Го започнав бавниот процес на одвикнување од платформата методолошки стартувајќи скрипти кои ќе ги избришат моите стари содржини. А многу ги има. Има и лајкови и споделувања. Има долги постови кои сум ги напишал за да ги импресионирам пријателите. Имам илјадници Вордпрес нотификации што му кажуваат на светот што правам. Всушност, би се кладел дека Фејсбук повеќе го користам за да го ширам моето его, отколку за да разговарам со вистински луѓе. И се мислам дека најголемиот дел од нас се во иста ситуација.
Има и систем за моето лудило. Ми се допаѓа Фејсбук Месинџер и ми се допаѓа како Фејсбук стана глорификувана верзија на Оаутх (можноста на други веб-страни да се зачлениш со Фејсбук профилот). Тоа е корисна алатка кога ќе ја соголиш нејзината моќ. Но, кога е подмачкана со моите лични детали, таа е оружје и одговорност.
Вака гледај ги работите: секој пост што е постар од околу една недела е храна за ботови и штетници. Постови од 2016? 2017? Што ќе ти се? Никој нема да ги прочита, на никого не му е гајле за нив. Сите оние автоматски постови „ти и Џо се знаете 5 години“ се интересни, ама на никој не му е гајле за нив. На крај ти си го создал најголемото досие за самиот себе и тоа си го направил бесплатно, дури и со задоволство. Ова досие има што ти се допаѓа, што не ти се допаѓа, твоите чувства и политичка наклонетост. Вклучува јасни слики од твоето лице од сите агли, слики од твоите миленици и семејството, детали од твоите патувања. Ти му даваш на светот непречен пристап до твојот живот. Прекрасно е да се замислува дека овие податоци ќе бидат искористени од потенцијален партнер/ка кој/а ќе се заљуби во твојот стил. Прекрасно е да се замислува дека ти ќе го скролаш Фејсбук на 80 години и ќе се воодушевуваш како си изгледал на почетокот на векот. Прекрасно е да се замислува дека Фејсбук е место на кое се споделуваат идеи, соништа, и надежи, машина за спојување луѓе која дава повеќе отколку што одзема.
Ништо од ова нема да се случи.
Фејсбук е сервис за собирање податоци кој сака да ти продава производи. Тоа е најврвниот канал за да те таргетираат по возраст, пол, географска локација, политичка наклонетост, интереси и брачен статус. Тоа е сон на секој огласувач и е многу скап во поглед на губење приватност и парите што се потрошени за крадење на оваа приватност. Тој е совршена алатка за луѓето што рекламираат, рај од содржина создадена од корисници кој сега е управуван од ѓаволи.
Дали ти ќе го избришеш Фејсбук? Веројатно нема. Дали јас? Работам на тоа. Јас веќе бришев стари твитови откако сфатив дека граничната полиција и потенцијалните работодавци можат против мене да го искористат тоа што јавно го пишувам. Јас ги чистам старите профили на социјалните мрежи, и, како што кажав претходно, бришам стари Фејсбук постови, притоа осигурувајќи се дека повеќе нема да бидам мета на компании како Кембриџ аналитика. Ама си ги сакаме нашите социјални мрежи, нели? Моќта што ја овозможуваат. Чувството на поврзаност. Во недостаток на интеракција со луѓе ние грчевито се држиме до кој било мрачен привид на истото што ни е достапен. Во недостаток на градскиот плоштад, ние зборуваме со самите себе. Во недостаток на љубов и разбирање ние се приклучуваме на бавниот бунт на онлајн индиферентноста.
Кога Травис Каланик ја водеше својата компанија (Убер) по патот на параноја, шовинизам и класно нетрпение, нашата реакција беше да ја избришеме неговата апликација. Ние не сакавме да си имаме работа со таков тип на компанија. Сепак ние немо седиме додека Фејсбук нè продава нас а неговиот менаџмент ја толчи и уништува сета конкуренција.
