Урсула фон дер Лајен неодамна изјави дека Европа мора да размислува и делува геополитички. Во право е, но судејќи според неодамнешните настани, геополитички ефикасна ЕУ нема да се случи во скоро време.
Беше доволно лошо и пред Ерменците и Азербејџанците повторно да почнат да се борат околу Нагорно-Карабах. ЕУ се соочува со криза на северот (Белорусија), истокот (Сирија и тензиите на истокот на Медитеранот), југот (Либија) и западот (брегзит) и се измачува да одговори на која било од нив. Да бидеме фер, сите овие проблеми се комплицирани и ниту еден нема очигледно решение, меѓутоа главниот проблем е што ЕУ не е создадена за да може да биде геополитички актер.
Ова делумно е и процедурален проблем. ЕУ не е создадена за брзина. На важни дипломатски прашања, каде што секоја од 27 земји членки може да ја блокира одлуката со вето, стекнувањето на консензус бара толку многу компромис што крајната политика најчесто губи секаква смисла и каква било реална шанса за успех. Толку многу време е потребно да се постигне оваа најверојатно неефикасна политичка одлука што кога ЕУ ќе стигне на станицата, возот веќе заминал.
Земете ја на пример кризата во Белорусија. По неколку недели плеткање, Јосеп Борел, ги свика 27-те министри за надворешни работи во Брисел за состанок кој требаше да биде климаксот на напорите на Унијата. Планот беше да се даде поддршка на белоруските протести против изборната измама и да се одврати Русија со воведување санкции на клучни поддржувачи на режимот. Меѓутоа ништо не се случи на состанокот. Владата на Кипар, избрана од отприлика 900.000 граѓани од делот на островот што го контролира, одби да наметне санкции врз Белорусија доколку остатокот на ЕУ (население од околу 440 милиони) не се согласи да наметне санкции против Турција за комплетно неповрзан спор. За 12 октомври е закажан уште еден самит. Кремљ - кој има значително влијание врз Кипар благодарејќи на длабоките банкарски и финансиски врски - сигурно се тресе.
Правилото за едногласност може да биде променето за одлуките за надворешната политика да бидат носени со мнозинство. Меѓутоа самата таа реформа бара едногласна поддршка - и тешко е да се види дека земјите членки, големи или мали, би се откажале од своето вето.
Но во прашање е многу повеќе од само процедурален проблем. ЕУ нема сопствена армија, и нејзините дипломатски служби имаат ограничени овластувања и мора да се натпреваруваат со дипломатите на земјите членки во терање на глобални настани. Германија, Франција и Италија, најмоќните земји членки на Унијата, често пати трогателно зборуваат за потребата за заедничка надворешна политика на ЕУ, меѓутоа кога ќе дојде време тоа да се спроведе тие остануваат верни на сопствените ставови и национални интереси. Италија и Франција поддржуваат спротивставени страни во граѓанската војна во Либија. Кога е во прашање спорот во кој Кипар и Грција се против Турција околу вадењето ресурси од источниот Медитеран, Франција испраќа воени бродови во областа како поддршка на гркофоните. Германија пак, која има речиси 3 милиони турски мигранти и се плаши дека Ердоган ќе започне уште еден дестабилизирачки бран на бегалци, се обидува да постигне компромис и сака полека да се разгледаат санкции кои нема да ги разлутат Турците. Ниту Париз ниту Берлин не мисли дека Борел треба да има моќ да ги решава нивните спорови.
На ниво на меѓународна дипломатија, ЕУ често пати помалку изгледа како еден ентитет кој тера своја стратешка визија отколку како група конкуренти со средна и мала моќ кои гледаат да се поткопаат еден со друг. Дури и кога ЕУ зборува со еден глас, нејзината порака често пати останува нечуена. Пораката од ЕУ не е игнорирана само од големи држави како САД, Кина и Русија, кога тоа ним им одговара. И средни сили како Турција, Израел и Иран му пркосат на Брисел со малку страв.
Додека Унијата се препира, нејзиното соседство продолжува да се распаѓа. Белорускиот лидер Александар Лукашенко сега е присилен да се сврти кон Путин за сопствен опстанок, што на Русија и дава шанса да ја повлече Белорусија во многу поблизок и многу позависен однос. Отуѓувањето на Турција од Европа продолжува да се продлабочува. Војната во Сирија главно минува како ЕУ да не постои, а никој не очекува дека Брисел ќе биде нешто многу чуен во решавањето на ерменско-азербејџанската криза. Европа ги изгуби од Кина своите позиции во Африка и не е во поволна ситуација кај Арапите од Заливот по неодамнешното зафаќање на израелската страна во конфликтот со Палестинците.
Многу е напишано за тоа како неконвенционалните, разорувачки и некогаш контрадикторни надворешно-политички ставови на Трамп ја поткопаа западната алијанса. Критичарите на американскиот претседател имаат право, меѓутоа неспособноста на ЕУ ефикасно да делува на меѓународна сцена е далеку поголема грижа - и многу потешка за решавање. Претседателката Фон дер Лајен е апсолутно во право дека на светот му е потребна геополитичка Европа, но ако има стратегијата за ова, таа се уште не е објавена.