Примерите се распространети низ цела планета од успехот на Трамп во САД, до владеењето на Ердоган, Шинзо Абе, Нарендра Моди, Бенјамин Нетанјаху, Путин.
"Верувам дека меѓународниот апсолутистички момент може да биде објаснет со три меѓусебно поврзани фактори: глобализација на економијата и појавата на џиновски, без држава мултинационални корпоративни актери; глобализација на конфликтот, манифестирана во Долгата војна (против тероризмот); и глобализација на кризите, како што е случајот со јавното здравје и заканите за околината," пишува за Кварц, професорот по историја и човечки права на Хантер колеџот, Ману Багаван.
Заради успехот на глобализацијата на економијата, која се преплетува со децении пред да почне да доминира во 90-те, глобалните корпорации "веќе се станати поголеми од кој било човек или група, а луѓето низ цел свет се сè понервозни околу ова, тие чувствуваат дека ја имаат загубено контролата над своите животи и околностите што ги формираат нивните заедници."
Оваа нервоза е надополнета со стравот за личната безбедност создаден од "Долгата војна". Стравовите се комплетираат од најразлични глобални закани како ебола или зика вирусот, во комбинација со влошените климатски услови.
"За овие закани не постојат државни граници. И дроновите и терористите лесно можат да демнат некого или да удрат некаде.
Генерацијата од Втората светска војна се соочи со сопствена криза од ваков обем и постигна лабав консензус за спречување на идни катастрофи: структури за поткрепа и промовирање на закрилничкиот концепт на човекови права дома и во странство, вклучувајќи закони, судови и договори; структури за менаџирање на политиките на Големите моќи и генералната добробит.
Секако, секое од овие решенија имаше и свои слаби страни, а поствоениот поредок имаше доста недостатоци. Меѓутоа без разлика на тоа, ваквиот поредок им даваше надеж на луѓето и создаваше чувство на безбедност. За жал, децении немарност и агресивен презир ја ослабе оваа инфраструктура до точка во која О.Н. и неговите системи сега се сметаа, во најдобар случај, за неспособни и неефикасни, и во најлош, комплетно корумпирани.
Сето ова ги остави луѓето уплашени дека добрите денови минале. Тие чувствуваат загуба на суверенитетот - на нацијата, на заедницата, и на самите себе. Стравот веројатно е најприсутен кај историски моќната претежно средна класа во секој од овие региони. Овие мнозински групи чувствуваат дека нивното влијание и досег се намалува, и се згрижени дека нивната сопствена перспектива за подобра иднина се повеќе и повеќе се намалува.
Тука на сцена настапуваат популистите ветувајќи дека повторно ќе ги вратат работите по старо со помош на брутална ефикасност и железна тупаница. Нивната воинственост влева доверба, моќните витези кои можат да заштитат и да парираат на кој било напад, додека истовремено ја носат битката пред вратата на непријателот, и внатрешниот и надворешниот.
И токму оваа последна точка е најзапрепастувачка. Проблемите истакнати тука се систематски, глобални и аморфни. Тие се решливи, ама не лесно, и не веднаш. Многу е полесно да се најде виновник, што е објаснување зошто сме сведоци на враќањето на прифатливоста на ксенофобијата и шовинизмот. Трамп за муслиманите и хиспаносите. Путин за Украинците. Ердоган за Курдите. И така натаму.
Бидејќи она на што сведочиме има транснационален делокруг, фокусирање на Трамп, или на кој било лидер, ја промашува шумата барајќи го дрвото... Трамп и лидерите како него само се хранат од демоните. Во оваа смисла, не е важно дали републиканскиот кандидат ќе победи или ќе изгуби на изборите во Америка; тој веќе помогна да се развие и да се засили американскиот огранок на едноумното меѓународно апсолутистичко движење. И тоа треба сите да нè замисли," пишува Багаван.