Би сакал да не беше вака. На овие платформи има многу добро, меѓутоа опасностите далеку ја натежнуваат користа од нив. Обиди се да ти текне кога последен пат си бил благодарен што постојат социјални медиуми. Јас можам. Се случи два пати. Прво, се случи кога на мојот „ѕид“ објавив посвета на татко ми кој почина во јануари. Напливот на поддршка кој следуваше ми беше од голема помош во тие мрачни времиња. Беше прекрасно да се видат пријатели и познаници кои ми раскажуваат свои приказни, со тоа намалувајќи ја мојата болка. Меѓутоа неколку месеци подоцна тоа чувство исчезна, и беше заменето со реклами за скапи чевли и политички тиради. Од Фејсбук мочуриштето некогаш ќе се појави бисер. Меѓутоа тој потонува подеднакво брзо.
Уште еден пример: открив, случајно, дека починала сопругата на мој пријател. Се појави во мојот фид како да е таму ставена од некоја божја рака и јас бев благодарен што се појави. Победувајќи видеа од Мистер Роџерс како кажува смешни работи и смешни слики од Трамп. Победувајќи реклами и тиради и прашања за најдобриот суши ресторан во Скрентон. Ненадејното соопштение ме остави расплакан и без здив. Со црно и сино, испишано на нејзината страница: таа замина. Имаше насмеана слика од нејзините две деца и имаше порој од тага под овие некогаш наивни фотографии. Пишуваше, замина. Таа замина. Од нејзиниот ѕид открив каде ќе се одржува нејзиниот помен и на крај се слушнав со мојот стар пријател обидувајќи се да го утешам во неговата тага. Фејсбук, во овие два случаја функционираше.
Меѓутоа Фејсбук не е единствената работа која ни го дава тоа чувство на поврзаност. Ние тоа го имаме со векови.
Фејсбук едноставно ги замени алатките што некогаш ги користевме за на светот да му ги кажеме нашите радости и таги и ги замени со евтини копии кои нè прават помалку поврзани, а не повеќе. Пред неколку децении, во едно магловито зимско утро во Краков, Полска, каде што живеев, минав покрај црквата на св. Војтех Прашки и нејзината колекција на некролози објавени на табла пред црквата. Тука ги гледаш имињата на мртвите, а понекогаш и на новородените, и таму дознаваш што се случува во твојот мал ќош од светот. Црквата не беше далеку од главниот плоштад и кога пешачев натаму размислував за бескрајната парада на луѓе што ја минале истата оваа калдрма, застанувајќи на миг во своето брзање во дворот на црквата за да видат кој умрел. Стоев во студениот воздух, опколен од векови стари цигли, и замислував кој се некогаш го населувал ова место. Ова беше место на кое ги среќаваш твоите пријатели и твоите идни партнери. Тука го славиш својот успех и ги жалиш своите неуспеси. Таму, меѓу другите луѓе, ти на светот му ја раскажуваш приказната на твојот живот. Тука сведочиш на добрина и суровост, градиш свет комплетно базиран на случувања во неколку километри квадратни.
Повеќе не. Или, барем, тие места повеќе не се достапни за најголемиот дел од нас.
Ние ги надминавме суеверијата и митологиите од минатото. Алатки како Фејсбук се направени за да нè поврзат со светот, давајќи ни речиси ангелска перспектива на дневните случувања. Дворот на црквата го заменивме со „тајмлајн“. Меѓутоа напорите неуспеаа. Ние и понатаму сме подеднакво затворени, полни со суеверие, како што сме биле и пред 100 години. Ние го заменивме пазарот со интернет меѓутоа со себе ја понесовме и целата тесноумност и цинизам. Ние и понатаму ги потценуваме аутсајдерите, и понатаму сме гневни на невидливи непријатели, и понатаму гледаме пријателите да се близу нас и се плашиме од она што се наоѓа надвор од нашата врата. Само сега го имаме цел свет на кој можеме да го рефлектираме нашиот страв.
Не мора да биде вака. Можеби еден ден ќе ги добиеме алатките потребни за интеракција со светот. Можеби тие веќе се тука а ние само не знаеме како да ги искористиме.
Се додека не ги најдеме, веројатно за нас е подобро да ги избришеме оние што денес ги користиме.