Трамп планира да испрати војска во Иран?

Доналд Трамп ја разгледува опцијата за испраќање копнени сили на иранскиот остров Харг за да го заземе терминалот преку кој Техеран управува со извозот на својата нафта. Тоа, според Белата куќа би било „економско соборување на режимот“ во Иран, но го зголемува ризикот од американски жртви и одмазднички напади врз нафтените постројки низ Блискиот Исток.

Десантот е опција во сценарио ако Иран продолжи да го блокира Ормускиот Проток, преку кој поминува една петтина од глобалната трговија со нафта. Трамп не донел никаква одлука, но „тоа може да се промени“ ако протокот остане блокиран, изјавил висок функционер од Белата куќа за порталот Аксиос.

Претседателот нема да чека и нема да им дозволи на Иранците да го диктираат темпото на војната, забележал изворот.

Американските сили во саботата го бомбардираа островот Харг и тврдат дека ги уништиле сите воени позиции, но не ги погодиле нафтените инсталации. „Ги оставивме само цевките“, изјави Трамп. Тој се закани дека ако продолжи иранската блокада, ќе биде ракетирана и нафтената инфраструктура.

Можеби ќе го нападнеме уште неколку пати само за забава, изјави завчера Трамп за NBC News.

Харг е оддалечен 26 км од брегот на Иран, околу 500 км северозападно од Ормускиот Проток. Додека Револуционерната гарда пука кон танкерите и товарните бродови што се обидуваат да поминат низ протокот, Иран преку Харг продолжи да извезува сурова нафта. Откако почна војната пред две недели, ирански танкери пренесувале помеѓу 1,1 милион и 1,5 милиони барели нафта на ден.

Евентуалниот десант врз островот би бил операција „со голем ризик и голема награда“. Освен што маринците би биле на нишан близу до Револуционерната гарда, се очекува Иран да возврати со одмазднички напади врз нафтените постројки и цевководи низ земјите од Заливот, особено во Саудиска Арабија.

Републиканскиот јастреб во Сенатот, Линдзи Греам, ја поздрави намерата на Трамп за окупирање на островот Харг.

Ретко кога во војна непријателот ви обезбедува една цел, како островот Харг, која би можела драматично да го промени исходот од конфликтот. Оној што го контролира островот Харг, ја контролира судбината на оваа војна, напиша Греам на X.

Опцијата „чизми на терен“ се спомнуваше и пред една недела, во врска за испраќање специјални сили длабоко во Иран за да воспостават контрола врз иранските залихи на високо збогатен ураниум. Трамп тогаш ја отфрли како „непотребен ризик“.

Но,  Волстрит џурнал во петокот објави дека десантниот брод „Триполи“ и неговата 31-ва морнаричка единица со вкупно 5.000 маринци и морнари тргнале кон Блискиот Исток од базата на јапонскиот остров Окинава. Ќе им требаат најмалку 10 дена за да стигнат до Персискиот Залив.

Оваа единица вклучува елемент за копнена борба од три стрелачки чети и дополнителна чета со противтенковска и минофрлачка опрема – вкупно 800 борбени пешадијци, поддржани од борбени авиони Ф-35Б „невидливи“ за радарите.

Вашингтон егзаминер сугерира дека на Блискиот Исток може да бидат распоредени и елементи од далеку поголемата 1-ва морнаричка експедициска сила, со цел да се воспостават упоришта на стратегискиот ирански остров Кешм, покрај Ормускиот Проток. Таква позиција би ги намалила најнепосредните закани од ракети и беспилотни летала за поморскиот сообраќај и би овозможила поморска придружба на танкерите и товарните бродови.

16 март 2026 - 10:37