Во периодот пред војната во Ирак, британските медиуми го повторуваа тврдењето „45 минути“ – толку време му требало на непостоечкото оружје за масовно уништување на Садам Хусеин да го погоди Лондон. Сензационалистички написи како „Британците се на 45 минути од пропаст“ (Сан) или „Инспекторите на ОН откриваат докази за плановите на Садам за нуклеарна бомба“ (Сандеј телеграф) му помогнаа на тогашниот премиер Тони Блер да го оправда вклучувањето во инвазијата.
„Зашто треба да одиме во војна“ беше наслов на статија во Гардијан од 2003 година, во која од либералните читатели се бараше да ја поддржат одуката на Блер. Откако инвазијата почна, се пишуваше дека „народот на Ирак е ослободен од ужасна тортура и тиранија како резултат на акцијата на САД и Британија“.
ББЦ беше нападната од владата откако изрази загриженост дека разузнавачкото досие за оружјето за масовно уништување на Ирак било „изменето“ од страна на кабинетот на премиерот. Дури во 2016 година извештај потврди дека Блер и неговиот директор за комуникации ја преувеличиле заканата од Садам и дека разузнавачките агенции дале неточни информации за наводното оружје за масовно уништување.
Во 2026 година се повторува истото сценарио. Откако САД и Израел објавија дека почнале „превентивен напад“ поради „непосредна закана“, Тајмс објави сторија со наслов „Колку е блиску Иран до изградба на нуклеарно оружје?“. Скај њуз ги нарече иранските ракетирања врз Израел „хорор приказна“, но не употреби такви изрази за да ја опише состојбата на бомбардираните Иранци. Телеграф, оправдувајќи ги нападите, ги обвини критичарите за „бришење на историјата на теророт на иранскиот режим“.
Разликата е тоа што кампањата за Иран е пофрагментирана во споредба со онаа за Ирак, бидејќи администрацијата на Трамп сè уште не објаснила зошто ја почнала војната.

Типичен пример е американското ракетирање на училиштето во Иран во кое повеќето од 168-те жртви беа девојчиња на возраст од 7 до 12 години. Главните медиуми известуваа со огромна доза на претпазливост, воздржувајќи се да ги наведат агресорот и импликациите. ББЦ пишуваше за „пријавен напад врз училиште“. Првиот западен медиум што го скрши мразот беше „Њујорк тајмс“ кој ги посочи САД како „веројатни виновници“, иако Вашингтон се уште не ја прифатил одговорноста.
Инвазијата на Ирак во 2003 година следеше по шокот од 11 септември, кога голем дел од западната политичка класа и медиумите се собраа зад единствен безбедносен наратив за Садам Хусеин, вели Али Алави, предавач по блискоисточни и ирански студии на лондонската Школа за ориентални и африкански студии. Администрацијата на Трамп сега постојано ги ротира наративите за целите на војната во Иран – од промена на режимот преку спречување на нуклеарните капацитети до отстранување непосредна закана.
Последиците од авантурата на Блер во Ирак - британските воени загуби, огромните ирачки цивилни жртви, отсуството на оружје за масовно уништување - придонесоа за повнимателен одговор од актуелниот премиер Кир Стармер за војната на Трамп против Иран.
И јавноста извлекла поуки од 2003 година. Неодамнешната анкета на YouGov покажува дека мнозинството (59%) од Британците не ја одобруваат војната против Иран, а само 8% сакаат Британија „активно да се придружи“ на нападите. Повеќе од половина од Американците исто така се спротивставуваат на војната. Против испраќање копнени трупи се дури 74%, според анкета на Quinnipiac.
Јасен факт е дека медиумите не ги претставуваат овие ставови на граѓаните и во голема мера им служат на најголемите јастреби во владата. Овие гласови создаваат какофонија од бучава дека мора да преминеме на воена состојба и да го зголемиме буџетот за одбрана, дури и ако тоа значи уништување на јавните услуги, вели Дес Фридман, професор по медиуми и комуникации на Универзитетот Голдсмитс.