите останати, денес ги имаат за ЕУ. Меѓутоа отвореноста во рамките на Европа и меѓу Европејците е највредното нешто на нашиот континент. Ова ни дозволи комплетно да се вклучиме во Европа, да тргуваме, произведуваме, купуваме, продаваме, движиме, љубиме, учиме и заработуваме. И повеќе од Германија, Франција и Данска, Британија беше земјата што со години ни даваше препознатлива музика, филмови, хумор и литература, и беше најпривлечна за мене и за моите пријатели. Имаше одлични скандинавски бендови и холандски диџеи, меѓутоа Адел, Ролинг Стоунс, и Пол Меккартни продаваат огромни арени, се уште. Британија ја има културата во која моите сонародници и јас, во отсуство на наши сопствени регионални идоли и современи културолошки гиганти, се угледувавме. Англискиот е вториот јазик кој ние сега најлагодно го зборуваме.

Како резултат на ова сите оние кои сакаа да си ја пробаат среќата во странство, голем број Чеси, Словаци, Полјаци и другите соседи, чувствуваа дека Обединетото кралство или Ирска беше најлогичен избор. Лондон нуди можности во секое поле што можеш да го замислиш. Исто така на мулти-националните парови им даваше шанса да успеат, што другите европски престолнини ја немаат. Работам на меѓународен развој, а маж ми во технолошката индустрија: со среќа нека ни е наоѓањето компетитивно работно место за двајцата во Рим.

За мене е тешко да не го сфаќам лично британското одбивање да останат во отворена Европа. Анкетите покажаа дека одлуката мнозински е поддржана од отпорот кон имиграцијата, и дека некои од регионите со најголема поддршка за брегзит се истите во кои има најголема концентрација на Полјаци, Романци и други Европејци од Источна и Централна Европа. Пластифицирани плакати испишани со "Доста ни е од полската напаст" и "Ѓубриња одите си дома" најдени се во Кембриџшајар по гласањето, а Дејли Мирор само што го објави алармирачкиот наслов "Брегзит ќе предизвика наплив на имигранти, како што 500.000 источно-европејци ќе пристигнат пред затворање на гранците."

Сега изгледа како Европејците од втор ред - Европејците кои шверцуваа музички плочи и соништа да имаат вистински џинс, додека се криеа од кодошите и цензорите - не се добредојдени во Европа во која мислевме дека дојдовме да ја споделуваме. Ова не мора да биде отпечатено со големи букви за да биде очигледно.

Меѓутоа луѓето на улиците во Прага, Братислава и Варшава разбираа и една друга работа. Дестабилизирана ЕУ, свртена кон самата себе никому не му одговара освен на Русија, која никогаш не престана нашиот регион да го гледа како област за присвојување. Литванија, Латвија и Естонија, па дури и Полска, се загрижени за нивната долгорочна безбедност. Имајќи предвид дека за држава како мојата, последните две и пол децении се најдолгиот период на слобода во модерната историја, тоа што не сме окупирани не го сфаќаме здраво за готово.

Навистина е обесхрабрувачки што ние сме тие, заедно со другите имигранти, кои британските гласачи ги сметаа за закана за стабилноста.

Како што Хавел истакна, сомневањето во самите себе е особината што ги дефинира Чесите. Некои велат тоа е анксизоноста. И покрај моите најголеми напори, ни најмалку не можев подлабоко да се скријам во Европа.

Сузана Боемова
Атлантик 

4 јули 2016 - 17:23