Трансферите се турски сапуници за мажи.
Без оглед колку сум стар и колку долго следам фудбал, мислам дека никогаш нема да ми биде јасна таа фасцинација со гласини, трачеви и сосема очигледно фабрикувани ’вести“ од типот „нема да верувате, не е нормално колку милиони европскиот великан нуди за Меси“. Јасно ми е зошто излегува таквото ѓубре- затоа што очигледно постои публика која го конзумира - но не можам да го замислам ниту типот ниту интензитетот на мотивацијата која би ме натерала да прочитам нешто такво.
Но, нè има секакви.
Коментаторот Метју Суед од Тајмс неодамна во колумна во која зборуваше за лажните верности на фудбалските ѕвезди кон своите клубови ја отвори со реченицата: „Мислам дека мораме да признаеме дека критична маса љубители на фудбал е глупа“. Тоа би можела да биде една од причините зошто луѓето пасионирано следат гласини за трансфери, но сосема сигурно не е и единствен. Би рекол дека за голем број луѓе тоа е само забава - како треш серии, филмови со Адам Сендлер или добар дел од поп музиката. Можно е да ес биде сосема свесен дека нешто е глупо па сепак во тоа да се ужива. Го почитувам тој концепт, понекогаш и самиот му се предавам, но пак не ми е јасно како е можно побарувачката за тој специфичен вид забава да е толкава што новостите од фудбалската тезга попримиле толку апсурден, карикиран облик и џиновски опсег.
Се смета дека ’воденицата’ во која се мелат гласините за трансфери, барем во форма речиси идентична со денешната, ја измислил Руперт Мурдок. Всушност поверојатно е дека тоа не бил тој лично, туку некој негов главен медиумски креативец по име Лери Лемб. Сè почнало кон крајот на 1960-тите, и тоа најпрвин од чиста нужда, но набргу се покажало дека гладта на публиката за такви приказни е незаситна и така монструмот заживеал.
Имено, денешниот контроверзен австралиски могул во тоа време настапил на британскиот медиумски пазар. Најпрвин го купил сензационалистичкиот неделник Њуз оф д Ворлд (оној чии насловни красеа приказни за откритие на луѓе со големина на мравки во Конго и слично), а потоа и Д Сан, до тогаш прогресивен дневен весник со левичарска политичка ориентација, кој западнал во сериозни финансиски потешкотии. Мурдок и неговиот уредник Лемб биле на мислење дека во новинскиот бизнис е важна единствено продажбата и ништо друго, макар таа и одела наспроти интегритетот, интелигенцијата или здравиот разум. Оттаму го ребрендирале Сан како национален таблоид и ја преместиле редакцијата од Манчестер во Лондон - во самиот епицентар на новинското издаваштво, каде во Флит Стрит и Бувери Стрит биле сместени и речиси сите други битни редакции, како и печатниците. Истото неколку години порано го направил и неспоредливо посериозниот Гардијан, чии корени се исто така во Манчестер.
Но, таквата концентрација на бизнисот и големиот пораст на новински издавачи во тие години за кратко довеле до преоптоварување на печатарите. Сан на Мурдок се нашол во ситуација своето прво издание, она кое се продавало на киосците низ цела земја, да го финализира пред да завршат натпреварите од домашната фудбалска лига. За весник кој првенствено им се обраќал на читателите од работничката и ниската средна класа - токму на оние меѓу кои продажбата на весниците бележела најголем раст - тоа бил огромен проблем. Фудбалот бил еден од столбовите на животот на тие луѓе и за нив било незамисливо во весниците да не можат да ги најдат резултатите од вчерашните натпревари.
Мурдок и Лемб на тоа се обиделе да реагираат со привремено и импровизирано решение. Во невозможност навремено да се објавуваат фудбалските извештаи, Д Сан страниците ги полнел со приказни од сопствени ’проверени извори’ за можноста за трансфер на фудбалери од клуб во клуб. Тие во подоцнежните изданија биле заменувани со класични извештаи за утакмиците. Со оглед на тоа што во тоа време во Англија не постоел рок на премин, туку трансферите биле можни во текот на целата сезона, тоа значело и дека ’воденицата’ може постојано да меле.
Кога газдата на крај купил сопствена печатница и ги укинал тие содржини, дошло до масовна побуна на читателите кои штрајкувале заради тоа. Мурдок сфатил дека народот се навлекол, ги вратил тие приказни и уште дополнително ги засилил, создавајќи манија која со годините ќе нарасне до невидени размери и ќе се прошири по другите медиуми и земји.
Можно е дел од луѓето да се бунел просто заради сопствената глупост. Но, мислам дека е поверојатно сите да биле сосема свесни дека во поголемиот дел од тие гласини нема никаков темел во стварноста, но сеедно ги прифаќале затоа што им биле забавни.
Освен со сапуница, рокот на премин - односно неговото следење во медиумите - можеме да го споредиме и со оргии, затоа што се работи за меѓусебно консензуално општење на неколку страни: играчи, тренери, клубови, агенти, медиуми и фанови. Сите - добро, речиси сите - се свесни дека тука главно се млати празна слама, но тие имаат и некој интерес: кревање на цената, борба за подобра позиција во преговорите околу новиот договор, купување време или свртување на вниманието од стварните проблеми, подобрување на продажбата на весници или лов на кликови и така натаму, и така натаму.
Проблемот е само во тоа што фановите се единствените кои се исклучиво конзументи, односно пасивни приматели во туѓи оргии. Но, и тоа делумно се промени со порастот на социјалните мрежи, затоа што сега кој било може да покрене профил посветен исклучиво на пренесување на ’проверени’ информации за трансфери и да трола колку што сака. Ако е доволно интелигентен и упатен, и има доволно среќа како слепа кокошка понекогаш да надене некое зрно, може дури да дојде до тоа ниво да почнат да го сметаат за релевантен извор, без да има запознаено ниту еден играч или агент за кои пишува. Се случувало, не еднаш.
Затоа што она што некој безимен трол го прави на Твитер или Фејсбук во добар дел не е битно поинакво од она што го прават медиумите: тој пренесува непроверени информации, гласини од трета, четврта или шеснаесета рака, по нешто измислува и сам, од ништо. Кога ќе објави некоја драстична глупост, луѓето во поплавата од информации тоа ќе го заборават веќе следниот ден, или воопшто нема да им биде битно затоа што само сакаат да прочитаат дека играчот А преминува во клубот Б за В милиони.
Границата помеѓу информацијата и забавата денес веќе не е јасно дефинирана. Всушност тоа е еден од темелите на кои е изградено медиумското царство на Мурдок...И не само неговото.
Институционализираното тролање е темел и на хрватската медиумска сцена - особено на нејзиниот можеби најатрофиран и девалвиран дел - фудбалското новинарство. Него, за жал, го среќаваме на секојдневна база и речиси во секое подрачје на тој фах: се работи на тоа со насловите и со тонот да се предизвика емотивна реакција на читателот, да се сврти внимание од вистинските теми затоа што за нив новинарите или не знаат многу или не се осудуваат/не смеат да пишуваат, да се потпали еуфорија, депресија или бес, што подгрејува некои од постоечките поделби во општеството или создава атмосфера на линч.
Тоа е доминантниот дискурс кој воспитува нови тролови; диктатурата на медиумскиот тролетаријат создава нација на шизофрени тролови. Гласините за фудбалските трансфери, на начин кој се презентираат во домашните медиуми, всушност се само релативно безопасен дестилат на таа медиумска филозофија - нуспроизвод на стратегија кај која интегритетот и здравиот разум се само на резервна клупа.
Aвтор: Александар Холига